Македонија

Црвениот аларм е вклучен – потребни се итни мерки против семејното насилство

Целта е да се утврди дали се потребни итни измени и дополнувања на законите што го уредуваат системот за заштита од родово-базирано и семејно насилство

По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, Движењето ЗНАМ за Наша Македонија организираше панел-дискусија под наслов „Жените ЗНААТ: Еднакви можности, силни жени, силно општество“, на која учествуваа пратенички, советнички, директорки и други носителки на јавни функции од редовите на движењето.

Настанот не беше симболична прослава, туку платформа за сериозна и содржинска дискусија за улогата на жените во креирањето политики, нивното активно учество во политичките процеси и нивниот придонес во носењето одлуки на централно и локално ниво.

Во рамки на настанот се одржа панел-дискусија на тема „Улогата на жените во градењето на модерно и праведно општество“, при што беше истакнато дека вистинското одбележување на 8 Март денес подразбира отворање на суштински прашања и конкретни политики кои ќе обезбедат поголема заштита, еднаквост и можности за жените.

Потпретседателката на Движењето ЗНАМ, Весна Бендевска, во своето обраќање посочи дека годинешното одбележување на 8 Март се случува во време кога сериозно се зголемуваат случаите на семејно насилство, при што во последните два месеци се регистрирани четири случаи на фемицид.

„Во сериозни времиња, за сериозни проблеми, неопходен е сериозен пристап. Движењето ЗНАМ нема да остане нем набљудувач на речиси секојдневните случаи на семејно насилство. Црвениот аларм е веќе вклучен и потребни се итни мерки и конкретни решенија“ – истакна Бендевска.

Како партија која е дел од власта, Движењето ЗНАМ ќе предложи отворање јавна дебата за реорганизација на институционалниот систем со цел доследно спроведување на обврските што државата ги има преземено со ратификацијата на Истанбулската конвенција. Целта е воспоставување поефикасен систем за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, со јасно дефинирани надлежности, конкретни проекти и прецизни рокови.

Дополнително, Движењето ЗНАМ предлага основање државни регионални центри за згрижување на жртви на семејно насилство, кои ќе располагаат со соодветни материјални, кадровски и финансиски ресурси. Со ваков модел би се надминал постојниот недостиг на сместувачки капацитети – шелтер центри, што во моментов претставува една од главните слабости на системот за заштита на жртвите.

Во таа насока, пратеничката група на Движењето ЗНАМ веќе утре ќе иницира одржување јавна расправа во Комисијата за социјална политика, демографија и млади, со учество на експертската јавност и граѓанскиот сектор. Целта е да се утврди дали се потребни итни измени и дополнувања на законите што го уредуваат системот за заштита од родово-базирано и семејно насилство, особено на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

На крајот од настанот, од Движењето ЗНАМ го честитаа 8 Март на сите жени, нагласувајќи дека нивната програмска определба останува цврста – градење модерно и праведно општество во кое правата, достоинството и безбедноста на секоја жена се гарантирани и неприкосновени.

Најнови вести од: Македонија

Николоски: ДУИ не изгради ниту еден километар автопат

Вицепремиерот и министер за транспорт изјави дека Владата инвестира меѓу 1,6 и 1,8 милијарди евра во изградба на автопати од Коридорот 8, обвинувајќи ја Демократската унија за интеграција дека во своите мандати не изградила ниту еден километар автопат

Е-трговијата бележи рекорд: За една година, граѓаните потрошиле 950 милиони евра на онлајн купување

Во 2025 година онлајн трансакциите во Македонија пораснале за 32 отсто, што според Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ) укажува на зголемена доверба во дигиталното купување, развој на плаќањата и силен импулс за понатамошен раст на секторот.

To top