Македонија

„Н.М.“: Македонија има причина да биде во Европа, со свој идентитет и јасно дефинирани македонски интереси, но не безусловно!

Исландскиот референдум не треба да биде лекција против Европската Унија, туку лекција за самодоверба во преговорите. Исланѓаните не рекоа: „ЕУ не ни треба“. Тие рекоа: „Ние ќе одлучиме кога, како и под кои услови ќе разговараме за нашата иднина“. Тоа е демократска зрелост. И токму таква зрелост ѝ треба на Македонија. Не да му каже „не“ на Брисел. Но ниту автоматски да кажува „да“ на секое барање. Туку да научи да кажува: „Ова е нашиот интерес. Ова можеме да го прифатиме. За ова можеме да преговараме. А ова не можеме да го прифатиме“. И тоа да го каже аргументирано, мирно и европски. Ова се нагласува во анализата со наслов „Македонија има причина да биде во Европа, но како своја и со својот изворен идентитет и карактер“, која е објавенма денес „Нова Македонија“.

Натаму во оваа анализа пишува:

Само силна држава може да биде рамноправен партнер

Македонија има причина да биде во ЕУ. Но има уште поголема причина да биде силна Македонија во Европа. Не затоа што треба да ѝ се инаетиме на ЕУ. Туку затоа што само силна држава може да биде рамноправен соговорник и партнер. Слаба држава во Европската Унија останува слаба држава, плус со дополнителни институции над себе.
Силна држава во ЕУ, напротив, добива огромен простор да ги умножи сопствените можности.
– Вистинската македонска стратегија не смееше да биде: „Дајте ни членство, па ние ќе се поправиме, менувајќи сѐ што ќе побарате“. Туку: „Ќе се унапредиме затоа што тоа им го должиме на сопствените граѓани, а членството ќе го искористиме за уште побрзо да станеме посилни“. Тоа е огромна разлика – истакнуваат наши соговорници со големо искуство во дипломатијата и меѓународните односи.

Македонија треба да спроведе реформи заради сопственото уредување, а не затоа што Брисел ги наредува.
– Наместо да ја гледаме ЕУ како институција што треба да нè претвори и престори во „вистинска држава“, треба да ја гледаме како простор во кој добро изградена држава, која треба да ја постигнеме сами, и тогаш заедницата во која треба да се интегрираме, може да ги умножи можностите. Европската комисија во своите извештаи со право го поврзува пристапувањето со владеење на правото, демократски институции, јавна администрација и фундаментални права. Но овие цели не треба да ги исполнуваме затоа што Брисел ни наредил. Треба да ги исполнуваме затоа што ние заслужуваме да живееме во таква држава. Треба да имаме независно судство затоа што нашиот граѓанин заслужува правда. Треба да имаме непартизирана администрација затоа што нашиот граѓанин заслужува државата да му служи. Треба да имаме конкурентна економија затоа што нашите деца заслужуваат перспектива. Треба да имаме функционални институции затоа што државата не е услуга што ни ја дава Брисел. Државата е наша сопственост и наша одговорност…. – велат соговорниците, меко отфрлајќи го размислувањето на некои наши македонски политички аналитичари дека само со членството во ЕУ ние апсолутно можеме да се преструктурираме како вистинска функционална држава, па дури и по цена да се откажеме од некои од нашите фундаментални национални белези…

Македонија не треба да влезе во Европа како бледа копија на некоја друга држава

Постои уште една опасна перцепција во одредени интелектуални кругови, а тоа е дека за да бидеме прифатени во Европа мора постојано нешто да докажуваме со отстапки, па дури и во сферата на фундаменталната правна архитектура, Уставот, вклучувајќи го и карактерот на државата, а со тоа и статусот на етничките ентитети… Но Европа не треба да биде натпревар во кој најевропски е оној што најмногу се откажал од себе. Напротив. Европа е најсилна кога во неа влегуваат различни нации со сопствени јазици, култури, традиции и историски искуства. Затоа Македонија не треба да влезе во Европа како бледа копија на некоја друга држава. Треба да влезе како Македонија. Како унитарна држава, со мултиетничко општество. И со своите интереси. И со свеста дека европскиот идентитет и македонскиот идентитет не мора да бидат спротивставени категории. Може да се биде Македонец и Европеец истовремено. Како што важи за сите други народи – Французите, Норвежаните, Исланѓаните Исланѓани…

