Македонија

Со 81 глас „за“ Собранието ги изгласа промените за „Безбеден град”, ДУИ и СДСМ против

Собранието на Република Македонија ги изгласа измените на Законот за прекршоци, со кои се овозможува целосно воведување на системот „Безбеден град“. За усвојување на промените се изјаснија 81 пратеник „за“, додека 19 гласа беа „против“. Измените беа разгледани и изгласани по скратена постапка. Пратениците од ДУИ и СДСМ беа против, додека останатите партии во собраниската сала ја поддржаа законската иницијатива.

Собранието денеска со 81 глас „за“ и 19 „против“ и воздржани го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова, се отвора патот за старт на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари. Со стапувањето во сила на промените, системот „Safe City“ ќе почне да функционира со санкционирање на сообраќајните прекршоци во првите градови опфатени со проектот, а во следниот период се очекува проширување на целата територија на државата. По барање на координаторката на „Европски фронт“, Рина Ајдари, гласањето беше номинално, односно секој пратеник гласаше поединечно.

Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање. Брзото и ефикасно санкционирање на прекршителите и изрекување санкции, се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот. Со овој Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците се предвидува можност за примена на новите технологии (систем за откривање преку технички средства и уреди за снимање), кои може да бидат добра алатка за брзо и ефикасно детектирање на сообраќајните прекршоци и спроведување на процесот на нивно санкционирање.

Во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци како: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци. Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат смс-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

Најнови вести од: Македонија

Започна обновата на Спомен-домот на Разловечкото востание во Разловци

Активно се реализира проектот за целосна обнова на Спомен-домот на Разловечкото востание во делчевското село Разловци, објект од исклучително историско и културно значење за македонскиот народ. Со проектот се исполнува повеќегодишна заложба за заштита и ревитализација на овој значаен споменик, кој претставува симбол на првото организирано македонско востание. На отпочнувањето на градежните активности присуствуваа претставници […]

To top