Колумни

Софија и ЕУ градат „Бугарски свет“ со „Македонија като втора б’лгарска држава“ – ненадминлива пречка за тоа е гласното „НЕ“ на македонскиот народ

Прашање е дали ќе можат тоа воопшто да го спроведат, барајќи нова промена на македонскиот устав

Пишува Свето Тоевски

Софија и Брисел го застапуваат планот за создавање на „Бугарскиот свет“ со Македонија како „втора бугарска држава“. Но прашање: е дали ќе можат тоа воопшто да го спроведат, барајќи нова промена на македонскиот устав? Бидејќи, на тоа се спротивставува убедливото мнозинство на македонскиот народ. Европскиот парламент во својата резолуција за Македонија од 9 јули 2025 година „изразува загриженост поради проектот ‘Српски свет’, кој го застапуваат некои претставници на Владата на С.Македонија“ и „го осудува воспоставувањето сфера на влијание, што ги поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“. Но, иставајќи го настрана наводниот „проект ‘Српски свет“, се наметнува потреба во многу поголема мера да му се обрне внимание на тековниот проект „Бугарски свет“ со Македонија во него како „втора бугарска држава во Балканот“. За остварувањето на „Бугарскиот свет“ се чинат севозможни напори. Токму ова го поткопува во најголема мера суверенитетот на Македонија и го загрозува нејзиното постоење како држава. 

Европскиот парламент „потсетува на потребата да се отворат архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС), кои се чуваат во С.Македонија и во Србија, заради справување со тоталитарното минато на транспарентен начин, со цел зајакнување на демократијата, одговорноста и институциите на Западниот Балкан“. Токму е тоа едно од главните барања на официјална Софија. Ова е доказ дека ЕУ и нејзините институции се застанати безмалку целосно на страната на Бугарија наспрем Македонија.

Околу поставеноста на ЕУ кон Македонија повторно проговори хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Во заедничката изјава со бугарскиот колега Румен Радев Милановиќ изјави дека е „дрска навреда кон земји како Македонија да се каже дека Украина е најблиску до членство во ЕУ“. „Се работи за чувство дека е кутра таа држава, која мисли самата за себе дека не може да функционира надвор од Европската Унија. Македонија не е кутра држава, туку е национална држава на тој народ. Сè поверојатно е дека се незапирливи овој цинизам и дрскост на одредени европски структури. Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Македонија е дрска навреда кон неа. Тоа е неправедно и нечовечно. Ние ја уништуваме таа земја.“ – нагласи шефот на хрватската држава Милановиќ.

„Државата е држава и мизерно е, ако мисли дека не може да функционира надвор од Европската унија. А С.Македонија не е мизерна.“ – рече хрватскиот претседател Миловановиќ, истакнувајќи дека нема да се става повеќе во позиција да жали за земја, која е надвор од Унијата. „Постои живот и надвор од ЕУ.“ – посебно укажа тој. Во мај годинава Милановиќ ја посети Македонија и во таа пригода ги предупреди Македонците и другите македонски граѓани да не дозволуваат „да бидат жртви на никаква уцена, или изнуда, заради членство во ЕУ“.

Бугарскиот претседател Радев рече дека „Бугарија „бара да се исполни договореното, да се заштитат правата на бугарското малцинство со уставни измени“. „С.Македонија се блокира сама на патот кон Европската унија, затоа што не сака да ги исполни критериумите за членство. Бугарија нема да се откаже од заштитата на правата на Бугарите, што живеат таму. Бугарија не поставува никакви нови услови надвор од веќе договорените. Но, инсистираме да се почитува сè, што е договорено.“ – рече Радев, цитиран од Бугарското национално радио.

Овие изјави на Милановиќ треба да се сфатат како пријателско и добронамерно укажување до македонското државно-политичко раководство дека треба да опстои бескомпромисно на заштитата на идентитетско-јазичниот и историски комплекс на македонскиот народ, како и на заштитата на постоењето и на достоинството на македонската држава, и покрај се пожестоките притисоци, наредби, диктати и ултиматуми од Софија и Брисел за промена на македонскиот устав. Но, мора да се има предвид дека меѓународната позиција на Македонија, сепак, се усложнува, откако Европскиот парламент ја донесе споменатата резолуција на 9 јули 2025 година. Во неа барањето „Бугари во устав“ е кренато на уште повисоко рамниште. Оваа резолуција, колку и да е необврзувачки европски документ, сепак, претставува дополнителен притисок од денешнава политичка Европа, олицетворена во ЕУ, врз македонскиот народ и македонската држава во прилог на Бугарија.

Затоа, носителите на македонската надворешна и поодделно евроинтеграциска политика ќе мора со серија брзи и проактивни активности и потези да го амортизираат на соодветен начин, делотворно, растечкиот притисок врз Македонија. Потоа со ефикасна дипломатска активност и низ Европа и низ светот да се побара поддршка во прилог на македонската вистина и македонските аргументи против плановите Македонија да се претвори во „втора бугарска држава во Балканот“ и да се бугаризираат македонскиот народ, јазик, идентитет и историја. Зашто, не смее да се запоставува фактот дека Бугарија, со силната поддршка од ЕУ и Грција, како веќе да постига одредени резултати во „интернационализирањето“ на „бугарското прашање во Македонија“, односно на „прашањето на правата на угнетените и дискриминирани државотворни Бугари во Македонија“! Македонското прашање во Бугарија се отфрла како „непостојно“, а се создава „бугарско прашање во Македонија“, иако е тоа непостојно. 

