Македонија

(Фото): Најмногу се купува облека преку интернет, а картичката најмалку се троши за електроника

Македонските граѓани кои купуваат преку интернет најчесто нарачуваат облека и плаќаат интернет и мобилни услуги, додека интересот за храна, електроника и апарати за домаќинство останува низок. Ова го покажува најновиот преглед на е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година, изработен од Асоцијација за е-трговија, во кој се прави споредба со податоците на Евростат за првото тримесечје од 2024 година.

Во Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година изработен од Асоцијацијата за е-трговија, анализирани се податоците од Евростат, 2024, кои покажуваат дека 63,2% од македонските интернет корисниците купуваат онлајн, што ја позиционира земјата подобро од другите балкански соседи освен Србија (65%), но сепак под европскиот просек од 76.6%. Но онлајн купувањето е концентрирано во ограничен број категории, со јасно изразени преференции. 73.9% од македонските онлајн купувачи правеле нарачки за облека, обувки и модни додатоци, што ја прави модата убедливо најдоминантната категорија со што Македонија е над европскиот просек.

Купувањето на други производи останува значително ограничено. 25,3% купиле спортска опрема, 21,8% козметика, убавина или „wellness“ производи, мебел, 12.4% домашни и градинарски производи, 11,4% купиле компјутери, таблети, мобилни телефони или додатоци, а 9.1% детски играчки и производи за нега на деца. Особено ниска е застапеноста на онлајн купувањето кај средствата за чистење и лична хигиена (7,9%), лековите и додатоците во исхраната (7,7%), храната и пијалаците (7,6%), како и електрониката и апаратите за домаќинство (2,3%).

Во делот на услугите, 44,1% од онлајн купувачите платиле интернет или мобилни услуги онлајн, скоро двојно повеќе од европскиот просек од 22.4%. Исто така 33,7% платиле комунални услуги, исто така надминувајќи го европскиот просек од 13.2%. 18.3% од интернет купувачите направиле букирање за транспорт, а 15.5% за хотели, додека платените дигитални содржини остануваат слабо застапени, со само 1,4% претплати за музички стриминг.

  • „Македонските онлајн купувачи се најактивни во модата и во плаќањето на претплати за интернет и мобилни услуги, каде што онлајн купувањето е над европскиот просек. Во другите категории, онлајн купувањето е значително помалку застапено, што укажува на јасен простор за раст. На пример, само 7,7% од македонските онлајн купувачи нарачуваат лекови или додатоци во исхраната, како што се витамини, наспроти 48,3% во Шведска и 36,6% во Грција. Исто така, онлајн купувањето на електроника и апарати за домаќинство е исклучително ниско, само 2,3%, а храната и пијалаците ги купуваат онлајн само 7,6% од купувачите. Овие бројки покажуваат дека, покрај модата и услугите, постои значителен неискористен потенцијал за проширување на онлајн понудата и во други категории на производи,“ изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија во Македонија.

Инаку, Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025 година е изработен од Асоцијацијата за е-трговија и беше традиционално презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија во Скопје. Како седмо издание од серијата, оваа публикација по втор пат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија.

Најнови вести од: Македонија

(Видео): Се намалува ДДВ-то на горивата од 18% на 10%, рече премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со владините мерки се очекува Македонија да има најниски цени на горивата во регионот, дури и во услови на глобален раст на цените. Тој посочи дека Владата очекува Регулаторната комисија да ја земе предвид донесената одлука за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти, со што нема да има значително зголемување на цените на бензините, а дизелот ќе се движи во рамки на предвидените пресметки.

To top