Македонија

ГГ Стефан: Светлината на воскреснатиот нека нè просвети

„Христос воскресна! – Навистина воскресна!, наведува г.г. Стефан, е поздрав на животот што Бог ни го подари не само преку тајната на Неговото воскресение и преку победата над гревот и смртта, туку и преку радоста на овој настан што ни ја дарува со неизмерливото смирение, со примерот на своето снисходење, простување и пожртвуваност за секој човек и за секое создание

„Возљубени празникољупци,

Еве, и оваа година милостивиот Бог нè удостои да го дочекаме празникот над празниците – Велигден! Исполнети со веселие, кое извира од серадосниот восклик „Христос воскресе!“, ја исповедаме целата суштина и смислата на нашата вера, која, како што вели апостолот, ќе беше празна ако Христос не воскреснеше.[2] По тагата од Неговите страдања на Голгота, еве, ја примаме спасителната благодат од Неговото воскресение и од љубовта со која нè исполнува Неговата порака: Радувајте се![3] – наведува во Велигденското послание поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископоот охридски и македонски, г.г. Стефан.

„Оваа победа на животот над смртта, овој разгорен оган, кој го проголта гревот, и оваа светлина која темнината на адот не може да ја опфати, не ни се дарувани само нам, кои сме крстени во името на воскреснатиот Господ – кoj e коренот на нашата вера, туку за целото човештво и за сиот свет.[4] Во оваа свештена велигденска радост ние христијаните имаме голема одговорност бидејќи сме должни да ја сведочиме победоносната вест за воскресението за и другитe да ја чујат, видат и познаат, па да поверуваат и да влезат во радоста на Христа воскреснатиот. Па, така, и тие, заедно со нас и со сите созданија да ги прослават радоста и правдата на Царството Божјо, кое во воскреснатиот Спасител не ќе има крај.

Возљубени чеда во Христа воскреснатиот,

Одново и одново се поздравуваме воскликнувајќи: Христос воскресна! – Навистина воскресна! Ова е поздрав на животот што Бог ни го подари не само преку тајната на Неговото воскресение и преку победата над гревот и смртта, туку и преку радоста на овој настан што ни ја дарува со неизмерливото смирение, со примерот на своето снисходење, простување и пожртвуваност за секој човек и за секое создание. Со Неговото доброволно вкусување на смртта, пак, ни ја покажа Неговата неизмерна љубов, со која чинот на скончанието во овој свет стана врата низ која сите минуваме за да преминеме и да влеземе во бесконечната радост на воскресението и животот во идниот век.

Возљубени во Господа,

Дојдете и видете[5] ја оваа живоносна велигденска радост во Христа Богочовекот, кој доаѓа и ни се дава во Неговото славно и победоносно присуство. Тој доаѓа и ни се дарува во светите тајни и во молитвите, за и ние, растејќи во Него, да достигнеме воскресенска вера, та пазејќи ги Неговите заповеди, да се удостоиме да влеземе во Неговата радост. Живеејќи таков живот, пак, можеме да го посведочиме она што повеќе од два милениума се потврдува: дека Христос е жив и дека и ние сме живи во Него. Затоа Велигден е серадосно сретение со оној во кого нашето срце се успокојува.

Нашиот богољубив народ отсекогаш живеел со воскресенската надеж. Маките и неправдите од овој свет секогаш ги поднесувал утешувајќи се со споменот за Велигден, а во победата Христова ја гледал Божјата правда на Царството небесно, кое ќе дојде во слава. Како христоносен народ, по целата македонска земја, секогаш сме ја љубеле воскресенската убава вера, која го прославува Велигден не само еднаш годишно, туку постојано – секоја недела. Повикот на псалмопејачот: Ова е денот што го создаде Господ; да се зарадуваме и да се развеселиме во него[6] бил повик и за нашиот верен народ да се црквува и во секојнеделното воскресение да празнува примајќи го Христа и поучувајќи се да живее богољубиво и човекољубиво.

