Македонија

Турска серија во ЈО: Не бил Хајрулахи, пустата начула од колега дека „ќе ја фрли од 6-ти кат“…

Виолета Калинковска сведочи дека постојано се чувствувала исплашена, повредена и понижена, а кога Мустафа во очи ѝ кажал дека нешто не е точно – колнејќи се во своите две деца! – таа решително „пресудила“ дека тој е „дволичен човек“!

Кога на 9 септември годинава беше објавено дека „по целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против едно лице за пет кривични дела – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик“, јавноста беше скандализирана од приказната, според која обвинетиот Мустафа Хајрулахи, во периодот од септември 2023 година до 24 октомври 2024 година, како службено лице Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, во службените простории и при вршење на службата, во текот на работното време, „се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување“, анализира ПЛУСИНФО.

Во обвинението против Хајрулахи се тврди дека тој, користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека „ќе ги дигнел на клоци“, „ќе ги фрлел од шести кат“, „ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки“. Дел ги навредувал дека „му го грделе обвинителството“ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени.

Клонираната обвинителка Татјана Кацарова и лажните сведочења

Тоа го тврди Обвинителството, врз основа на исказите на оштетените „дадени“ пред јавниот обвинител Татјана Кацарова. Во јуни годинава, Плусинфо објави сторија, во која уверливо, со аргументи и докази, докажа дека „постапувајќи под очигледен притисок на државниот обвинител Љупчо Коцевски, во случајот против суспендираниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, штипската обвинителка Кацарова или сторила нешто што е против законите на природата, или фалсификувала записници, што е сериозно кривично дело“. Според словото на записниците, обвинителката Кацарoва во исто време испитувала четири оштетени, што е спротивно на законите на природата.

Така, на 5 ноември 2024 година, на Записник за испитување сведок-оштетен КО бр. КО бр. 452/24, на име Валентина Калинковска, е наведено дека испитувањето на сведокот почнало во 20.00 часот и завршило во 21.08 часот. Во Записникот за испитување на сведок-оштетен КО бр. 452/24 од истиот ден (05.11.2024 година), на име Жаклина Никодиновска, се вели дека испитувањето на сведокот почнало во 20.26 часот и завршило во 20.58 часот. Записникот за испитување на сведок-оштетен за истиот предмет и за истиот ден, на име Ружица Јосифова, тврди дека испитувањето на сведокот почнало во 21.03 часот и завршило во 22.23 часот. Конечно, записникот за испитување на сведок-оштетен (КО бр. 452/24 од 05.11.2024 година), на име Даниела Лапе, тврди дека испитувањето на сведокот почнало во 21.15 часот и завршило во 21.55 часот.

Очигледно е дека има преклопување во времињата кога наводно се давани исказите на наводно оштетените, што упатува само на едно – опасна манипулација и веројатен фалсификат.

Статијата објавена на Плус Инфо тогаш никој не ја демантираше, бидејќи авторот на овие редови и тогаш предупреди, како што предупредува и сега, дека располага со записниците од сослушувањето на наводно оштетените. Тогаш Хајрулахи упорно правдата ја бараше институционално, предупредуваше дека лажните сведочења можат да бидат предмет на кривичен прогон за кривичното дело Лажно пријавување и на граѓански парници и очекуваше реакција на институциите.

Но, решени после суспендирањето да ги „егзекутираат“ и него и обвинителот Јово Цветановски, инсталатите на државниот обвинител Љупчо Коцевски на 9 септември го објавија обвинението подигнато на 25 јули. Сега Хајрулахи веќе не се воздржува јавно да ги демантира манипулациите против него, во обид да докаже дека на лагата сепак ѝ се кратки нозете.

Вистината за фрлањето од шести кат

Најпикантната епизода од сапуницата за наводниот мобинг за што е обвинет Хајрулахи е онаа во која се тврди дека која тој на својата секретарка Валентина Калинковска ѝ рекол дека ќе ја фрли од шести кат. Медиумите со денови ја цедеа таа изјава, правеа атрактивни наслови и се исчудуваа како може еден шеф на својата врабвотена да ѝ се заканува дека ќе ја фрли од некој шести кат. Имаше и читатели кои помислија дека можеби Хајрулахи, во момент на лутина, на својата секретарка ѝ кажал такво нешто, без план да ја реализира својата закана. Но, никој тогаш не помисли дека можеби станува збор за целосна лага и конструкција.

