Македонија

Сиљановска-Давкова, покровителка на свечената академија по повод 100-годишнината на Планинарскиот клуб „Љуботен“

Честитајќи го овој значаен јубилеј, таа им изрази особена благодарност на многуте генерации членови на „Љуботен“ за докажаната љубов, почит и грижа за прекрасната Шар Планина и за природата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената академија по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, одржана под нејзино покровителство во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово.

На настанот се обратија и претседателот на ПК „Љуботен“, Јован Божиноски и претседателот на ФПСМ, Зоран Читкушев.

Честитајќи го овој значаен јубилеј, таа им изрази особена благодарност на многуте  генерации членови на „Љуботен“ за докажаната љубов, почит и грижа за прекрасната Шар Планина и за природата, како и за нивниот личен и колективен придонес во промовирањето и популаризирањето на здравиот живот.     

За неа, неспорно е дека планинарењето како спортска и рекреативна активност ги подобрува телесното и менталното здравје и ги јакнее карактерот и личноста на човекот. Оттука, време е да ги следиме инспиративните примери на државите во коишто, рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени, туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот. 

Присутните имаа ретка прилика да ја проследат богатата историја на најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен“ преку презентацијата на документарен филм и  мултимедијалната изложба во галеријата на Домот на културата.

На претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на неколкумина најзаслужни членови на клубот, како и на неколку домашни и странски институции и програми им беа доделени плакети за трајни вредности.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани членови на Планинарското друштво „Љуботен“,

Почитувани вљубеници во планините,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Почитувани гости, 

Дами и господа,

Најпрвин, честитки за големиот јубилеј, 100 години Планинарско друштво „Љуботен“, еден век љубов кон Шара и кон македонските планини и почит кон спомениците на природата. 

Благодарност до сите генерации планинари, членови на Љуботенската фамилија, односно клубот. Причина? Благодарение на Планинарскиот клуб „Љуботен“, но и на другите четири тетовски планинарски клубови, но и на останатите, расте популарноста на планинарењето како особено здрава и интриганта спортско-рекреативна дејност. Низ планинарските клубови како престижни училишта за планинарско знаење и вештини, поминаа низа генерации ученици- планинари. Ги научија најголемите тајни на планините, ја почувстуваа неодоливата планинска привлечност, на којашто не и одолеја, воспоставија искрена и трајна врска со планинскиот свет, посегнаа по грижа за шумите, ливадите, билките, животните, птиците, потоците и езерцата, станаа едно битие со природата.

Меѓу вас и со вас беа и се и алпинистите, чиј лимит се висовите, чие освојување е човечки натпревар со себе, или себеослободување, трансцендирање во метафизички свет, во друга димензија, онаа на неможното како можно!

Вие ја разбудивте детската љубопитност за шаренилото на Шара кај обожавателите на планинините преку сликите што прикажуваат убавина со магична и магнетна привлечност.

Вие предизвикавте невидена радост кај зависниците од зимската белина, каде и да се, вие ги вознемиривте талкачите по возбуди со чудните врвови и опасни терени, насочувајќи им ги мислите кон чудото над Тетово, небаре симфонијата на Вивалди за четирите годишни времиња на Шара. Привилегираните кои имале шанса да ја видат и почувствуваат, по љубовта на прв поглед, сами себе си ветуваат дека ќе се вратат, оти доживеале неизлечива благословена зараза ту од апсолутен мир, ту од апсолутна возбуда. Значи, никој чии очи ја здогледале шарената убавица Шара, не останал рамнодушен на неа.

Верувам дека планината ги здружува луѓето и во добро и во зло, во планинарењето и во зимските спортови, поттикнувајќи ги солидарноста, натпреварот и хуманоста, како и облагодарувајќи ги натпреварувачкиот дух и желбата за победа. Совршеноста на природата раѓа мирни и мировни вибрации кај луѓето, а не воинствени и уништувачки. Можеби затоа планинарите не се откажуваат од планината и имаат насушна потреба од неа, како сечовечки мелем и лек за среќната или несреќна душа.   

И јас не сум исклучок. Никогаш, никогаш нема да ја заборавам магијата на Лешница. Можеби затоа е крај мене убавицата Караманка, девојката – планинка!

Драги пријатели,

Ви посакувам нови, незапирливи и неброени успеси во времето пред нас.

Очекувам раст и развој на Планинарскиот клуб „Љуботен“, подобри денови за планинарите и планинарењето, рекреацијата и спортот, со цврста верба дека се незаменливи и најефикасни бранители на нашето, од сите страни атакувано физичко и ментално здравје.

Овој голем јубилеј ни овозможува да ги сумираме резултатите не само низ лична, индивидуална, туку и низ социјалната димензија.