И не само оние наши црквољубиви и родољубиви предци, за кои имаме жив спомен од фреските, иконите и житијата, туку и оние за што дознаваме од песните и преданијата на нашиот македонски народ, ни се доказ дека нашите претходници од воскресенската вера не се откажувале ни по цена на страдања бидејќи биле утврдени во вистината за воскресението Христово. Нивниот крстоносен начин на живеење, исполнет со воскресенска радост во живиот Бог – нам, на нивното потомство – ни остана светол пример како се исповеда и како се брани темелот на православната вера – Христовото воскресение.

Возљубени чеда на Македонската црква,

Ова лето Господово, во кое повторно преку благодатта Божја ни е даден вечноживиот дар за прославување на Велигден, ќе одбележиме и годишнини од нашето минато, кои, како во татковината така и насекаде до каде што нè има како народ, ќе ни овозможат повторно да го оживееме споменот за тие светли настани од нашата црковна и национална историја. Така, во оваа година се навршуваат 1.140 години од враќањето во Македонија на светите Климент и Наум од Моравската мисија, со што се организирал црковно-литургискиот живот на Охридската црква и се поставиле темелите на Охридската книжевна школа. Годинава се навршуваат и 1.110 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски, патронот на нашата света црква, кој во радоста на вечниот живот е наш постојан молитвеник и закрилник. Се навршуваат и 150 години од Разловечкото востание, како и 80 години од донесувањето на првиот Устав на НР Македонија, со кој се потврди возобновената македонска државност. Еве, овие незаборавни настани, врежани во нашата црковно-национална самосвест, нека ни бидат поттик за да го чуваме споменот за нашите достојни претшественици, кои се вградиле во основата и во обновата на нашата татковина Македонија и на нашата Македонска црква. Но тие нека ни бидат и порака да ги сочуваме придобивките што ни ги оставиле, а потоа и да ги надградуваме давајќи нови плодови.

Светлината на Христа воскреснатиот нека нè просвети, та со нашата вера и со богоугодни дела да го озариме светот со велигденска радост, па во братољубие, оттука, па до сите краишта на светот, до каде што нè има како народ и како Црква, да објавиме на нашиот мајчин македонски јазик“ се вели во посланието на :

ГГ СТЕФАН,

АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската православна црква – Охридска архиепископија

† ПЕТАР, митрополит преспанско-пелагониски
† НАУМ, митрополит струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† ЈОВАН, митрополит крушевско-демирхисарски
† МЕТОДИЈ, митрополит американско-канадски
† ПИМЕН, митрополит европски
† ИЛАРИОН, митрополит брегалнички
† ЈОСИФ, митрополит тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, митрополит кумановско-осоговски
† ГЕОРГИЈ, митрополит дебарско-кичевски
† НИКОЛА, митрополит австралиско-новозеландски
† ЈОАКИМ, епископ дељадровско-илинденски
† МАРКО, епископ делчевско-каменички

Најнови вести од: Македонија

Неуспешните обиди на Бугарите да ги спречат Кажимјеж Фелешко и други полски македонисти во меѓународната афирмација на самобитноста на македонскиот јазик

Денес, на 3 јули 2026 година се навршуваат 25 години од смртта на истакнатиот полски славист и македонист Кажимјеж Фелешко, еден од големата низа полски македонисти, кој има дадено драгоцен придонес кон меѓународните студии на македонскиот јазик, третиран како засебен јазик во семејството на јужнословенските јазици. Оваа годишнина е повод за осврнувањето на научното творештво негово, но и на цела една голема низа други исто така истакнати полски македонисти, кои повеќе децении во континуитет се вклучени во студиите за македонскиот јазик, во македонистиката во Полска, а со тоа и во широката меѓународна афирмација за македонскиот јазик. Во овој контекст е посебно за истакнување и една од најголемите полски македонистки и членка на Македонската академија на науки и уметности Зузана Тополинска, која во 2020 година ќе изнесе шокантно сведоштво во интервју за „360 степени“ дека Бугарите ѝ нуделе дури и пари да се откаже од македонистиката и македонскиот јазик. „Бугарите се циркус, поради својата несигурност во врска со поради македонскиот јазик!“ – ќе каже академик Тополинска во тоа свое интервју. Во 2005 година професорката Лилјана Минова – Ѓуркова ќе изнесе уште еден вџашувачки момент: при доделувањето на почесниот докторат на науки на Станислав Гајда, полски филолог и македонист, од страна на Универзитетот УКИМ, Бугарите им упатувале и ултиматуми не само на група македонски македонисти, туку и на самиот Гајда, „да се откажат од Македонците и македонските дијалекти во Бугарија“! Ова Ѓуркова го напишала во соодветно полско списание во статија посветена на доделувањето на почесниот докторат на науки на Гајда, инаку полски филолог-македонист, како и член на Полската академија на науки.    

