
Следната недела, премиерот Христијан Мицкоски ќе го покани претседателот на АА, Арбен Таравари, да му посака „среќа“. Мицкоски изјави дека најмалку што очекувал од Таравари е да заврши во рацете на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Според премиерот, не сите од раководството и функционерите на АА го делат мислењето на Таравари. Сепак, тој не посочи дали ќе ја отстрани цела Алијанса или постои можност функционерите кои не се согласуваат со Таравари да останат. „Времето ќе покаже“, рече Мицкоски.
- „Јас забележав и мислам дека Таравари и неколкумина околу него се одлучени да се вратат во прегратките на Али Ахмети и ДУИ. Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба следната недела во која ќе сумираме што е тоа што е направено и да му посакам пред сѐ добро здравје. Тоа е она кое што ни е најважно на сите нас. Морам да кажам дека најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите, но тоа е сепак негова одлука и убеден сум одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на Алијанса на Албанците и на голем дел на луѓето кои се дел од оваа Влада. Чесно и доблесно беше самиот тоа да го направи да не ја влече Владата за нос и граѓаните, но ете полека, но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние кои повеќе од 2 децении ја пустошеа, криминалиизраа и ограбуваа и ја фрлија Македонија на колена“, рече Мицкоски.
- Премиерот Мицкоски изминатиот период беше под голем притисок поради повеќе причини. Жал ми е што слушам дека и тој станува жртва на некакви уверувања. Единствената вистина е дека нашата партија одлучи да настапи со посебни листи за советници на локалните избори – изјави Таравари за ТВ21.