Македонија

Поетот на македонската кауза Никола Вапцаров, стрелан од Бугарите на 23.7.1942: Нас ќе нѐ спаси само надежта!

Поетот на македонската национална кауза Никола Јонков Вапцаров со жесток патриотски занес им отсече на оѕверените и занемени судии во бугарскиот фашистички суд на судењето на 22 јули 1942 година во Софија: „Дејствував со полна свест дека ѝ служам на својата Татковина како нејзин верен син. Се борев за нејзината среќа, готов сум да умрам за неа!“ Пред да биде стрелан еден ден потоа, на 23 јули, ја испишува песната „Претсмртно“, во која со последниот стих му искажува љубов и му упатува вонвременскa порака на својот македонски народ: „Но в бурата пак со тебе ќе сме, / народе мој, зашто си се сакавме.“ Оваа 84-та годишнина од смртта на Вапцаров е пригода за ново навраќање кон неговиот живот и дело, кон пораките од неговото творештво. 

„Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха… Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на национално-револуционерното движење  – Илинден, Гоце, Даме… Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза. – ќе истакне македонскиот револуционер и поет Никола Јонков Вапцаров во својот реферат, кој го поднесува по повод основањето на Македонскиот литературен кружок во Софија во 1938 година. Оваа порака со историско значење „Ние сме Македонци, затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската каузаќе ја повтори Блаже  Конески на 13 февруари 1947 година на основачкото собрание на Друштвото на писателите на Македонија. Заедно со Михаил Сматракалев и Антон Попов Вапцаров е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој подоцна се вклучуваат и Коле Неделковски, Венко Марковски, Ѓорги Абаџиев и други. 

 Вапцаров – најсилниот поетски талент меѓу Македонците, кои твореле на други јазици, освен на македонски

Никола Јонков Вапцаров, македонски поет и писател со бугарско државјанство, комунист, есеист, новинар и револуционер, е роден во Банско, Пиринска Македонија, денес во Бугарија, на 7 декември 1909 година, во семејство, кое му било посветено на македонското ослободително движење. Тој бил најсилен поетски талент меѓу Македонците, кои твореле на други јазици, освен на македонски јазик. Неговата единствена стихозбирка со наслов „Моторни песни“ содржи 20 песни, напишани на бугарски јазик. Нему му припаѓа видно место во бугарската книжевност, иако во животот и преку својата поезија недвосмислено изјавувал дека е Македонец, без оглед што творел на бугарски јазик. Неговата поезија е изразито родољубива, општествена, револуционерна и човекољубива. Вапцаров бил член на Сојузот на бугарските писатели. 

Се запишал во Морнарско-машинското училиште во Варна, каде што се сретнал со марксистичко-ленинистички кружок и станал негов активист. Таму го објавил во 1926 година го објавил своето прво поетско дело – стихотворбата „Кон светли идеали“.  Во 1940 година ја издал својата прва и последна поетска збирка „Моторни песни“. Во септември 1941 година се вклучил активно во револуционерната дејност во Бугарија и учествувал во диверзантски акции. Истовремено дејствувал и како соработник на Централниот комитет на Бугарската комунистичка партија. Поради своите антифашистички активности и диверзантски акции Никола Вапцаров бил постојано следен од бугарската полиција и бил затворан. На 4 март 1942 година бил уапсен заедно со Антон Попов, член на Македонскиот литературен кружок. Потоа бил подложен на жестоки измачувања од полицијата во текот на четири месеци. Заедно со поголема група антифашисти во судскиот процес против ЦК БРП Вапцаров бил осуден од фашистичкиот суд, заедно со Антон Попов, на смртна казна без право на жалба. Под притисок на своите роднини Никола напишал молба за помилување до бугарскиот цар, во која побарал смртната казна со стрелање да му биде заменета со казна доживотен затвор. И покрај тоа, на 23 јули 1942 година Никола Вапцаров и Антон Попов, заедно со четворица други бугарски комунисти, биле стрелани во дворот на една софиска касарна.

 Куршумите на стрелачкиот вод ја прекинуваат претсмртната песна на Вапцаров: „Тој што ќе падне во бојот за слобода – тој не умира!“

Во својата научна статија со наслов „Беседа за делото на Вапцаров“ историчарот и академик Блаже Ристовски изнел впечатливи согледувања и факти за животот на Никола Вапцаров , а особено за последните животни мигови пред да биде убиен од Бугарите. Покрај другото, Ристовски пишува: „Куршумот го спречи животот на Никола Вапцаров кога немаше ни полни 33 години. Пред фашистичкиот суд во Софија тој гордо и смирено одговори: Се борев за среќата на мојата татковина, готов сум да умрам за неа! На оѕверените и занемени судии со жесток патриотски занес им отсече: ‘Дејствував со полна свест дека ѝ служам како верен син на својата Татковина. Не се кајам. Милост од никого не молам! ‘(Според книгата на неговата сопруга Бојка Вапцарова со наслов ‘Спомени за Вапцаров’, објавена во Софија во 1961 година).“

Натаму во статијата Блаже Ристовски има напишано: „На избезумената мајка непосредно пред стрелањето како утеха и рече: ‘Мамо, јас треба да умрам. Гледај да свикнеш со таа мисла, смирувај се со зборовите на твојот Христос: Ако житното зрно најнапред не умре, тоа нема да даде плод.’ Плотунот од зинатите цевки на стрелачкиот вод ја прекина неговата песна: ‘Тој што ќе падне во бојот за слобода – тој не умира…’ Но, песните на Вапцаров бесмртно ја продолжија потрагата по слободата и правдата за неговиот народ… Во раката на неговата сопруга Бојка остана ливчето со заветните стихови: ‘Но в бурата пак со тебе ќе сме,народе мој, зашто си се сакавме’. (последен стих од песната на Вапцаров ‘Претсмртно’).“

