Македонија

Потребни се рабони места кои ќе нудат баланс меѓу приватниот и професионален живот

Додека компаниите се соочуваат со недостиг на кадар, жените одбиваат да прифатат работа, затоа што не можат да ги усогласат работните со приватните обврски. Неопходно е креирање работни места кои ќе понудат баланс меѓу приватниот и професионален живот. Такви се воведување флексибилно работно време, дополителни паузи за носење дета на лекар, бесплатни градинки или курсеви за децата, дополнителни финансиски бенефиции.

Дополнително платено татковско отсуство, поддршка за децата на вработените и приспособени решенија за вработени што се грижат за членови од семејството беа во фокусот на настанот „Работни места по мерка на семејствата: размена на најдобрите приоди од компаниите шампионки“, одржан во Стопанската комора на Македонија. Претставнички на компании од Македонија и Косово споделија искуства со родово одговорни семејни политики и разговараа за нивната примена, резултатите и научените лекции. Ова беше истакнато на настанот организиран од Конект и Фондот за население на Обединети Нации, на кој активно учество земаа 50 претставници на деловниот сектор и други засегнати страни.

На настанот беше промовиран и практикумот „Работни места по мерка на семејствата: Практикум на мерки што функционираат“, кој ги доближува искуствата на компаниите до работодавачите што сакаат да воведат или да ја унапредат поддршката за усогласување на работните и семејните обврски. Пракрикумот претставува збирка на разновидни приоди на примена на родово одговорни семејни политики. Воспоставените мерки овозможиле зголемување на продуктивноста, лојалноста и задоволство кај вработените.

  • „Работата и семејниот живот денес не можат строго да се одвојат. Компаниите го препознаваат тоа и флексибилноста сè повеќе ја користат за да ги привлечат и задржат своите вработени. Тоа го прават со овозможување работното време да се искомбинира со грижа за родители, деца и блиски, со флексибилни работни ангажмани, сервиси и услуги што го олеснуваат секојдневието. Законите и политиките треба да ја следат, а не да ја попречуваат оваа реалност и да им овозможат на компаниите полесно да создаваат работни места по мерка на семејствата“, изјави Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.

Регионалната соработка и размената на искуства беа истакнати како важен дел од унапредувањето на родово одговорните семејни политики.

  • „Фондот за население на Обединетите нации, со поддршка на Австриската агенција за развој, активно работи на полето на спроведување родово-одговорни семејни политики во регионот, преку соработка со компаниите во приватниот сектор и владите“, вели Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, вршителка на должноста шефица на канцеларијата на УНФПА во Македонија. „Проектот Проширување на изборот е одличен пример на регионална соработка на полето на промоција на родовата еднаквост преку размена на искуства и регионално поврзување“, додава Брајовиќ Григоријевиќ.

Во панел-дискусијата „Мерки што даваат резултати“ учествуваа претставнички од компаниите шампионки „Комфи Ангел“, „НЛБ Банка АД Скопје“ и „Фармахем“. Преку искуството на „FINCA Kosovo“ споделено од Hana Salihu се внесе и регионална перспектива во разговорот. Компаниите испратија заедничка порака дека родово одговорните семејни политики не мора да започнат со големи инвестиции. Често е доволно да се направи првиот чекор – да се препознаат потребите на вработените и да се воведе мерка што ќе им помогне полесно да ги усогласат работните и семејните обврски. Така се создаваат работни средини во кои вработените се почувствуваат поддржани, а компаниите стануваат поатрактивни и поконкурентни работодавачи.

Настанот се организираше во рамки на проектот „Проширување на изборот преку политики за усогласување на семејните и работните обврски“ спроведуван од Конект и УНФПА, а финансиски поддржан од Австриската агенција за развој (АДА). Во изминатиот период Конект преку програмата поддржи 7 компании да ја унапредат својата семејна одговорност и родова рамноправност обезбедувајќи менторство за меначмент и примена на стратешки мерки. Иницијативата се окрупнува преку Клубот на одговорни бизниси на Конект каде компаниите продолжуваат да ги разменуваат најдобрите пракси.

Најнови вести од: Македонија

To top