Здруженијата на превозници од Западен Балкан ќе чекаат до 1 септември кога во Брисел е закажан состанок на повисоко ниво со претставници на Европската комисија од чиј исход ќе зависи дали ќе преминат кон протести. Тие денеска во Скопје одржаа состанок по којшто изјавија дека не сакаат да протестираат, но дека ако бидат приморени ќе го преземат овој чекор со тоа што протестите нема да прекинат како минатиот пат, туку ќе траат до исполнување на нивните барања за престој на професионалните возачи во Шенген зоната.


Превозниците се надеваат дека на состанокот во Брисел ќе се најде решение за проблемот затоа што велат протестите не му одат во прилог на никого.
– Одлуките за протести генерално се донесени во нашите земји и на ниво на управни одбори, но како превозници не сакаме да протестираме бидејќи тоа се одразува на целото општество, но ако бидеме принудени, ќе мора да излеземе. Искрено се надеваме и посакуваме тоа да не се случи, изјави Неџо Мандиќ од Србија.
Здруженијата на превозници се согласни да не се менува договорот за престој во Шенген зоната, но бараат да се почитува стрикно правилото 90 дена престој во последните 180 дена односно минутата да биде минута, часот, да биде час… Бараат и прецизен рок кога нивниот проблем ќе биде решен.