Вапцаров: „Земјо моја! Прекрасна земјо моја!… / Поена со крв, / лулеана в тешки метежи.“

„Вапцаров беше завештан на олтарот на Татковината. Тој се роди и растеше под стреата на ајдутскиот Пирин. Од лулка ги слушаше песните и легендите за народните борци. Ја учеше буквата ‘р’ преку зборот ‘револвер’, зашто во родниот дом бдееше духот на Илинден и фанатично се мечтаеше за Вториот… Никола Вапцаров беше задоен со две љубови: Поезијата и Татковината. Им остана доследен до последниот здив. Никола Вапцаров не го дочека толку мечтаениот ден… Но неговото дело и денеска пулсира во нашата слобода.“ – нагласува академик Блаже Ристовски на крајот на својата статија „Беседа за Вапцаров“.

Песната „Земја“ е  можеби најубавата, најпопуларната, но и од Бугарите најоспорувана песна на Вапцаров. Иако е напишана на бугарски јазик, таа блика од македонско родољубие. Поетот со нежни зборови ја опишува својата татковина Македонија и љубовта што ја чувствува кон неа.

 Вапцаров: „Нас ќе нѐ спаси само надежта!“

 Во Бугарија овој македонски патриот – вљубеник во Македонија денес се означува како бугарски поет и „Бугарин по род“, бидејќи пишувал на бугарски јазик. Иако Вапцаров во својата поезија ја воспевал само својата татковина Македонија, но не и Бугарија, која го убила. 

Еден од најтешките бугарски фалсификати за личноста и поезијата на македонскиот поет Вапцаров е неговиот „прием како редовен член на Сојузот на писатели  на Бугарија во 1947 година“, а го убиле во Софија пет години пред тоа! Ова го истакнува фејсбук-профилот „Македонија: вистинска бесконечна приказна“ („Macedonia: a True Endless Story“), која објавува историски документи и сведоштва, објавувајќи и соодветен документ.

Во својата статија со наслов „Поминаа 80 години од стрелањето на Никола Јонков Вапцаров: Нас ќе нѐ спаси само надежта!“, објавена во весникот „Нова Македонија на 23 јули 2022 година., писателот и публицист Блаже Миневски има напишано: „Пред околу десеттина години имав средба во Софија со неговата внука од брат Маја Вапцарова. Таа тогаш за првпат откри дека е пронајден непознат дневник Никола, пишуван за време на неговото школување во Воено-поморското училиште во Варна од 1926 до 1930 година. Маја цитира една реченица од дневникот на Вапцаров: ’Нас ќе нѐ спаси само надежта!“.

На Никола Јонков Вапцаров му била доделена посмртно почесната Меѓународна награда за мир во 1952 година. Во септември 2009 година во својата реч по повод одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Вапцаров во рамки на  „Струшките вечери на поезијата“ академик Гане Тодоровски истакнува: „Вапцаров е златна рожба на македонската земја и показ за неисцрпната и незапирлива творечка моќ на македонскиот национален дух. Тој е неповторлив волшебник на поетската реч, која се одликуваше со македонство, оптимизам и пророчки визии за новото лице на историјата на македонскиот народ.“

„Никола Јонков Вапцаров останува еден од најголемите синови на Македонија.“порачуваат Македонците од ОМО „Илинден“ од Пиринска Македонија, додавајќи: „Македонија не смее да го заборави.“

Најнови вести од: Македонија

Вреди бара одговор и одговорност од Таравари: Каде исчезнаа 7 милиони швајцарски евра за водата во Гостивар?!

Коалицијата ВРЕДИ упати серија обвинувања кон Арбен Таравари, тврдејќи дека неговите сегашни изјави се во спротивност со ветувањата што ги давал додека бил на чело на Општина Гостивар. „Каде исчезнаа 7 милиони евра помош од Швајцарија?“ – прашуваат од ВРЕДИ, додавајќи дека граѓаните заслужуваат целосна транспарентност и отчетност.

Силни инвестиции и оперативна извонредност: EOS Group завршува успешна деловна година

EOS Group ја заврши деловната 2025/26 година со силни финансиски резултати, рекордно ниво на инвестиции и значајни достигнувања во областа на одржливоста, потврдувајќи ја својата позиција како еден од водечките европски инвеститори во професионалното управување со побарувања.

Мицкоски: Можe ќе го намалиме ДДВ-то на горивата

Како Влада веќе донесовме мерка со намалување на дел од акцизите за бензините и за дизел горивата, за жал цената на берзите расте, денеска повторно се доближува до  психолошката граница од 100 долари за барел, рече премиерот

Три медали за Македонија на Европската олимпијада по вештачка интелигенција

Бронзените медали за Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, ученик во гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп, Андреј Ангелов од Македонска Каменица, ученик во Математичко информатичката гимназија во Скопје и Тодор Пљаков од Велес, ученик во гимназијата „Кочо Рацин“

При обид на шверц, запленет златен накит во вредност од 1,3 милиони денари

Случајот е откриен при детален претрес на автомобил во кој патувале брачен пар, државјани на Република Македонија со престој во Белгија, додека во торбата на патничката се пронајдени 26 парчиња златен накит

To top