Спорт

Швајцарија со девет пати поскапа фудбалска репрезентација од Македонија

Првиот ривал на „црвено-жолтите“ во Лигата на нациите вкупно вреди 309,40 милиони евра, а тимот на Седлоски 36,78 милиони

Со каков противник се соочува фудбалската репрезентација на Македонија на стартот од Лигата на нациите в сабота во Скопје покажува и најновата проценка на вредноста на националниот тим на Швајцарија според „Трансфермаркт“, која е речиси девет пати повисока од таа на македонскиот.

Дваесет и пет фудбалери од поширокиот список на селекторот Мурат Јакин имаат вкупна вредност од 309,40 милиони евра на фудбалскиот пазар, а 27. играчи на кои смета Гоце Седлоски заедно вредат 36,78 милиони, проценува специјализираната вебстраница за трансфери.

Најскап во швајцарскиот состав е 20-годишниот играч за врска на Астон Вила, Јохан Манзамби, чија вредност е 65 милиони евра. Голманот на Борусија Дортмунд, Грегор Кобел, вреди 40 милиони, десното крило на Нотингем Форест, Дан Ндоје, чини 32 милиони, одбранбениот играч за врска на Милан, Ардон Јашари, има вредност од 22 милиони, средниот бек на Интер, Мануел Аканџи, 17 милиони, десниот бек на Лион, Закари Атекаме, напаѓачите на Атланта јунајтед, Брил Емболо, и на Сион, Винсли Ботели, по 15 милиони итн.

Сите тие вредат повеќе на фудбалскиот пазар, според „Трансфермаркт“, од најскапиот македонски фудбалер Елиф Елмас од Аталанта, чија вредност е проценета на 13 милиони евра. Следуваат Елмин Растодер од Панатинаикос со 4 милиони, Бојан Миовски од Глазгов Ренџерс и Енис Барди од Коњаспор со по 2,5 милиона, Столе Димитриевски од Валенсија со 2 милиона, а милионери по оваа основа во македонскиот состав се само уште Матеј Гаштаров од Црвена звезда со 1,5 милиони, Љупчо Дориев од Согдијана и Димитар Митровски од Олимпија Љубљана со по 1,2 милиона, како и Висар Муслиу од Синт Тројден со 1 милион.

Најнови вести од: Спорт

To top