Македонија

Сиљановска Давкова: Евроинтеграциите не се само политичко, туку и безбедносно прашање

Повеќе од кога било на светот му се потребни одговорни лидери, рано предупредување на ризиците, како и превентивна, наместо реактивна дипломатија.

На петтото издание на Дипломатскиот форум во Анталија, претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, се обрати на „Панелот на лидери“ на тема: „Мапирање на иднината, управување со неизвесностите“.

Претседателката предупреди на растечката опасност од авторитарни тенденции и ремилитаризација, како и на сериозната криза на политичкото лидерство. За неа повеќе од кога било на светот му се потребни одговорни лидери, рано предупредување на ризиците, како и превентивна, наместо реактивна дипломатија.

Според неа, меѓународното право не може да се применува и почитува, без силни и стабилни меѓународни институции. Таа укажа на неодложната потреба од длабока реформа на ОН, но и на Европската Унија, со оглед на фактот што обете беа формирани како неопходни мировни проекти, а се соочуваат со војна.

Во врска со Западниот Балкан, Сиљановска-Давкова го реафирмираше ставот дека евроинтеграциите не се само политичко, туку и безбедносно прашање, а отпорноста на трети страни е возможна само ако сме внатре во ЕУ.

Уште еднаш, укажа дека спротивно на основните европски начела и принципи, вградени во конститутивните документи на ЕУ, е членството да се условува со преговори за идентитетски прашања, култура, историја и јазик.

На панелот учествуваа претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев и премерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе. Дискусијата ја модерираше Мевлут Чавушоглу, поранешен министер за надворешни работи, пратеник во Големото национално Собрание и шеф на турската делегација во ПС на НАТО.

Панелистите ги искажаа своите ставови за клучните глобални предизвици и неизвесности со кои се соочува меѓународната заедница во 2026 година, со фокус на прашањата за геополитичките тензии, економска нестабилност, климатските ризици, технолошките трансформации и безбедносните закани.

Се согласија дека зајакнувањето на мултилатералните институции е неопходно во градењето на поефикасен меѓународен систем. Беше истакната важноста на антиципативната дипломатија, проактивното препознавање и управување со новите ризици, како и потребата од современи стратешки рамки што ќе ја поттикнат соработката меѓу државите во справување со заедничките глобални предизвици.

Најнови вести од: Македонија

Дезинформациите ја загрозуваат иднината на македонското рударство

Геологот Ѓорѓи Димов, кој е и декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип, изјави дека рударството и геологијата имаат огромно значење за економскиот развој на нашата држава, но и за нејзината иднина.

Андоновска: Во ИЈЗ се почитува Законот за јазици! – ДУИ не може да прифати дека нема повеќе „како до сега”!

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, реагира на обвинувањата од ДУИ дека во институцијата не се почитува Законот за употреба на јазиците.

(Фото): Центар трча: Успешно заврши првата ноќна трка низ Дебар Маало

Убава вест за сите со спортски дух. Со музика, навивање и одлична енергија, во саботата се одржа првото издание на CENTAR NIGHT RUN. Дебар Маало и улиците на Центар беа исполнети со тркачи и публика, кои создадоа нова спортска приказна во градот.

To top