Македонија

Од утре градски воз меѓу Зелениково и Скопје, по осум поаѓања дневно

Според досегашните медиумски најави, еднонасочниот билет би требало да чини 40 денари, а повратниот 70 денари.

Од утре, 1 септември, почнува да сообраќа првата линија од проектот „Градски воз“, која ќе ги поврзува Зелениково и централната Железничка станица во Скопје. Возот ќе застанува на станиците Зелениково Ново, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче. Според објавениот возен ред на „МЖ Транспорт“, предвидени се по осум поаѓања дневно во двата правца.

Официјалнoто претставување на проектот ќе се одржи в среда, на 2 септември, соопшти Министерството за транспорт. Во рамките на настанот е предвидено патување со воз од железничката станица во Зелениково до централната Железничка станица во Скопје.

На промоцијата се очекува да присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈП „МЖ Инфраструктура“ Синиша Ивановски и директорот на „МЖ Транспорт“ Дејан Кошутиќ.

Најавено е и присуство на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, како и на градоначалниците на Зелениково, Коста Маневски, на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, и на Аеродром, Дејан Митевски.

За потребите на проектот, ЈП „МЖ Инфраструктура“ изврши реконструкција на пругата на оваа релација, со што се подобрени нејзината безбедност и капацитетот, а е овозможено и движење на возовите со поголема брзина.

Најнови вести од: Македонија

To top