Младите инженери ѝ се потребни на државата, но денес се соочуваат со дилемата дали да останат или да заминат. За да ги задржиме, мора да создадеме средина во која ќе бидат охрабрени, поддржани и мотивирани да ги развиваат своите идеи и иновации, порачаа учесниците на настанот по повод Денот на македонските инженери. Инженерството е темелна професија за развој на земјата. Македонија ќе биде посилна и помодерна онолку колку што ќе ги почитува, поддржува и задржи своите инженери.
- На Македонија ѝ требате, млади инженери, како реална сила на сегашноста, со вашиот ум, љубопитноста и храброста да барате нови решенија. Инженерството не гради само објекти туку и доверба во иднината, а професијата мора да се развива во свет на вештачка интелигенција, автоматизација и дигитални алатки – истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Таа нагласи дека енергетската транзиција и другите реформи бараат знаење, планирање и одговорност, а особено внимание треба да му се даде на вклучувањето на жените во инженерството.
Претседателот на Инженерската институција, Андреј Лепавцов, истакна дека инженерите се решавачи на проблеми и носители на развојот. Тие влијаат на инфраструктурата, енергетските системи и на дигитализацијата, обезбедувајќи одржливи и паметни решенија за иднината на земјата.
На настанот, кој ја одбележа и 106-годишнината на инженерското здружување во Македонија, присуствуваа владини претставници, бизнис-заедницата и Комората на овластени архитекти и инженери.