Хроника

Притвор за скопјанецот кој пријавил дека му исчезнала сопругата па потоа – ѝ го нашол телото

Осомничениот вечерта на 25 јуни со автомобил ја зел сопругата од нејзиното работно место, по што ја однел на тешко пристапен терен каде што ја убил, а трелото го сокрил

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 51-годишен маж, за кого постои основано сомнение дека извршил свирепо убиство врз својата сопруга при извршување семејно насилство.

Според информациите од обвинителството, за осомничениот постои сомневање за кривично дело убиство.

Настанот се случил на 25 јуни во атарот на скопското село Летевци. Осомничениот вечерта со автомобил ја зел сопругата од нејзиното работно место, по што ја однел на тешко пристапен терен каде што физички ја нападнал.

„Со дел од неговото тело силно ја притиснал на вратот, а истовремено и ги држел затворени устата и носот за да не може да дише. Жртвата пружала отпор и се бранела, но не успеала да се оттргне, по што се задушила и починала на лице место“, наведуваат од ОЈО.

Откако ја убил, тој го скрил нејзиното тело под гранки помеѓу дрвја, а веќе следниот ден во полиција пријавил дека неговата сопруга е исчезната.

За да го прикрие злосторството, осомничениот смислил сценарио. На 27 јуни, на тројца свои познаници им кажал дека знае каде се наоѓа жената бидејќи му се појавила во сон и му ја открила локацијата за да ја спаси. Заедно со познаниците се упатил кон местото каде што претходно го оставил телото, а случајот го пријавиле во полиција.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Како главни причини за ова барање се наведуваат опасноста од бегство на осомничениот, влијанието врз сведоци и попречување на истрагата, страв од повторување на кривичното дело.

Од Обвинителството потенцираат дека го имале предвид начинот на извршување на делото, лажното пријавување во полиција и создавањето привидна слика на загрижен сопруг кој активно ја бара сопругата, дела што, според нив, јасно укажуваат на обид да се избегне кривичниот прогон.

Вчера од Министерството за внатрешни работи сопштија дека е приведен 51-годишен маж со престојувалиште во скопското село Таор, поради сомнеж за убиство на 48-годишна жена со која живееле во иста куќа.

Од МВР рекоа дека со С. Г. е извршен службен разговор, а во врска со случајот лишени се од слобода и З. М. (62), Г. Б. (64) и М. Д. (69).

Подоцна и од Обвинителството излегоа со детали за смртта на 48-годишната жена чие тело, во фаза на распаѓање, беше пронајдено во саботата.

Најнови вести од: Хроника

Поранешниот сопруг е осомничениот за убиството на жената (48) во Скопско – уапсен е нејзиниот поранешен сопруг, а задржани се и тројца негови пријатели

Под сомнежи за сторено кривично дело лишен од слобода е поранешниот сопруг на жртвата, а задржани се и тројца негови пријатели, велат од ОЈО Скопје. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и екипи на МВР ноќеска вршеа увид на тешко пристапна шумска локација во близина на селото Летевци, каде што беше пронајдено безживотно тело на жена (48) од Таор, информираат од Обвинителството. Жената била пријавена за исчезната во петокот, по што беа преземени дејствија за нејзино пронаоѓање. Се преземаат дејствија за и целосно расчистување на настанот.

To top