Министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски, очекува источниот сосед конечно да ги спроведе пресудите од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и да ги регистрира организациите на Македонците во Бугарија.
„Очекуваме Бугарија да ги почитува обврските од Европскиот суд за човекови права, односно регистрација на организациите на Македонците во Бугарија, како минимален услов. Потребни се и институционални гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање и дека нема да има нови отстапки поврзани со идентитетот, јазикот и историјата“, изјави тој во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Не е дека не сакаме да преговараме со техничка влада, но по природа таа нема целосен легитимитет. За дел од овие идеи претходната влада во Бугарија беше консултирана преку претставници на ЕУ и земјите-членки. Имаше иницијатива за состанок меѓу мене, олеснувачи во меѓународните односи и тогашниот колега од бугарска страна, но иницијативите запреа“, нагласи Муцунски. „Се наоѓаме во специфичен период и секој избрзан коментар може да нè вовлече во изборниот наратив. Провокации постојат и затоа мораме да бидеме внимателни“.