Променливо облачно ќе биде времето денеска, а попладне и во текот на ноќта се очекуваат повремени врнежи од дожд.
Пообилни врнежи се најавуваат во северозападните делови од земјата, каде локално може да наврнат над 25 литри на квадратен метар. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе се движи меѓу 11 и 16 степени, објави УХМР..
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд во попладневните и ноќните часови. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, кој во делови од котлината повремено ќе засилува, а дневната температура ќе достигне до 14 степени.
Управа за хидрометеоролошки работи соопшти дека најниската утринска температура денеска изнесуваше -4 степени во Берово, -2 на Попова Шапка, а 0 степени во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица и Маврови Анови. Во Тетово, Прилеп, Штип и Крушево се измерени 1 степен, во Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија и Виница 2 степени, во Скопје-Зајчев Рид, Охрид и Кавадарци 3 степени, додека најтопло било во Гевгелија со 5 степени.
Во изминатите 24 часа до 7 часот утринава се измерени 2 литра на квадратен метар врнежи во Охрид и Претор. Снежната покривка на Попова Шапка изнесува 62 сантиметри.