Македонија

Повторно во функција обвинителот Цветаноски, суспендиран поради милионските бонуси во СЈО: Новата комисија многу посериозно да ги земе предвид моите наводи!

Јавниот обвинител Јован Цветановски повторно ја извршува својата функција во Вишото јавно обвинителство Скопје, откако Советот на јавни обвинители едногласно ја укина неговата суспензија поради утврдени пропусти во постапувањето на дисциплинска комисија. Истовремено, Советот одлучи дисциплинскиот предмет против него да се врати на повторно разгледување. Јован Цветановски беше ангажиран на предметот за бонусите исплатени во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Цветановски беше суспендиран и тврдеше дека суспензијата е резултат на притисоци и обид за дискредитација, бидејќи одбил да донесе „незаконска одлука“ за бонусите. Тој изјави дека врз него се вршени притисоци од други обвинители и дека суспензијата е дел од политички мотивирана хајка.

Во изјава за МИА, Цветановски вели дека засега нема добиено официјално решение за укинување на првостепената дисциплинска одлука и оти очекува прво да се запознае со утврдените пропусти, пред да даде поконкретен став. -Сѐ уште немам добиено решение во однос на укинувањето на првостепената дисциплинска одлука. Имам решение само за укинување на суспензијата. Треба формално да ми биде доставено решението, да видам кои се пропустите што се констатирани, за да можам да коментирам – изјави Цветановски.

Тој очекува новата дисциплинска комисија поинаку да ги оценува наводите од неговата жалба, за кои, како што вели, воопшто не биле разгледани во првичната постапка. -Мојата жалба на првостепеното решение беше обемна и првостепената комисија не одговори ниту на 10 проценти од наводите. Од тие причини очекувам тие да бидат констатирани во решението на Советот и дисциплинската комисија сега да посвети поголемо внимание, бидејќи станува збор за сериозни прашања – посочи Цветановски.

Според него, особено проблематичен е делот што се однесува на, како што тврди, незаконски надзор врз неговото работење. – Со еден надзор, за кој тврдам дека е незаконски, се влијаеше на моето работење како обвинител – на мислењето и одлуките што сум ги донел. Тоа се одлуки предложени согласно законските процедури. Очекувам новата комисија многу посериозно да ги земе предвид овие наводи – додава тој.

Во однос на прашањето дали повторно ќе постапува по предметот за бонусите на СЈО, Цветановски вели дека тоа е неизвесно. – Сè зависи дали ќе има поднесено жалба и дали таа ќе биде доставена до нас. Треба да видам какви се процедурите во обвинителството за тоа, доколку има нови – рече тој.

Советот на јавни обвинители на последната седница едногласно ја укина неговата суспензија и одлучи предметот да го врати на повторно разгледување. Претседателот на Советот, Башким Бесими, по седницата изјави дека при разгледувањето на предметот за Цветановски биле утврдени сериозни пропусти во работата на првостепената дисциплинска комисија. -Како Совет не можеме да ги поправаме тие пропусти, бидејќи немаме такви надлежности. Затоа предметот го враќаме назад со конкретни насоки, па Комисијата треба да донесе нова одлука – изјави Бесими.

Во однос на укинувањето на суспензијата, тој појасни дека токму тие пропусти се основот обвинителот Цветановски да се врати на работа. – Во решението за суспензија имаше повеќе пропусти и со тоа се исполнети условите јавниот обвинител да се врати на својата функција – рече Бесими.


Најнови вести од: Македонија

Ѓорче Петров, жестокиот борец против врховизмот и великобугарските посегања кон Македонија, „земјата врз која се излеал сиот божји благослов“

Денеска се одбележуваат 105 години од убиството на Ѓорче Петров, еден од идеолозите на македонската револуционерна борба  за слобода на македонскиот народ и за создавање самостојна македонска држава. Поради своите чисто македонски позиции, Ѓорче Петров станал најнапаѓаниот член на ВМРО од страна на великобугарските врховисти. Неговиот став кон Бугарија и бугарската политика бил критичен – тој се борел за самостојна македонска ослободителна борба и остро се спротивставувал на бугарските врховистички обиди и мешања во внатрешните работи на Организацијата. Ѓорче Петров бил еден од авторите на Уставот на ТМОРО, чија цел била создавање самостојна македонско-одринска област. Тој бил жесток противник на бугарскиот Врховен комитет (врховистите), кој се обидувал да ја стави македонската револуционерна борба под контрола на официјална Софија. Во своето капитално дело „Материјали по изучувањето на Македонија“, тој ги отфрлил стремежите на соседните држави. За бугарските и српските пропагандни тврдења дека македонското население е бугарско, односно српско, тој јавно истакнал дека „тие докажувања не вредат ни луле тутун“. Во 1920-тите години дошол во сериозен политички судир со Тодор Александров. Ѓорче Петров бил убиен на 28 јуни 1921 година среде Софија, по налог на Тодор Александров, а атентатот го извршил Турчинот Реџеп.

Василевска: Македонија и оваа година ќе биде пример во регионот за исполнување на реформските задачи

Европските институции ја потврдуваат посветеноста на Македонија во спроведувањето на реформскиот процес, што резултираше со најзначајна финансиска поддршка од Планот за раст

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче молчи за бугарските провокации и работи на штета на државата

Филипче беше дел од структурата на СДС која ги распродаде македонските национални интереси, структура која го понижи македонскиот идентитет, го доведе во прашање јазикот и историјата

Одбележување на 80-години од почетокот на Граѓанската војна во Грција и 78-годишнината од прогонството на децата Македонци

Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и соорганизација на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Сонцето од Кутлеш“ – Скопје

To top