Македонија

Мицкоски: Трагедијата во Кочани засекогаш ќе остане врежана во колективното сеќавање

Премиерот нагласи дека една година по трагедијата , нашата обврска е да се сеќаваме и да покажеме дека општеството и институциите се способни да учат од трагедиите и да изградат посилен, побезбеден и похуман систем.

„Постојат настани во историјата на една држава кои не се мерат со време, туку со болката што ја оставаат зад себе. Трагедијата во Кочани е еден од тие настани. Таа беше трагедија на еден град, но и трагедија која ја потресе целата наша држава и која засекогаш ќе остане врежана во колективн ото сеќавање на нашето општество“, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во воведното обраќање на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува денеска во Скопје.

„Денес сме собрани овде со чувство на длабока почит, но и со силно чувство на емпатија. Почит кон оние кои ги изгубија своите животи. Почит кон семејствата кои ја носат болката на загубата. Почит кон повредените кои веќе една година водат тивка и храбра борба за закрепнување. Но, истовремено, денес сме собрани и со чувство на одговорност. Одговорност да се сеќаваме. Одговорност да учиме. И одговорност да создадеме системи кои ќе бидат посилни од пропустите што доведуваат до трагедии. Оваа конференција е обид трагедијата да се претвори во знаење, искуството да се претвори во лекција, а лекцијата во конкретни решенија – рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека една година по трагедијата во Кочани, нашата обврска е да се сеќаваме и да покажеме дека општеството и институциите се способни да учат од трагедиите и да изградат посилен, побезбеден и похуман систем.

„ Трагедијата во Кочани остави длабока рана во нашето општество. Во една ноќ се прекинаа животи, се променија судбини и се отвори болка која ќе остане долго во сеќавањето на нашата држава. Во тие часови, цела Македонија застана. Веста се прошири со брзина која носеше неверување, страв и тага. Секој граѓанин ја почувствува тежината на настанот.  Во тие моменти не постоеше ниту политика, ниту поделби. Постоеше само тишина и чувство на длабока загриженост за луѓето кои се бореа за живот. Трагедијата ги погоди најсилно семејствата кои ги изгубија своите најблиски. За нив времето се мери со спомените, со празнината која останува и со секојдневната борба да се продолжи понатаму – рече Мицкоски.

Тој посочи дека денот на несреќата бил не само негов најтежок ден како премиер, туку и најтежок ден во неговиот живот.

„Оваа голема несреќа се случи само 8 месеци откако јас станав премиер. Само 8 месеци од моето управување со државата се случи да се плати сметката за еден девастиран систем кој беше уништуват со децении. Денот на несреќата не беше само најтешкиот мој ден како премиер, туку тоа беше најтешкиот ден во мојот живот како човек. Кој е виновен за сето ова? И јас го поставувам ова прашање и на ова мора да даде одговор не некаков преки суд, не јавноста туку обвинителството и судовите. Но, воедно мора да говориме и за вината во креирањето на тој систем кој потфрли, каде со децении и години се креира тоа диво месо кое стигна до нашите најмили“- рече Мицкоски.

Тој истакна и дека во исто време, трагедијата остави и друга трага – трага на солидарност и оти хероите никогаш нема да бидат заборавени.

„Херојството денес не е само во пушка и кама, не е во мускулите и силата, туку во активизмот и подадената рака. Кочани покажа дека има луѓе кои се тивките херои на нашата земја. Тоа се болничарите и докторите кои работеа, брзата помош, техничкиот персонал. Вo најтешките моменти, граѓаните покажаа дека општеството има сила да се обедини. Крводарителските центри беа исполнети со луѓе кои дојдоа да помогнат. Волонтери се јавуваа за поддршка на семејствата.  Хуманитарните организации се мобилизираа.  Лекарите и медицинските тимови работеа без прекин, со огромна посветеност и професионалност. Сакам од срце да ви честитам. Вам и на секој кој беше вклучен во оваа операција. Дома и во странство. Никогаш нема да бидете заборавени“, – рече Мицкоски.

Премиерот рече и дека трагедијата ја отвори и страната на човечноста, солидарноста и чувството дека никој не смее да остане сам во најтешките моменти.

–„Добивме и силна меѓународна поддршка. Партнерските држави и нивните здравствени системи веднаш ја понудија својата помош. Болници, лекари и медицински тимови од повеќе европски земји ги отворија своите врати за нашите пациенти.  Тоа беше силен потсетник дека во најтешките моменти, човечката солидарност ги надминува границите. Една година подоцна, ова сеќавање останува жива обврска. Обврска да се почитува споменот на жртвите.  Обврска да се поддржат семејствата.  Обврска да се продолжи борбата за закрепнување на повредените. И обврска трагедијата да се претвори во поука од која ќе произлезат посилни институции и побезбедно општество“, рече премиерот во своето воведно обраќање на Конференцијата.

Најнови вести од: Македонија

Монах Амвросиј: Свети Наум ја градеше душата на древниот македонски народ, кој стои со својот идентитет во темелите на европската цивилизација! (2)

„Во тишината на бреговите на Охридското Езеро манастирот ‘Свети Наум’ со векови ја чува духовната светлина на македонскиот народ.  За да ја разбереме духовната мисија на манастирот ‘Свети Наум’ денес мораме да погледнеме во длабочината на нашиот историски и духовен континуитет. Кога Свети Наум го основал овој манастир во 905 година на брегот на Охридското Езеро, тој не градел само ѕидови, туку ја градел душата на еден народ. Ова свето место не е само нем споменик од минатото, туку жива лулка, во која пулсираат македонскиот идентитет и нашата национална меморија. Манастирот ‘Свети Наум’ е жива историска енциклопедија, во која е впишан целиот македонски национален и духовен код. Овде не се вкрстувале само патиштата на обичните луѓе, туку овде се кршеле копјата на најголемите империи, а манастирот секогаш останувал исправен како светилник на нашата самобитност. Затоа, манастирот ‘Свети Наум’ не е само историја. Тој е жив доказ дека еден народ, што го изградил својот идентитет врз писменост, вера и манастирска непокорност, никогаш не може да биде избришан од мапата на светот!“ – нагласува во интервју за „Нова Македонија“ монахот Амвросиј, жител на ова свето место и моментно студент на Московската духовна академија.

Мицкоски: Очекувам во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како во декемврискиот, има уште време за разговори со опозицијата за изборниот закон

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека очекува во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик, за што кажа дека се уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десетиот чекор од зададениот грејс период.

Денес се одбележуваат великото дело и личноста на Свети Наум Охридски, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост (1)

Денес Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и сиот македонски народ, не само оние, кои се православни христијански верници, го одбележуваат црковно-народниот празник, посветен на личноста и великото дело на Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост и просвета, заедно со светите браќа Кирил и Методиј, како и со Св. Климент. Свети Наум Охридски останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народ, но како и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на Охридската книжевна школа биле обучени повеќе од 3.500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на македонската и словенската писменост и култура.

Најнови вести

To top