Македонија

Реформа на дисциплинските постапки, гаранции за самостојност и поголема транспарентност при изборот на државниот јавен обвинител

Предлог-законот предвидува модернизација на постојната законска рамка, воведување јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите, како и зајакнување на гаранциите за нивната самостојност

Детална реформа на дисциплинските постапки, јасни гаранции за самостојноста на јавните обвинители, зголемување на институционалните капацитети и поголема транспарентност при изборот на државниот јавен обвинител се клучните точки во новиот Предлог‑закон за јавно обвинителство што универзитетската професорка Александра Деановска – Трендафилова, која беше дел од работната група за изработка на законот, ги истакна на денешната јавна расправа во Собранието.

Деановска – Трендафилова нагласи дека изработката на законот била тешка задача поради комплексноста на материјата, различните ставови и уставните ограничувања, но и поради потребата да се исполнат меѓународните препораки.

Според неа, првичната задача била детална разработка на дисциплинските постапки, согласно препораките на ГРЕКО.

– Се случуваше дисциплинска постапка против јавен обвинител да трае со години и да виси како Дамоклов меч врз него, без рокови, без евиденција, без бришење на осуди, истакна професорката.

Новото решение, како што рече, воведува три категории на дисциплински повреди, со јасни рокови, мерки и критериуми за постапување.

Деановска – Трендафилова посочи дека реформите мора да бидат придружени со реално зајакнување на институцијата и потенцира дека без силно обвинителство, ниту судот може да донесе квалитетни пресуди

– Она што Јавното обвинителство не го поднело како обвинителен акт, судот не може да го пресуди, нагласи Деановска Трендафилова.

Професорката истакна дека работната група се движела во рамките на уставните ограничувања а едно од нив е и потребното мнозинство за носење на законот, но настојувала да ја зголеми транспарентноста.

Таа го нагласи и значењето на улогата на Советот на јавни обвинители. – Советот е сериозен филтер, ако не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не смее да предложи ниту еден од нив, појасни Деановска Трендафилова.

Според неа, во делот на разрешувањето, работната група ги следела препораките на Венецијанската комисија, а во однос на одговорноста на државниот обвинител објасни дека таа мора да биде поврзана со неговите надлежности.

Работната група, според неа, се одлучила за решение адаптирано на нашата ситуација, имајќи ги предвид долгогодишното искуство и резултатите на дел од обвинителите.

Според јавната обвинителка Лидија Раичевиќ, недоволно дефинираните гаранции за платите на јавните обвинители, ограничувањето на надоместокот за дежурства, изоставениот пристап до работно место, како и нејасната институционална позиција на јавното обвинителство, се клучните забелешки што треба да бидат поправени со Предлог‑законот за јавно обвинителство.

Јавната расправа претставува важен чекор кон донесување на квалитетно и европски усогласено законско решение, кое ќе придонесе за унапредување на правната сигурност и владеењето на правото и следува откако Собранието ја утврди потребата од донесување на законот и ја помина првата фаза од собраниската процедура.

Предлог-законот предвидува модернизација на постојната законска рамка, воведување јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите, како и зајакнување на гаранциите за нивната самостојност.

Меѓу клучните новини се поефикасен систем за оценување, прецизирани критериуми за професионалност, подобрено управување со предметите и подетализирана дисциплинска постапка со јасни рокови и механизми за спречување злоупотреби.

Законот ги зголемува и стандардите за транспарентност при изборот на јавниот обвинител, преку јавни седници на Советот на јавни обвинители, јавно презентирање на програмите на кандидатите и објавување на нивните биографии.

Најнови вести од: Македонија

Монах Амвросиј: Свети Наум ја градеше душата на древниот македонски народ, кој стои со својот идентитет во темелите на европската цивилизација! (2)

„Во тишината на бреговите на Охридското Езеро манастирот ‘Свети Наум’ со векови ја чува духовната светлина на македонскиот народ.  За да ја разбереме духовната мисија на манастирот ‘Свети Наум’ денес мораме да погледнеме во длабочината на нашиот историски и духовен континуитет. Кога Свети Наум го основал овој манастир во 905 година на брегот на Охридското Езеро, тој не градел само ѕидови, туку ја градел душата на еден народ. Ова свето место не е само нем споменик од минатото, туку жива лулка, во која пулсираат македонскиот идентитет и нашата национална меморија. Манастирот ‘Свети Наум’ е жива историска енциклопедија, во која е впишан целиот македонски национален и духовен код. Овде не се вкрстувале само патиштата на обичните луѓе, туку овде се кршеле копјата на најголемите империи, а манастирот секогаш останувал исправен како светилник на нашата самобитност. Затоа, манастирот ‘Свети Наум’ не е само историја. Тој е жив доказ дека еден народ, што го изградил својот идентитет врз писменост, вера и манастирска непокорност, никогаш не може да биде избришан од мапата на светот!“ – нагласува во интервју за „Нова Македонија“ монахот Амвросиј, жител на ова свето место и моментно студент на Московската духовна академија.

Мицкоски: Очекувам во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како во декемврискиот, има уште време за разговори со опозицијата за изборниот закон

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека очекува во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик, за што кажа дека се уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десетиот чекор од зададениот грејс период.

Денес се одбележуваат великото дело и личноста на Свети Наум Охридски, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост (1)

Денес Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и сиот македонски народ, не само оние, кои се православни христијански верници, го одбележуваат црковно-народниот празник, посветен на личноста и великото дело на Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост и просвета, заедно со светите браќа Кирил и Методиј, како и со Св. Климент. Свети Наум Охридски останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народ, но како и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на Охридската книжевна школа биле обучени повеќе од 3.500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на македонската и словенската писменост и култура.

Најнови вести

To top