Македонија

Мицкоски: СДС е декласиран, разликата е поголема од 4 спрема 1

Нашиот кандидат Стојанче Радичевски освои огромно мнозинство гласови, а разликата во однос на нашите конкуренти од СДС е поголема од 4 спрема 1

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прогласи убедлива победа на неговата партија во првиот круг од превремените избори за градоначалник на Брвеница, каде кандидатот Стојанче Радичевски освоил околу 3.000 гласови, додека разликата во однос на СДСМ е поголема од четири спрема еден.

„ВМРО-ДПМНЕ е убедливо прва и има огромна победа во првиот круг на изборите за градоначалник во општина Брвеница. Нашиот кандидат Стојанче Радичевски освои огромно мнозинство гласови, а разликата во однос на нашите конкуренти од СДС е поголема од 4 спрема 1“, изјави Мицкоски.

Тој направи споредба со повторените избори во Маврово и Ростуше, каде што, според него, ВМРО-ДПМНЕ победила со разлика поголема од два спрема еден.

„Иако само пред неколку дена раководството на СДС најавуваше убедлива победа во Брвеница, сепак СДС е декласиран од граѓаните и тоа е важна порака од граѓаните до нивното раководство“, порача Мицкоски.

Според партиските анализи што ги соопшти, Радичевски освоил околу 3.000 гласови, кандидатот на ДУИ нешто повеќе од 2.100, додека на третото место е кандидатот на ВЛЕН, а на четвртото кандидатот на СДСМ. Независниот кандидат поддржан од Левица, според Мицкоски, освоил околу 50 гласови.

Тој рече дека, поради поголемиот број кандидати, најверојатно ќе има втор изборен круг, во кој се очекува да се соочат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Мицкоски го оцени резултатот како политичка порака што го надминува локалното значење на изборите. Според него, гласањето претставува потврда на поддршката за политиките на ВМРО-ДПМНЕ и Владата.

„Од волјата на народот нема бегање и тој е неприкосновен судија“, рече премиерот, заблагодарувајќи им се на граѓаните што гласале, како и на учесниците во организацијата на изборниот процес.

 

Најнови вести од: Македонија

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме ниту Срби, ниту Грци, ниту Бугари, туку одделна и самостојна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија претставува еден од најголемите и најтемелни докази и изложувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на Ивановски-Бистришки е пригода за должно навраќање кон делото на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ..

To top