Македонија

Мицкоски: Очекувам во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како во декемврискиот, има уште време за разговори со опозицијата за изборниот закон

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека очекува во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик, за што кажа дека се уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десетиот чекор од зададениот грејс период.

– Oчекувам и во овој јунски извештај да бидеме најдобри, како што бевме и во декемврискиот извештај. Мене ме радува и охрабрува информацијата којашто вчера ја пренесе еден европски медиум дека сè погласни се изјавите од страна на високи европски политичари коишто ќе овозможат додавање на бројката за три земји од Западен Балкан 6 групата, коишто се понапредни во делот на остварување на реформската агенда. Ние веќе ги дефинираме внатре помеѓу нас приоритетите и врз основа на тие приоритети, доколку бидеме ние вклучени во тие три земји, а очекуваме да бидеме вклучени, ние тие приоритети ќе ги презентираме – рече Мицкоски, кој денеска беше на промоција на нова воена опрема во касарната „Илинден“.

Во однос на измените и дополнувањата на Изборниот законик, премиерот кажа дека текстот е целосно усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но, според него, имаме неодговорно однесување од опозицијата. Уште еднаш искажа подготвеност за разговори во делот на гласањето на дијаспората. – Но, ние сме подготвени да седнеме, повторно да разговараме во делот на гласање на дијаспората, како да го подобриме тој процес, како да ја вклучиме повеќе дијаспората. Еве, во ред, тие одлучиле дека и покрај тоа што десетици земји во светот аплицираат електронско гласање, го имам јас и естонскиот модел комплетно разработен, еве нека не биде така, од 2029-тата година од претседателските избори па натаму, тие се исплашени бидејќи велат: „И тогаш ќе бидеме опозиција“, па мислат дека некој повторно ќе им ги украде изборите. Фројд понекогаш проработува. Тие мислат дека како што тие се однесувале, така сите се однесуваат, но еве ние сме подготвени повторно да седнеме, повторно да разговараме. Гласањето на дијаспората – да најдеме модалитет да биде во обем многу поголем, со што би заштедиле пари. Еве, нека биде со писма, преку пошта, како било, да најдеме форма како да го интензивираме гласањето на дијаспората и да го направиме достапно за дијаспората. Што се однесува до сите други нивни барања, јас кажав дека ние како најголема политичка партија ќе ги прифатиме, без да дискутираме – рече Мицкоски.

Премиерот кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати барањата заокружувањето да биде само на бројката или на името, во делот на жалбите по завршување на изборот… – Јас би сакал да бидеме 10 од 10. Имаме време до кај 15-ти јули, некоја недела имаме плус, да седнеме, еве подготвени сме уште еднаш да се обидеме да најдеме начин како да го надминеме ова коешто, преку своето неодговорно однесување, го прави опозицијата – рече Мицкоски.

Што се однесува до парите, рече, досега имаме ослободување на нешто над 140 милиони, а со овие стотина што би можеле да ги очекуваме ќе дојдеме до 240. Мицкоски појасни дека една третина од нив е за ликвидност на Буџетот, а останатите две третини се грант или мек кредит којшто ќе почне да се исплаќа од 2032-рата година за проекти коишто се капитални инвестиции. Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот кажа дека околу либерализацијата на пазарот на електрична енергија, Владата усогласи одлука со АД ЕСМ која помина на владина седница заедно со Европската комисија, дека, стартувајќи од 1 јануари 2027 година, количините коишто АД ЕСМ ќе ги испорачува кон универзалниот снабдувач, во случајов ЕВН Хоум, нема да надминуваат 70 отсто.
 
– И согласно разговорите коишто ги имаме со Европската комисија, очекуваме овој чекор биде прифатен како исполнет – рече премиерот. На пленарна седница помина и законот за трговски друштва каде државата е доминантен сопственик или има учество во во капиталот на друштвата, а изгласан беше и регистарот на таквите трговски друштва. – Истото ова за кое што сега зборувам е усогласено со луѓето од страна на Европската комисија и очекувам и овој чекор да биде исполнет, така што доаѓаме до бројката 9 – рече премиерот.

