Македонија

Мицкоски: Очекувам силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ

Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите

Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, како и суштински дискусии и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес во Црна Гора.

– Денеска очекувам многу силни пораки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. Секако, тука ја вклучувам и мојата земја. Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите – изјави Мицкоски пред почетокот на Самитот.

Тој најави дека во своето обраќање ќе ја истакне силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција, посочувајќи дека Владата и во иднина ќе продолжи да дејствува во таа насока.

– Во моето обраќање ќе ја претставам и ќе ја пренесам пораката за силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција. Практично, такво е и досегашното дејствување на мојата Влада и ќе продолжиме да се движиме по тој пат и во иднина – истакна Мицкоски.

Тој се осврна и на актуелните глобални предизвици, меѓу кои ги посочи војната во Украина, војната со Иран, кризата на финансиските пазари и протестите низ Европа.

– Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век: руската војна во Украина, како и војната со Иран, кризата на финансиските пазари, протестите низ цела Европа и сè што е поврзано со нив. Затоа, мораме да најдеме начин да излеземе од оваа ситуација во светот, особено во Европа, а мојата Влада е силно посветена да придонесе во таа насока – рече премиерот.

Тој изрази надеж дека денешните разговори во рамки на Самитот на Берлинскиот процес ќе бидат суштински и ќе резултираат со конкретни и плодни резултати.

Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој ќе се разговара за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија.

Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора, а покрај лидерите од Западен Балкан, учествува и канцеларот на Сојузна Република Германија, Фридрих Мерц, кој е силен поддржувач на напредокот и интеграцијата на регионот во Европската Унија.

Самитот ќе го отворат премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ и германскиот канцелар Мерц. Во рамките на Самитот ќе се одржи и пленарна сесија „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.

Германската влада соопшти дека главни теми ќе бидат економскиот раст, конкурентноста и безбедноста, додека Црна Гора за време на своето претседавање како четврт клучен приоритет ја постави зелената и одржлива транзиција.

Берлинскиот процес е меѓувладина платформа покрената во 2014 година на иницијатива на Германија, под тогашната канцеларка Ангела Меркел, со примарна цел да се забрза евроинтеграцијата и да се продлабочи регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.

Најнови вести од: Македонија

Николоски од Виена: Реализираме инфраструктурни проекти вредни до 6 милијарди евра

Николоски нагласи и дека на Македонија ѝ се потребни меѓународни пријатели и силни партнерства, додавајќи дека преку ваквите форуми се создаваат можности за нови форми на институционална соработка со европските партнери.

(Фото): Ова е најтешкиот буџет, се враќаат две милијарди евра, ќе има и поголеми плати, најави министерката за финансии

Јавниот долг заклучно со третиот квартал годинава, според податоците од Министерството за финансии, изнесува 10 милијарди 930 милиони евра или 56,6 проценти од БДП. До крајот на годината, во согласност со сегашните проекции, би требало да изнесува 11.250 милиони евра или 58,2 проценти од БДП, а државниот долг да биде 51 процент.

Уставни измени во 2001: Треба да се спречи Македонија и целосно да ја изгуби својата „македонска душа“ како држава! (3)

Ноемвриските уставни амандмани од 2001 година „инсталираа“ „фабрички дефект“ во функционирањето на политичкиот систем преку воведувањето на „консензуалната“, „договорна демократија“, предвидена да ја практикуваат „етничките поглавари“ на Македонците и Албанците. Експертите посочуваат дека таквата „договорна демократија“ ја претвори Македонија во непрогласена „двонационална држава“ со „отворена перспектива“ наместо унитарна држава да стане и „двокантонална федерација“, или можеби и конфедерација. Сегашната претседателка на Република Македонија Гордана Силјановска-Давкова учествувајќи на една научна расправа во МАНУ пред 19 години, тогаш како професорка по уставно право и уставен систем, констатираше дека „во 2001 година врз македонската држава беше спроведен рамковен и уставен инженеринг во режија на меѓународната заедница“. Силјановска-Давкова уште тогаш имаше изнесено предупредување дека е реална заканата „Македонија да стане ‘држава без душа’ (‘soulles state’).

Мицкоски за ужасниот напад врз девојката во Охрид: Жестоко го осудувам ова дивјаштво! – Сѐ ќе сториме сторителот да одговара пред правда!

Премиерот Христијан Мицкоски упати остра осуда за нападот врз младата девојка во Охрид, изразувајќи поддршка до нејзиното семејство, ветувајќи дека институциите ќе сторат сè сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.

To top