Ошлис: Македонецот Наум Охридски е европски просветител, но и дипломат, а Европа ако ја изгуби Македонија, набргу ќе се изгуби и саматата себеси! (3)

Големиот германски македонист проф.д-р Волф Ошлис силно ја застапува македонската историска перспектива и нагласува дека дејноста и традицијата на Свети Наум Охридски е дел од македонското јазично-културно и просветителско наследство. Во своите истапувања на Меѓународниот семинар за македонски јазик и култура во Охрид во изминатите години Ошлис ја ја аргументирал повеќе пати својата констатација дека Наум е еден од основноположниците на македонската култура, јазик, религија и наука, без никаква врска со други народи во Балканот. Во својот научен труд со наслов „Македонецот Наум Охридски и Германецот Регино фон Прим како европски дипломати“ Ошлис, дури, го означува македонскиот просветител и како еден од првите и тоа врвни европски дипломати, поради развиените контакти, што ги имал со тогашните владетели и видните личности од нивните царски дворови, во рамки на своето учество во тогашната Моравска мисија на македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј, започната во 863 година меѓу народите во Средна Европа.

„СДК“: На „Маркова нога“ ќе се обнови спомен-плочата за седумте младинци од Лерин, ѕверски убиени на 17.1.1944 од бугарскиот фашистички окупатор

„На седумте младинци борци од Лерин, ѕверски убиени на 17 јануари 1944 година од бугарскиот фашистички окупатор“, пишува на спомен-плочата на граничниот премин Маркова Нога. Повторното отворање на граничниот премин Маркова Нога во Преспа ќе нема само политичко, и економско начење. Преминот ќе биде и место за историско сеќавање бидејќи непосредно до него, на македонската страна, се наоѓа спомен-плочата за седумте младинци од Лерин кои беа измачувани и убиени од фашистичките сили за време на Втората светска војна, објави информативниот портал „СДК“.

Монах Амвросиј: Свети Наум ја градеше душата на древниот македонски народ, кој стои со својот идентитет во темелите на европската цивилизација! (2)

„Во тишината на бреговите на Охридското Езеро манастирот ‘Свети Наум’ со векови ја чува духовната светлина на македонскиот народ.  За да ја разбереме духовната мисија на манастирот ‘Свети Наум’ денес мораме да погледнеме во длабочината на нашиот историски и духовен континуитет. Кога Свети Наум го основал овој манастир во 905 година на брегот на Охридското Езеро, тој не градел само ѕидови, туку ја градел душата на еден народ. Ова свето место не е само нем споменик од минатото, туку жива лулка, во која пулсираат македонскиот идентитет и нашата национална меморија. Манастирот ‘Свети Наум’ е жива историска енциклопедија, во која е впишан целиот македонски национален и духовен код. Овде не се вкрстувале само патиштата на обичните луѓе, туку овде се кршеле копјата на најголемите империи, а манастирот секогаш останувал исправен како светилник на нашата самобитност. Затоа, манастирот ‘Свети Наум’ не е само историја. Тој е жив доказ дека еден народ, што го изградил својот идентитет врз писменост, вера и манастирска непокорност, никогаш не може да биде избришан од мапата на светот!“ – нагласува во интервју за „Нова Македонија“ монахот Амвросиј, жител на ова свето место и моментно студент на Московската духовна академија.

To top