Македонија

Сиљановска-Давкова: Ние сме дел од Европа и таму ни е местото, но бараме третман како и за сите, за да се концентрираме на реформи, а не на ирационални прашања!

Швајцарија не е членка на Европската Унија, но таа ги исполнува сите Копенхашки критериуми и има извонредна соработка со Европската Унија.

Во рамки на официјалната посета на швајцарскиот претседател, денеска беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Швајцарија Ги Пармелан. Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова:

„Не само за мене, туку и за сите нас и за државата ова е историски ден, зoшто за прв пат швајцарски претседател е во официјална посета. Затоа, дозволете ми уште еднаш да го поздравам неговото доаѓање и плодниот разговор што го имавме. Зошто го потенцирам ова? Присуството на швајцарскиот претседател овде, значи дека тој на Западен Балкан му придава големо значење од една страна и второ, тој е поттик на македонско-швајцарските односи. Швајцарија е инспирација во поглед на демократијата, Швајцарија има развиена партиципативна политичка култура, развиена локална самоуправа, форми на директна демократија од кои може да се учи. Зошто е за нас важна? Бидејќи се работи за еден успешен пример на мала, федеративна, повеќејазична држава, во која што разликите се надминуваат со знаење, со граѓански капацитет, со компетентност и, се разбира, со постојана активност.

Констатиравме дека бележиме напредок во дијалогот, којшто е заснован на почит и имаме намера во истиот дух да продолжиме, особено во рамките на ОБСЕ, бидејќи во овие тешки времиња, Швајцарија застана на чело на ОБСЕ, но исто така да соработуваме во Обединетите Нации и во Советот на Европа. Мирот и безбедноста ни се главните заложби и многу пати сум рекла, за малите држави, мултилатерализмот е решението, а тој вирее во стабилни меѓународни институции. Веројатно, во разговорите со премиерот и со владата, бројките од економијата ќе бидат подобро објаснети, но не можам, а да не кажам дека Швајцарија е еден од нашите најголеми донатори.

За мене, особено се важни швајцарските донации во демократското управување, во одржливиот економски развој, во заштитата на животната средина и тие се континуирани веќе три децении. Особено се заблагодарив за поддршката во формирањето и работата на Парламентарниот институт во македонското Собрание, бидејќи тој е најдобрата и главна логистичка поддршка на работата на парламентот. Програмата е насочена кон подобрување на законодавната процедура, на зајакнување на надзорната функција на парламентот, на транспарентноста во работата и особено во комуникацијата со вас, новинарите, е особено важна.

Сметаме дека Програмата за соработка 2025-2028 година, за којашто информираа од Кабинетот на претседателот, односно од неговиот тим овде, со буџет од 56,1 милион швајцарски франци, има за цел да продолжи да ги стимулира реформите поврзани со европската интеграција, која што нам многу ни значи. Швајцарија не е членка на Европската Унија, но таа ги исполнува сите Копенхашки критериуми и има извонредна соработка со Европската Унија. Се радувам на формирањето на SwissCham во Скопје, тоа е платформа за стопанско поврзување. Мојот приоритет е интензивна соработка во образованието, во науката, во културата, во спортот, зошто мислам дека имаме што да размениме и имаме што да стимулираме.

На крајот, јас ја презентирав нашата состојба врзана за евроинтеграцијата, му ги објаснив на претседателот проблемите со коишто се соочуваме, го потенцирав значењето на Копенхашките критериуми за нашата европеизација. Заклучив дека, тоа е наш природен дом, како многу пати, и сега, со тоа ќе завршам, географски, историски и културно, ние отсекогаш сме биле дел од Европа и таму ни е местото. Она што го бараме е да бидеме третирани како другите, она што го бараме е да се концентрираме на реформските предизвици и да не ја губиме енергијата на ирационални прашања“.

Најнови вести од: Македонија

Ангелов со план за сезоната на пожари: Ги повика пензионираните полицајци и војници за битката со огнот

Стојанче Ангелов најави ангажман на пензионирани полицајци, војници и поранешни припадници на безбедносните сили, кои по обука ќе помогнат во справувањето со пожарите низ државата

М-НАВ: Апелација ја потврди пресудата со која се забранува најавениот штрајк на ССКЛ

Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) и ја потврди првостепената одлука со која се забранува организирањето на најавениот штрајк за октомври 2025 година. Веста денеска ја соопшти адвокатот Горан Николоски, правен застапник на Македонска навигација. Со оваа одлука, решението на Основниот граѓански суд Скопје стана правосилно, со што се оневозможува реализацијата на штрајкот кој предвидуваше ограничување на летовите и делумно затворање на македонскиот воздушен простор.

Владата на Македонија најавува шест автопати во исто време: ќе се градат Скопје – Блаце и Кичево – Букојчани, Кичево-Охрид конечно пред целосно завршување!

Во втората половина од годинава во Република Македонија истовремено ќе се градат шест автопатски делници, најави Владата. Според плановите, кон крајот на овој месец или на почетокот на следниот ќе започнат градежните активности на втората делница од автопатот Скопје – Блаце, додека во септември или октомври се очекува старт и на изградбата на автопатот Кичево – Букојчани.

To top