„Геополитичкиот инженеринг“, со кој се создава „бугарскиот државотворен народ во Македонија“ е во забревтана фаза! Да не се сомневаме дека во нечии дипломатски досиеја и фиоки низ Европа и во ЕУ веќе има подготвени планови со „евроинтеграциска алхемија“ 3-те илјади Бугари, колку што биле попишани на пописот во 2021 година, да се поврзат со оние нешто повеќе од 200 илјади иматели на бугарски пасоши и тогаш да станат „државотворци“, односни „градители на македонската држава“.

Бугарскиот претседател Радев на прес-конференцијата со Милановиќ нагласи: „Сè уште чекаме С.Македонија да исполни еден јасно напишан услов, што би ја отворил вратата за почеток на преговорите, а тоа е гарантирање на рамноправноста на Бугарите во оваа земја преку нивно вклучување во уставот заедно со другите народи,  што ја формираат државата!“

Европската унија некако премногу се „грижи“ за „иднината на Македонија“. Но таа поправо се грижи за интересите на Бугарија, на која ѝ се зголемува „цената“ како на еден од столбовите на источното крило на НАТО и на новата европска политичко-безбедносна архитектура. Кога стануваше Грција носител на јужното крило на НАТО во 2017 и 2018 таа им испорача барање на тогашната американска администрација и на ЕУ да се промени уставот на Македонија и со насилна изгласување на „Преспанскиот договор“ да се одземе името Македонија од македонскиот народ. Тогаш Македонците ја платија оваа катастрофална „преспанска фактура“. Бугарија сега на ист начин има испоставено своја овојпат катаклизмична „санстефанска фактура“, која пак е предвидено да ја платат Македонците на начин, кој би значел „конечно решавање на македонското прашање во Балканот“ – да ги снема засекогаш и нив како народ и Македонија како држава од мапата на европските и светските народи и држави.

Но, ајде да бидеме еврореални и да ѝ погледнеме на вистината в очи: каква европска иднина може да има за ЕУ?! Германскиот политиколог д-р Јозеф Јанинг, експерт на влијателниот Германски совет за меѓународни односи, на 4 март годинава во своја анализа уште во насловот ќе го постави прашањето: „Дали Европа ќе пропадне“? Во анализата тој категорично ќе предупреди дека „за првпат крајот на ЕУ е реално сценарио“. Темелите на европската интеграција се раздробуваат, а центрифугалните сили, предизвикани од внатрешните судири, го засилуваат распаѓањето на Европската Унија“. – нагласува Јанинг.

Д-р Кристијан Одендал, експерт за финансиско-економските аспекти на европската интеграција и за германска политика, како и економски уредник во британскиот весник „Економист“, во својата анализа со наслов „Европската унија би можела да биде распарчена поради новите поделби“  од 9 јануари 2025 година ќе заклучи: „Внатрешните поделби во ЕУ, кои стануваат сѐ посложени, можат да ја распарчат самата Унија. Германија и Франција – клучните земји на ЕУ – се толку преокупирани со домашната политика, што не се во можност да го обединат европскиот континент како во претходните кризи.“

Во својата анализа со наслов „Големо ресетирање: детален план на крајната десница за распаѓање на ЕУ – 
иницијативата на унгарските и полските аналитички центри ја обезбеди поддршката на шпанскиот Вокс и други популистички сили за детална програма за ликвидација на европските институции“, објавена на 14 јуни 2025 година,  весникот„Ел паис“ од Мадрид, Шпанија, истакнува: „Опцијата А е демонтажа-растурање на Европската Унија. Опцијата Б е да се затвори оваа ЕУ и да се замени со една мини-верзија. Во секој случај, ѝ велиме збогум на сегашнава ЕУ! И двете сценарија се опишани во ‘Големото ресетирање’, документ-проект, изготвен од Институтот за правна култура ‘Ордо Јурис’ од Полска и Колегиумот ‘Матијас Корвинус’ од Унгарија, поддржан од крајно десничарската Вокс од Шпанија и други европски десничарски партии. ‘Големото ресетирање’ на двата европски аналитички центра не е нејасна декларација за намери, туку детален план на крајните десничари на европско ниво да ја претворат во пепел сегашната ЕУ!“

Бездруго нема да се најде некој, кој ќе ги прогласи овие светски и европски експерти, како и овие европски партии дека се „путинизирале“, па сега шират „пропаганда против ЕУ“. Отфрла и авторот на овие редови каква било помисла дека од „путинистички мотиви“ пишува „против ЕУ“. Изнесувањето аналитички согледувања со несоборливи аргументи и факти за моментната еврореалност и за македонската вистина не содржи никаков стремеж за напади врз официјален Брисел и евроинтеграцискиот процес. ЕУ се откажа од самата себе и веќе запаѓа во растечка неизвесност и опасност што ќе се случува натаму со неа.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со која било политичка партија во Република Македонија. Ставовите на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

 

 

 

 

 

 

 

 

To top