Благословени сме да живееме во планинска земја. Како такви, имаме посебна обрска да си го заштитиме и штитиме планинското богатство. Должни сме да ги сочуваме ретките и загрозени видови дрвја, животни, билки, птици, инсекти. Природата ќе ни врати со чист и свеж воздух, ќе нè штити од порои и поплави, ќе не лекува, ќе не храни.

Почитувани вљубеници,

Почитувани љуботенци,

Продолжете го другарството со Шара. Привлечете нови пријатели,  убедувајќи ги дека планинарењето не е само спорт, туку и здравство, туризам, екологија, економија, безбедност, па и музика, поезија, романса.

Да им помогнеме на Министерството за спорт и Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и во негово омасовување.

Да му посветиме поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени на образование и да вклучиме во него искачување на планина, оти над речиси секое наше населено место има таква, не случајно.

Да изградиме, во соработка со локалната самоуправа соодветна инфраструктура, планински домови, куќички, видиковци, но и поголеми сместувачки капацитети, одморалишта, хостели,  хотели.

Знам дека имаме скромни  капацитети и можности, но може да почнеме со реновирање на  планински домови, а потем и со градење нови.

Свесна сум дека се работи за големи инвестиции, но со очекувана сигурна добивка и придобивка за сите граѓани.

Не ни требаат светски примери од далеку, доволно е да ги видиме и следиме примерите од соседството за односот кон планините и природата, кон планинарењето и спортот.

Да ја афирмираме филозофијата на здрав живот.

Со рекреативното планинарење се води здрав живот, со намален стрес и анксиозноста.

Да направиме култ од планинарењето меѓу младите. Наместо кон коли и алкохол, да ги мотивираме и усмериме кон физичка и спортска активност на планините. Да го омасовиме рекреативното планинарење.

На крајот, уште еднаш ви го честитам јубилејот и ви посакувам уште многу рекреативни авантури и спортски дострели на нашите волшебни македонски  планини.

Ви благодарам.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Обезбедени пари за 150 електрични автобуси, за Скопје 100 – многу ќе се намали аерозагаденоста

На владина седница донесовме одлука, во рамки на влада со влада договорот кој го имаме со Унгарија. Дел ќе биде кредит од исти услови како претходниот, три години грејс период , дополнителни 12 години отплата со истата каматна стапка, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за набавката на новите 150 електрични автобуси.

Премиерот Мицкоски за проблемот на превозниците: Имавме дипломатска офанзива, постојат неколку можни решенија

Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали очекува надминување на проблемост со транспортерите идната недела на закажаниот состанок во Брисел со министрите од шесте земји од Западен Балкан, рече дека е важно што имало заедничка дипломатска офанзива со земјите од регионот и оти проблемот е препознаен од страна на ЕУ. – Овој проблеми […]

Јаневска: Наставниците ќе добијат 7,5 проценти зголемување со мартовската плата

Предлог-законот за високото образование в понеделник ќе биде поставен на националниот регистар на прописи (ЕНЕР) за дискусија и давање предлози и сугестии. Тој е еден од пакетот три поврзани закони – покрај него, на ЕНЕР се очекува да бидат поставени и Законот за квалитет во високото образование и Законот за научно-истражувачка дејност.

Поднесено обвинение против четворица началници и девет полицајци за пожарот во Кочани

Имајќи предвид дека надлежноста на специјализираното одделение е воспоставена од 07.11.2018 година, од Обвинителството посочуваат дека, предмет на кривично-правна оценка во оваа постапка беа само дејствијата преземени од 2019 до 2022 година, додека за останатите предметот е испратен на надлежно постапување во ОЈО Кочани.

Алијансата за Албанците на Таравари го оспори „Безбеден град“ пред Уставниот суд: „Не бил правичен и не важел еднакво за сите“!

Крилото на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на законските решенија што се дел од проектот „Безбеден град“. Абидин Абдули, адвокат ангажиран од Алијансата за Албанците, изјави: „Како што најавија нашите пратеници од собраниската говорница, законите од пакетот ‘Безбеден град’ ќе бидат оспорени пред Уставниот суд на денот на нивното стапување во сила. Овие иницијативи ги поднесовме, за да важи секој закон за сите граѓани, на целата територија на Република Македонија“, се вели во соопштението на Алијансата за Албанците на Таравари

Градоначалникот на Кавадарци Јанчев најави повторно активирање на поранешно „Фени“

„Компанијата Голден игл’ – поранешно ‘Фени’, во првата фаза ќе врати на работа 170 работници. Потоа ќе следи втора фаза со вклучување дополнителни 500 лица.“ – објави градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев на фејсбук. 

Најнови вести

To top