Македонскиот пат не смее да биде пат на вечен кандидат

На крајот, постои една опасност на која треба да се обрне внимание. Ако националниот интерес го претвориме во постојано одбивање, ако секоја реформа ја прогласиме за странски диктат и ако секоја европска интеграција ја гледаме како заговор против државата, тогаш повторно ќе завршиме во дефанзива. Тоа не е самодоверба. Европа е сега во процес на преструктурирање. Суверенистичките трендови се во подем. И во срцето на Европа и на периферијата.
– Самодовербата не е да кажеш „не“ на сè. Самодовербата е да можеш да кажеш и „да“ и „не“, во зависност од сопствениот интерес. Затоа Македонија треба да биде најпроевропската држава што истовремено најсериозно си ги брани сопствените интереси. Тоа не е контрадикција. Тоа е политика. А политиките на тврдиот либерален Брисел полека омекнуваат, а подготовките за националните избори и анкетите во земјите членки тоа и го докажуваат – велат соговорниците.

Од Македонија не треба да бараме да стане помала за да стане европска

Вистинската цел не е Македонија да биде примена во Европа по секоја цена. Вистинската цел е Македонија да стане толку силна, функционална и самоуверена што членството во Европа ќе биде продолжување на нејзината суверена моќ, а не замена за неа.
– Да не влеземе во Европа како држава што бара некој друг да ја управува. Да влеземе како држава што знае што сака. Да не влеземе како молител. Да влеземе како партнер. Да не влеземе безусловно. Да влеземе со европски стандарди, но и со јасно дефинирани македонски интереси. Да не го жртвуваме суверенитетот за членството. Да го употребиме суверенитетот за да преговараме за членството. Зашто Европа не треба да биде местото каде што Македонија ќе престане да биде Македонија. Европа треба да биде местото каде што Македонија ќе може да биде Македонија – посилна, побогата, послободна и порамноправна. И затоа, ако еден ден треба да го поставиме македонското европско прашање пред сопствените граѓани, тоа прашање не треба да биде: Дали сте подготвени да се откажете од нешто за да влеземе во Европа? Туку: Дали сте подготвени да изградиме држава што ќе може рамноправно да влезе во Европа — и таму да остане своја? Одговорот на тоа прашање треба да биде наш. Не на Брисел. Не на Вашингтон. Не на Софија. Не на Атина. Не на кој било друг. Наш. Зашто европската иднина на Македонија има смисла само ако истовремено е и македонска иднина. А држава што верува во себе не оди во Европа за да исчезне во неа. Оди за да биде рамноправна – велат нашите соговорници, интелектуалци, универзитетски професори и дипломати од кариера.

На референдумот во Исланд, одржан на 29 август 2026, прашањето гласеше: „Дали Исланд треба повторно да ги започне преговорите за пристапување во Европската Унија?“
Според тоа, граѓаните на Исланд не гласаа директно за членство во ЕУ, како што толкуваат голем дел политички аналитичари во Македонија. Имено, граѓаните гласаа дали да ѝ дозволат на својата влада да ги обнови пристапните преговори.
Доколку преговорите би завршиле со договор, за самото членство би следувал нов референдум. Но, резултатот беше 52,8 отсто „не“ наспроти 47,2 отсто „да“, со што Исланд одлучи да НЕ ги обновува преговорите.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Македонија е отворена за нови инвестиции и партнерства, кои ќе ја засилат економската соработка со Унгарија

Премиерот на Република Македонија Христијан Мицкоски денеска од Будимпешта порача дека Македонија е отворена за нови инвестиции и партнерства, нагласувајќи дека економската соработка со Унгарија има значителен потенцијал за раст.

Да беше жив Јонче ќе го соблечеше палтото – Карерас пееше една од неговите легендарни песни

Изведбата на Карерас на антологиската песна, оригинално создадена од Јонче Христовски, предизвика огромни овации, силни емоции и воодушевување кај многубројната публика на преполниот плоштад ,,Македонија”

Најнови вести

To top