Македонија

Полицијата ќе оди најдлабоко со истрагата за пожарот во Трубарево

Еколошките институции да ги посетат сите депонии

Постојат индиции, но во интерес на истрагата не би можел да споделам повеќе информации. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, прашан за оценка на безбедносната состојба во државата по последните пожари во околината на Скопје и дали зад нив стојат центри на моќ од државата и надвор од неа, како што вчера изјави премиерот Христијан Мицкоски, односно дека се работи за хибриден напад, како што кажа, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

„Будни сме, присутни сме на терен и Министерството за внатрешни работи ги презема сите потребни надлежни дејствија“,

рече Тошковски одговарајќи на новинарски прашања во кругот на фабриката „Макстил“ каде што денеска се вршеше уништување на запленети оружје и дрога.
Говорејќи за последниот пожар во фирмата за третирање на електронски отпад во скопското село Трубарево, министерот потсети дека се вршени информативни разговори со четири лица и дека во врска со нив се постапува по насоки на јавен обвинител.

На овие лица, како што претходно денеска информираа од Основниот кривичен суд Скопје, на предлог на скопското обвинителство им е одреден краткотраен притвор од 48 часа поради основано сомнение дека сториле кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад.

„Така што, сите оние дејствија што треба да ги преземе како Министерство за внатрешни работи, ќе ги преземеме и ве уверувам дека за секој еден за кој ќе има докази дека учествувал во ваков тип на криминал, којшто е поврзан со, слободно можам да кажам, еколошки криминал, и тоа како ќе следуваат соодветни дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи“,рече министерот за внатрешни работи.

Во тој контекст, Тошковски кажа оти е убеден дека во истата насока ќе продолжат да дејствуваат и Обвинителството и судот бидејќи, како што додаде, македонски граѓани заслужуваат да живеат во безбедна и чиста Македонија од еколошки аспект.

Прашан колку длабоко ќе оди истрагата, односно ќе се истражува ли дали фирмата чиј објект се запали во скопското Трубарево ги исполнувала техничките услови за третиреање на ваков тип отпад, кој ја дал дозволата, дали има лиценца, дали биле запазени противпожарните стандарди, односно дали ќе се постапува како во случајот со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Тошковски рече дека во моментов не сака да навлегува во детали, но, додаде дека истрагата „ќе оди најдлабоко колку што може да оди“.

„Уште од самиот почеток се работи на предметното правно лице, всушност оние што беа задржани и на кои им е одреден краткотраен притвор, а се поврзани со сопственичка и управувачка структура во рамките на компанијата. Така што сето ова што го напоменавте ќе биде нужно да се истражи и да се расветлат сите овие прашања“,рече министерот за внатрешни работи.

Дополнително, тој рече оти, според него, треба да се оди чекор подалеку и не само за оваа фирма. Во таа насока тој ги повика сите институции да ги преземаат дејствијата што се во нивна надлежност за да се превенираат вакви случаи, а не да се реагира откако тие ќе се случат.

„Би ги повикал сите институции и надлежни во Македонија особено Министерството за животна средина и сите оние инспекторати, директорати и еден тон институции коишто ги имаме, а се поврзани со еколошка заштита, максимално да се вклучат во преземање на сите нивни надлежни дејствија, согласно закон. Да си ја работеле тие работата како што треба, немало да дојде до ова до коешто дојде. Факт е дека институциите се дерогирани повеќе од 30 години во Македонија, се уништувани, запуштани, раководени од несоодветен кадар, нефокусирани во насока на преземање на своите надлежности, непреземање на професионални стандарди“,рече Тошковски правејќи споредба со денешниот настан, каде, како што кажа, согласно сите стандарди се уништува запленета дрога и оружје.

https://expres.mk/makedonija/vo-makedonija-drogata-i-nelegalnoto-oruzhje-nemaat-idnina-deciden-e-toshkovski/

Навраќајќи се на пожарот во Трубарево, министерот рече оти се должни да го истражат конкретниот случај најдлабоко што се може, но, како што кажа, должни се и сите останати инспекторати, агенции и институции, секоја во рамките на својата надлежност, да излезат на терен и да ги посетат сите како легални така и диви депонии.

„Да видат не само дали имаат дозвола за работа, да видат дали постапуваат согласно дозволата за работа, дали постапуваат согласно професионалните стандарди, дали постапуваат согласно законски утврдените правила на игра, дали постапуваат согласно подзаконските акти, како треба да се чува тој отпад, како треба да се складира, како треба да се уништува, во кои временски периоди треба да се преземаат дејствијата итн. Значи ние треба еднаш засекогаш да сфатиме дека наместо да трчаме да го решаваме проблемот откако ќе се случи, сите надлежни институции превентивно да си ја работат работата, за да не дојде до инцидент“,изјави Тошковски.

Прашан за причините за пожарот во фабриката за третирање електронски отпад во Трубарево, министерот за внатрешни работи рече дека за да се утврди тоа првин е потребно да се направи увид. Тоа, како што додаде, би било можно откако ќе поминат најмалку 24 часа откако пожарот ќе биде целосно изгаснат.

„Согласно информациите што ги добив од експерти од форензика во текот на неделата, увид на пожарот може да се врши најрано 24 часа по целосно гасење на истиот, а препорачливо би било 48 часа по целосно гасење на истиот. За да ги утврдиме причините за пожарот прво што треба да направиме е увид на самото место. Така што во тој дел не би навлегувал повеќе во детали“,рече Тошковски.

Околу потребата за заседавање на Советот за безбедност, Тошковски рече дека остава за тоа прашање да одлучи „оној што е надлежен“.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

Мицкоски: Усниот дел од правосудниот испит треба да се полага единствено на македонски јазик

Писмениот дел од правосудниот испит да се полага на јазикот на кој е завршено високото образование, а усниот на македонски јазик. Ова е ставот на македонската Влада, кој денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, по вчерашното одбивање на ваквиот предлог од студентите Албанци, на средбата со министерот за правда, Јетон Шасивари.

Клековски: Со бугарската министерка се согласивме дека случајот со Ива е правно, а не здравствено прашање

Македонскиот министер за здравство Сашо Клековски изјави дека за време на средбата со бугарската министерка за здравство во Софија била постигната премолчена согласност дека случајот со Ива Михаилова не е прашање од областа на здравството, туку од надлежност на правосудните институции.

Се разгледуваат две локации за новиот Клинички центар во Скопје – вложувања во здравствени објекти во Штип, Тетово и Кичево

Две локации во близина на болницата „8 Септември“ се разгледуваат за изградба на новиот клинички центар во Скопје, а преговорите за изборот на парцелата треба да завршат до крајот на годинава, најави премиерот Христијан Мицкоски. Истовремено, Владата подготвува инвестиции во три здравствени објекти во Штип, Тетово и Кичево, при што реализацијата на првиот проект би можела да започне во летото 2027 година.

To top