Македонија

Предупредување од Комисијата за заразни болести: Не се опуштајте, можна е појава на жолтица и хепатит

Комисијата за заразни болести алармира

По епидемијата прогласена во Гостивар поради загадената вода од градскиот водовод, можно е да се појави и жолтица како последователна последица, предупредуваат од Комисијата за заразни болести.

Од Комисијата, која е советодавно тело на министерот за здравство, велат дека будно ја следат ситуацијата со епидемијата во Гостивар и здравствената слика кај пациентите што се јавија во болниците поради стомачни тегоби. Тие посочуваат дека во актуелната ситуација не смее да има опуштање ниту кај граѓаните на Гостивар, ниту кај здравствените власти.

„Ние како Комисија алармиравме навреме да не се опушти здравствениот систем, оти можно е покрај овие цревни причинители да имаме појава и на хепатит А, но и на хепатит Е, за што нормално благовремено е известено Министерството за здравство и здравствените власти во државата“, вели д-р Жаклина Шопова, инфектолог во Комисијата за заразни болести.

Д-р Шопова објаснува дека може да има многу причинители за болеста и ваквата слика не е невообичаена кај хидрични епидемии, кога во организмот може да се најдат различни вируси и бактерии поради мешање на чиста и неисправна вода. Сепак, според неа, точниот „виновник“ кој го разболел секој пациент поединечно никогаш не може целосно да се утврди.

„Златен стандард по однос на бактериите е копрокултурата. Како што сте известени од министерот, копрокултурите засега кај сите пациенти се негативни. Што значи тоа? Да, имаме присуство и на бактерии и на вируси, но кој е виновникот? Тоа досега во светот никој не го кажал при вакви хидрични епидемии“, додава инфектологот.

Министерот за здравство Сашо Клековски вчера изјави дека Астровирус и Шигела се најчестите вируси и бактерии изолирани кај жители на Гостивар, но тие не се идентични кај сите пациенти, па затоа не може да се излезе со генерален заклучок.

Ова е петтиот ден откако е прогласена епидемија во Гостивар. Жителите и понатаму не смеат да ја користат водата од градскиот систем за никаква намена, сè додека не добијат официјално известување дека водата е исправна.

Во меѓувреме, епидемијата стивнува. Според податоците од 23 јули, во јавните здравствени установи се евидентирани 197 новопрегледани пациенти, што е намалување во однос на претходниот ден кога имало 233 прегледи. Од 14 јули заклучно со вчера, вкупно 3.865 лица побарале лекарска помош.

На 21 јули Владата прогласи кризна состојба во Гостивар за побрза координација на институциите. Во тек е хиперхлорирање на каптажата и испирање на примарната мрежа. Се очекува до крајот на неделава граѓаните да добијат техничка вода во домовите, а до крајот на наредната недела и вода за пиење.

Истовремено, Основното јавно обвинителство во Гостивар води истрага против три лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар за тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со загадување на вода за пиење. Казните за ова кривично дело предвидуваат минимум четири години затвор.

Најнови вести од: Македонија

Почина 72-годишен скопјанец од западнонилска треска в болница

Седумдесет и двегодишен скопјанец почина по компликации од западнонилска треска, соопшти денеска директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана. Пациентот бил со тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, а уште при приемот во болница бил во тешка општа состојба.

(Видео): Со синовите бевме на научнообразовна екскурзија во Белгија, рече премиерот за еднонеделното патување

„Јас не сум љубител на големи годишни одмори со солена вода, со песочни плажи итн. и си рековме – екскурзијата да ја прошириме и тоа да биде научнообразовна екскурзија во Белгија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Пронајдени вооружени луѓе во строго-заштитено подрачје на Пелистер

Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“, во соработка со СВР Битола, спровела повеќечасовна акција за пронаоѓање лица вооружени со огнено оружје, кои навлегле длабоко во територијата на паркот.

Кисела вода добива сè повеќе првачиња

Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, рече дека изградбата на салата во Припор е реализација на долгогодишно барање на жителите. Таа нагласи дека проектот е реализиран во соработка со Владата и Министерството за образование.

To top