Македонија

Ротари клуб Скопје Интернационал: Уметноста безбеден простор за менталното здравје кај младите

На изложбата беа претставени делата на 14 млади автори, создадени под менторство на психологот Тина Чачоровска и уметникот Доротеј Нешовски

Менталното здравје и потребата младите да добијат безбеден простор за изразување беа во центарот на изложбата „Иницирај промена. Креирај гласно!“, што се одржа во галеријата „Драгутин Аврамовски Гуте“ во Сули Ан. Настанот беше организиран од Здружението „Биди човек“, во партнерство со Ротари клуб Скопје Интернационал, кој веќе неколку години континуирано работи на проекти за ментално здравје кај младите, како и со Факултетот за ликовни уметности – Скопје.

На изложбата беа претставени делата на 14 млади автори, создадени под менторство на психологот Тина Чачоровска и уметникот Доротеј Нешовски. Преку интимни, искрени визуелни прикази, младите уметници проговорија за своите емоции, предизвици и лични искуства, испраќајќи порака за храброст, автентичност и потребата општеството навистина да ги слушне.

Изложбата ја нагласи важноста на емоционалната благосостојба како основно човеково право, особено во чувствителниот период на тинејџерските години, кога многу родители се соочуваат со тешкотии во разбирањето на своите деца. Иницијативата има за цел да ја зајакне свеста дека младите имаат потреба од стабилна семејна и општествена поддршка, отворен дијалог и средини во кои нивните емоции се почитуваат и валидираат.

Ротари клуб Скопје Интернационал беше клучен партнер во реализацијата на настанот, како дел од својата долгорочна мисија за промоција на менталното здравје кај младите.

„Младите се иднината на нашето општество, а нивната емоционална и креативна развиеност е темел за здраво и одржливо заедништво. За нас во Ротари, ова е инвестиција во нивниот потенцијал и благосостојба“, истакнаа од Клубот. „Потребно е секој млад човек да биде слушнат, охрабрен и поддржан, само така градиме општество кое цени емпатија, разбирање и човечност“, децидни се од Клубот.

Присутните ја почувствуваа автентичната перспектива на младите уметници, разговараа со авторите и менторите и дадоа поддршка на оваа значајна иницијатива која, токму на Меѓународниот ден на човековите права, потсети дека менталната благосостојба е основно човеково право.

Проектот претставува продолжение на долгогодишниот ангажман на Ротари клуб Скопје Интернационал посветен на менталното здравје кај младите, започнат во 2022 година во услови на постпандемиски предизвици. Тогаш Клубот ја иницираше серијата јавни разговори „Криза на менталното здравје – знаеме ли што ни се случува? Пандемија во пандемија“, со цел да се поттикне свесност, јавен дијалог и создавање безбеден простор во кој младите можат да ги препознаат, разберат и отворено да ги изразат своите емоции.

Најнови вести од: Македонија

Ученици од Крива Паланка освоија високи награди на Државниот натпревар по пијано и хармоника

На 64-тиот Државен натпревар на ученици во основното музичко образование, што се одржа на 6 и 7 април 2026 година во Скопје, учениците од основното општинско училиште „Св.Јоаким Крчовски” постигнаа високи и резултати во двете дисциплини: пијано и хармоника

ТАВ Македонија дванаесетта година по ред донира пакети со храна и хигиенски средства на семејства во социјален ризик од Општина Илинден

Во  пресрет на христијанскиот празник Велигден, компанијата донира пакети со храна и хигиенски средства за 37 семејства од оваа општина, кои живеат во социјален ризик

(Фото): Избрани Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери на Народна банка

Со изборот на новите вицегувернери се обезбедува непрекинатост во спроведувањето стабилна и кредибилна монетарна политика заради одржување на ценовната стабилност и за поддршка на економскиот развој.

To top