Македонија

Протест на ССМ со барања за минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за 6.000 денари

Сојузот на синдикати на Македонија одржа протест пред Работничкиот дом, Собранието, Сојузот на стопанските комори и Владата, барајќи итно зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска одржа протест пред Работничкиот дом, Собранието, Стопанската комора и Владата, барајќи итно зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов пред Работничкиот дом изјави дека „работниците повеќе нема да им се молат на Владата и газдите, туку ќе се борат за зголемување на платите“.

– Денеска сме тука за нашите деца, за нашите ќерки и синови, за нашите внуци и правнуци. Денеска сме тука да се бориме мизерните плати да се зголемат затоа што Владата и газдите одбиваат да го сторат тоа и одбиваат да им помогнат на нашите семејства. Денеска работниците зборуваат. Политичарите имаа доволно време да го сторат тоа и не го направија. Од денеска ние зборуваме за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари, рече Трендафилов.

Пред зградата на Собранието тој упати порака до 120-те пратеници кои, според него, една година одбиваат да донесат измени на Законот за минимална плата. Побара веднаш, уште утре, да се предложат измени и дополнувања на Законот за минимална плата за да се зголеми на 600 евра, за да им се помогне на 200.000 работници кои имаат плата под 30.000 денари.

– Доколку до крајот на неделата не предложите измени на законот и заедно не го изгласате за да им помогнете на работниците, работничкиот револт ќе продолжи. Ќе биде пожесток, ќе следуваат блокади, ќе следува генерален штрајк и ќе следува тоа што вас најмногу ќе ве боли … Ќе собереме 10.000 гласови, потписи, со кои ќе станеме граѓански предлагач и ќе бараме 80 проценти да ви се намалат вашите плати. И ќе бараме да ја зголемите минималната плата на 600 евра и за најмалку 6.000 денари да ги зголемите другите плати, рече Трендафилов.

Заменик-претседателот на ССМ Иван Пешевски пред Стопанската комора изјави дека работниците ќе бидат таму секој ден додека не ја обезбедат посакуваната плата, најавувајќи блокади на улици и институции, како и одлука за генерален штрајк, која, како што рече, ќе биде за првпат во историјата на Македонија во приватниот сектор.

– Тука сме денес, ќе бидеме утре и секој нареден ден додека не ја постигнеме целта, а тоа е нашето барање од 600 евра минимална плата и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари, 6.000 денари само за една година ни се зголемија трошоците на живот благодарение на лошите политики и нефер трговци коишто нè оставаат пред најголемите празници со празни трпези … Ќе блокираме и улици, и институции и ќе донесеме одлука за генерален штрајк првпат во историјата на Македонија во приватниот сектор, рече Пешевски.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски во своето обраќање пред Владата, пак, нагласи дека денешниот протест на работниците не е заради политички цели, туку, како што рече, поради тоа што платите на работниците не им стигаат ниту до средината на месецот.

– Нас денес овде не нè собра политиката; нè собра маката, нè собра неправдата, нè собра сиромаштијата, нè собраа платите што не ни стигаат ни до средината на месецот. Нè собраа празните фрижидери и цените во маркетите. Нè собра синдикалната минимална кошничка, која изнесува 65.000 денари, рече Деаноски.

Пред Владата, уште еднаш пред работниците се обрати претседателот на ССМ, Трендафилов, упатувајќи критики кон владините функционери.
(МИА)

Најнови вести од: Македонија

Украина го нападна Туркстрим, единствениот гасовод што го снабдува Балканот со гас, меѓу кои и Македонија

Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, денеска остро реагираше на украински напад врз инфраструктурата на гасоводот Туркстрим во Русија, оценувајќи го како сериозна закана за енергетската безбедност на Унгарија и пошироко.

(Фото): Нема да дозволиме профитерство, рече Мицкоски по средбата со газдите на маркетите

По средбата на претставниците на маркетите и премиерот во Владата е заклучено дека не треба да има ново зголемување на цените. Премиерот порача дека нема да се дозволи профитерство на грбот на граѓаните.

(Видео): Синдикатот за култура со кривична за министерот Љутков – тој пак тврди: Барањата за раст на платите се незаконски

Синдикатот за култура поднесе кривична пријава против министерот за култура, за злоупотреба на службената положба и кршење на правата на вработените. Според претседателката на синдикатот, Вера Атанасовска министерот со инструкции испратени по е-пошта се обидел да ги поткопа правата на вработените и колективните договори. Синдикатот наведува дека повеќе од 800 пријави се поднесени од вработените во културата и дека постојат правосилни судски одлуки во нивна корист.

Николоски од Вашингтон: Разговаравме за економска соработка, енергетската транзиција и изградба на коридори

На средбата со Даниел Лотон, заменик-помошник државен секретар за Европа, беше нагласено силното партнерство меѓу двете земји, засновано на меѓусебна поддршка и споделена посветеност на демократските вредности, како и на создавање подобри перспективи за економска и трговска соработка, соопшти Министерството за транспорт.

To top