Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, заминува во работна посета на Полска, каде што ќе присуствува на свеченото комеморативно одбележување на трагичната судбина на македонските Евреи во време на Холокаустот.
Централниот настан ќе се одржи во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“, на местото каде што во март 1943 година биле депортирани и убиени 7.144 македонски Евреи од територијата на тогашна Вардарска Македонија.
Претседателката Сиљановска-Давкова ќе положи венец пред спомен-обележјето посветено токму на овие жртви, со што ќе оддаде почит на нивната меморија и ќе го потврди континуитетот на македонската држава во негувањето на културата на сеќавање.
Во македонската делегација, предводена од претседателката, се наоѓаат амбасадорот Габриел Атанасов – национален координатор и шеф на делегацијата при Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (ИХРА), претставници на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, како и членови на Еврејската заедница во земјава.
За време на престојот во Полска, претседателката ќе ја посети и Варшава, каде што ќе положи венец пред споменикот на жртвите од Варшавското гето. Освен тоа, таа ќе се сретне со претставници на македонската дијаспора во полската престолнина.
Оваа посета е од посебно историско значење, бидејќи Гордана Сиљановска-Давкова е прв претседател на Република Северна Македонија кој ќе го посети Меморијалниот комплекс „Треблинка“ токму во пресрет на Денот на депортацијата на македонските Евреи (11 март). Со тоа се продолжува традицијата на високо државно ниво да се оддава почит на жртвите и да се чува споменот на еден од најмрачните периоди во човековата историја.