Запрашан како ќе се користат средствата од Планот за раст, тој објасни дека од она што досега е добиено, дел е префрлено во Буџетот, за буџетски потреби, а останатите средства стојат резервирани за капитални инвестиции што се дел од индикативната листа што претходната влада ја усогласила со Европската комисија. – И ние мора да ја следиме таа индикативна листа, така ќе продолжиме и понатаму. Што значи тоа? Тоа значи дека ако овие стотина милиони евра сега во јунскиот извештај ние ги добиеме, 30-40 ќе бидат буџетска поддршка, 60-70 ќе бидат наменети за проекти преку WBIF програмата како грант и останатите ќе бидат за проекти финансирани преку мек кредит којшто ќе почне да се отплаќа од 2032-рата година. Така што, тоа што е индикативна листа, ние тоа ќе го следиме. А доколку бидеме во групата којашто ќе добие додаток, односно топ-ап (top-up), како што тие го нарекуваат, ќе ја видиме сумата. Ние тука дискутираме за приоритети – рече Мицкоски.

Дел од проектите кои беа дел од ИПА програмата не се реализирани, додаде тој, потенцирајќи дека тие треба да ни бидат приоритет, како што е, пречистителната станица во Тетово, во Битола, потоа онаа организирана депонија којашто требаше да се гради на истокот… – Сето тоа претставува наш приоритет и цениме дека можеме тоа да го реализираме, имајќи предвид дека минатите години со претходните влади тоа не било реализирано. Доколку го добиеме овој топ-ап, ние имаме други приоритети коишто се многу блиску поврзани со ИПА проектите од минатото коишто не се реализирани, рече Мицкоски.

Исто така тој кажа дека ќе биде обезбедено и обесштетување за земјоделците коишто претрпеа штети од невремето. Премиерот одговори дека во текот на денов очекува до Собранието да биде испратен предлог составот на новата влада.

Македонска информативна агенција – МИА

 

Најнови вести од: Македонија

„СДК“: На „Маркова нога“ ќе се обнови спомен-плочата за седумте младинци од Лерин, ѕверски убиени на 17.1.1944 од бугарскиот фашистички окупатор

„На седумте младинци борци од Лерин, ѕверски убиени на 17 јануари 1944 година од бугарскиот фашистички окупатор“, пишува на спомен-плочата на граничниот премин Маркова Нога. Повторното отворање на граничниот премин Маркова Нога во Преспа ќе нема само политичко, и економско начење. Преминот ќе биде и место за историско сеќавање бидејќи непосредно до него, на македонската страна, се наоѓа спомен-плочата за седумте младинци од Лерин кои беа измачувани и убиени од фашистичките сили за време на Втората светска војна, објави информативниот портал „СДК“.

Монах Амвросиј: Свети Наум ја градеше душата на древниот македонски народ, кој стои со својот идентитет во темелите на европската цивилизација! (2)

„Во тишината на бреговите на Охридското Езеро манастирот ‘Свети Наум’ со векови ја чува духовната светлина на македонскиот народ.  За да ја разбереме духовната мисија на манастирот ‘Свети Наум’ денес мораме да погледнеме во длабочината на нашиот историски и духовен континуитет. Кога Свети Наум го основал овој манастир во 905 година на брегот на Охридското Езеро, тој не градел само ѕидови, туку ја градел душата на еден народ. Ова свето место не е само нем споменик од минатото, туку жива лулка, во која пулсираат македонскиот идентитет и нашата национална меморија. Манастирот ‘Свети Наум’ е жива историска енциклопедија, во која е впишан целиот македонски национален и духовен код. Овде не се вкрстувале само патиштата на обичните луѓе, туку овде се кршеле копјата на најголемите империи, а манастирот секогаш останувал исправен како светилник на нашата самобитност. Затоа, манастирот ‘Свети Наум’ не е само историја. Тој е жив доказ дека еден народ, што го изградил својот идентитет врз писменост, вера и манастирска непокорност, никогаш не може да биде избришан од мапата на светот!“ – нагласува во интервју за „Нова Македонија“ монахот Амвросиј, жител на ова свето место и моментно студент на Московската духовна академија.

Денес се одбележуваат великото дело и личноста на Свети Наум Охридски, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост (1)

Денес Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и сиот македонски народ, не само оние, кои се православни христијански верници, го одбележуваат црковно-народниот празник, посветен на личноста и великото дело на Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост и просвета, заедно со светите браќа Кирил и Методиј, како и со Св. Климент. Свети Наум Охридски останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народ, но како и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на Охридската книжевна школа биле обучени повеќе од 3.500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на македонската и словенската писменост и култура.

Најнови вести

To top