Македонија

Охридското езеро денеска порибено со 100 илјади единки охридска пастрмка – во 2027 со уште 1 милион и 550 илјади

Охридското Езеро денеска ќе биде порибено со сто илјади единки охридска пастрмка, подмладок со просечна тежина од 4,2 грама, со што ќе биде заокружено порибувањето за оваа година – соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски при посетата на Хидробиолошкиот институт во Охрид. Тој оцени дека досегашните резултати во обновувањето на популацијата на […]

Охридското Езеро денеска ќе биде порибено со сто илјади единки охридска пастрмка, подмладок со просечна тежина од 4,2 грама, со што ќе биде заокружено порибувањето за оваа година – соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски при посетата на Хидробиолошкиот институт во Охрид.

Тој оцени дека досегашните резултати во обновувањето на популацијата на охридската пастрмка се повеќе од задоволителни. Во август и септември, како што посочи, сите риболовни зони на езерото биле порибени со вкупно 6,5 тони одгледан подмладок, што е за 1,6 тони повеќе од првично планираните 4,9 тони.

Во езерото годинава била внесена и посебна група од сто илјади поголеми единки охридска пастрмка од минатогодишниот мрест, со просечна тежина од 16 грама. Според Серафимовски, тоа е особено значајно за надоместување на пропуштеното во периодот од 2019 до 2023 година кога имало пауза во вештачкиот мрест.

За продолжување на активностите за обновување на популацијата, потпишан е договор со Хидробиолошкиот институт за следниот циклус вештачки мрест и порибување во 2027 година, со нови 1.550.000 млади единки охридска пастрмка.

– Напредок има и во обновувањето на летната форма на охридската пастрмка. По 23 години од последниот вештачки мрест на оваа форма, експериментално е добиен подмладок, кој успешно се одгледува и отвора можност за поинтензивно порибување – рече тој.

Покрај заштитата на охридската пастрмка, тој нагласи дека Министерството ги засилува и активностите за зачувување на јагулата, која е критично загрозен вид. Серафимовски посочи дека Владата првпат усвоила национален план за управување со јагулата, кој предвидува пуштање подмладок и обезбедување безбеден транспорт на сребрените јагули при нивното движење кон морето.

– Според планот, 40 проценти од утврдената годишна квота за лов на јагула во традиционалната рибарска замка „Далјан“, на Црн Дрим кај Струга, треба да бидат пренесени во морската средина. На тој начин јагулите ќе може да го продолжат патот кон Саргасовото Море избегнувајќи го минувањето низ турбините на хидроцентралите по течението на Црн Дрим – рече тој.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, во оваа пригода посочи дека нивните инспектори во соработка со рибочуварската служба од Охридскиот Регион и езерската гранична полиција вршат редовни контроли на Охридското Езеро, вклучително и на работата на концесионерите и почитувањето на договорните обврски.

– Од почетокот на 2026 година до денеска имаме спроведено вкупно 231 инспекциски надзор на Охридското Езеро, а за сторени прекршоци имаме издадено 21 платен налог – рече тој, притоа појаснувајќи дека од нив, четири платни налози се однесуваат на правни лица и нивните управители – додека останатите се издадени на физички лица.

Директорот посочи дека инспекторите активно се вклучени и во борбата против нелегалниот риболов, но нагласи дека за негово сузбивање е потребен координиран пристап на сите надлежни институции.

– Инспекторатот е само една алка во целиот синџир. Мора да поработиме и на подобрување на законската регулатива, односно на измена на прекршочните одредби, за да создадеме подобри услови за заштита на езерото и за понатамошно постапување – рече тој.

Спроведувањето на активностите и следењето на нивните ефекти ќе се одвиваат преку Хидробиолошкиот институт, со институционална поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Најнови вести од: Македонија

Денес предадено во употреба новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопско Ченто со 30 училници – вложени околу 2,8 милиони евра

Новиот објект на основното училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто во општина Гази Баба денеска свечено беше пуштен во употреба во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование Весна Јаневска, градоначалникот Бобан Стефковски, како и наставници, ученици, родители и граѓани.

ВМРО ДПМНЕ за случајот „Михаилова“: Како може невролог да дава мислење за хирургиски зафат во Бугарија?!

ВМРО-ДПМНЕ упати обвинувања до докторот Барбов, Венко Филипче и Зоран Заев во врска со случајот со Ива Михаилова, барајќи одговори за медицинските постапки и одлуката за нејзино лекување во Бугарија.

Мицкоски: Се градат два гасоводни интерконектора, со тоа ќе се зголеми драматично геостратегиското значење на Македонија!

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговори на новинарско прашање во однос на гасификацијата до каде е процесот, којa ќе биде користа за граѓаните и кога може да се очекува да заврши.

Најнови вести

To top