На шест часа, почнувајќи од 17 часот по македонско време (18 часот по локално време), грчките земјоделци го блокираат граничниот премини Евзони кон нашата земја за влез и излез од Грција. Блокадата се очекува да трае до полноќ по грчко, односно 23 часот по македонско време, и како и досега, ќе се однесува на сите видови возила: товарни, автомобили и автобуси.
Македонското стопанство директно погодено од честите блокади на грчката граница. Штетите се бројат во милиони. Како резултат на блокадите, бројни шлепери и камиони беа принудени да чекаат на границата. Последиците од претходните протести директно ги чувствуваа и патниците и транспортерите од Македонија, велат превозниците. Тие се надеваат дека проблемот ќе се реши што побрзо, за непречен транспортот на стоки и услуги.

Грчките земјоделци и вчера попладне во истиот период го блокираа граничниот премин, а во однос на плановите за следните денови, исто како и досега, одлуките ќе ги носат во последен момент, особено сега кога изразија подготвеност во вторник да се сретнат со грчкиот премиер.
На ГП Ники (ГП Меџитлија), како што соопшти АМСМ, има забрана за движење товарни возила, која ќе трае до утре до 10 часот.
Вчера претпладне, земјоделците во цела Грција ја почнаа најавената 48-часовна блокада во целата земја, меѓутоа по новата покана за дијалог и средба упатена од владата, решија да повлечат дел од блокадите што се на споредните патишта, но сепак тракторите остануваат паркирани на автопатиштата.
Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, вчера упати покана до земјоделците во вторник да се сретнат со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но со два предуслова: прво, делегацијата на земјоделците да ги претставува сите блокови и, второ, дијалогот да се одржи со отворени патишта.
Владината покана ја прифатија земјоделците, а утре напладне ќе одржат состанок со учество на претставници од сите блокови за да ја одредат делегацијата што во Атина ќе се сретне со Мицотакис, како и темите и барањата што ќе ги иницираат на состанокот. Грчката влада во средата детаљно ги објасни мерките за земјоделците, а ставот е дека нема простор за дополнителни мерки за поддршка. Протестите на земјоделците во Грција почнаа на 30 ноември и траат над 40 дена со секојдневни блокади на низа локации во целата земја.
Блокадите на граничните премини во Грција започнаа на 30 ноември, при што околу 300 трактори беа паркирани на грчката страна на границата „Евзони“. Блокади за товарни возила има и на премините кон Бугарија и Албанија.