Сè уште очекувајќи реакција на институциите, Хајрулахи тогаш го замоли авторот на овој текст да не го експлоатира делот од „исказот“ на наводната жртва Калинковска, од кој јасно се гледа дека целата драмолетка со фрлањето од шести кат е една очигледна лага и конструкција. Но, сега е време тој дел да се објави. Еве го:

Ако го прочитавте делот подвлечен со црвена линија, веќе сфативте каква манипулација е направена овде. Во Записникот за испитување сведок од 05.11.2024 година под КО бр. 452/25, наводно „оштетената“ Валентина Калинковска тврди дека обвинителот Елвин (Вели), кога поминувал преку нејзината канцеларија, ѝ рекол: „Знаеш ли дека шефот ќе те фрлел од шести кат од зградата“. Таа не вели дека Мустафа Хајрулахи ѝ се заканил со тоа митско фрлање од шести кат, туку пренесува што ѝ кажал Елвин Вели, колегата на Хајрулахи. Да повториме: Калинковска се исплашила, се вознемирила и се почувствувала понижена, затоа што обвинителот Елвин Вели ѝ кажал дека Хајтрулахи ќе ја фрлел од шести кат – таа лично од својот шеф не чула такви зборови.

Каква е оваа неверојатна манипулација, само за да се оцрни ликот на еден обвинител? Можеби таа работа ќе ја расчисти граѓанскиот суд, бидејќи Мустафа веќе ја тужел својата секретарка за клевета во граѓанска парница.

Ма каква „жртва“ на мобинг, од авион се гледа дека Мустафа е жртва на бедно озборување!

Интересно е дека целината на исказот на Калинковска изобилува со такви конструкции, со кои „чувствителната“ секретарка се дискредитира самата себеси. Таа, всушност, брутално го оговара својот шеф Мустафа Хајрулахи.

Еве еден таков дел од записникот: „Првиот проблем со обвинителот го имав пред неговиот втор мандат, кога една моја колешка ме праша ’дали Мустафа или неговиот заменик ќе потпишат одредени документи‘, на што јас ѝ одговорив: ’Треба да влезеш и да го прашаш него‘. Па за кратко излезе обвинителот Мустафа, со груб поглед и глас ме праша: ’Знаеш ли кој ти е шеф, јас сум ти шеф, јас потпишувам‘. Јас се уплашив и му одговорив: ’Да, вие сте шеф‘“.

И што има тука спорно? Тоа што Мустафа на Валентина ѝ кажал кој е шеф? Или тоа што неговите поглед и глас биле „груби“? Или можеби тоа што Калинковска по секоја цена сака да се прикаже жртва на „грубиот“ Мустафа, човекот кој фрла жени од шести кат кога ќе му текне, па таа има уплав од него?

Дека целиот исказ на Калинковска е спорен и втемелен на бедни озборувања, недолични за институција каква што е Јавното обвинителство, сведочи уште еден друг дел од исказот на наводно оштетената: „После една година, разбрав дека тој (Мустафа) рекол дека сум му го грдела обвинителството“. Сведокот Калинковска пак не вели дека чула такво нешто лично од Мустафа Хајрулахи, ама некако „разбрала“ дека тој рекол дека таа му го грдела обвинителството. И пак се почувствувала „понижено“ и му се пожалила на Мустафа. Тој, пак, ѝ се заколнал во двете деца дека тоа не е точно, по што – замислете! – таа видела „за каков човек станува збор – дволичен човек“.

Некој за овие бедни манипулации сепак ќе мора да одговара!

Повикувајќи се на божемни изјави на својот шеф, кои никогаш не ги чула лично, туку ѝ ги пренел овој или оној, или таа ги „разбрала“ некако (веројатно додека пиела кафе со другите лажни жртви и го оговарале шефот), Виолета Калинковска сведочи дека постојано се чувствувала исплашена, повредена и понижена, а кога Мустафа во очи ѝ кажал дека нешто не е точно – колнејќи се во своите две деца! – таа решително „пресудила“ дека тој е „дволичен човек“!

Замислете каква е таа евтина оговарачка сапуница што се случува во зградата на Јавното обвинителство, додека сите ние мислиме дека таму некои сериозни луѓе одговорно делат правда и одлучуваат за судбините на осомничени за кривични дела. И врз таква сапуница обвинителката Татјана Кацарова, инструирана од својот шеф Љупчо Коцевски, конструирала случај на мобинг против Мустафа Хајрулахи и подигнала обвинение!

Мустафа е видно разочаран од сево ова што се случува и веќе не очекува правда од своите колеги обвинители и од правосудните органи, сè додека тие се водени од компромитирани личности, кои спроведуваат агенди на моќници и се трудат по секоја цена да ги отстранат и него и неговиот колега Цветановски.

– Би сакал да верувам дека некои мои колеги, во натамошниот дел од постапката, разумно и одговорно ќе застанат на страна на правото и на правдата. Јас ќе ги искористам сите можности за одбрана и моето поведение секако ќе биде во рамките на законите. Но, уште сега сакам да кажам дека за ваквите малтретирања и манипулации, од моја страна нема да има простување. Штом ќе се создадат услови, сите што учествувале во лажното пријавување и во конструкциите против мене, ќе одговараат и кривично и во граѓански парници. Тие луѓе се потрудија да ми нанесат огромни штети на мојот професионален углед и сериозно ме вознемирија, а страда и моето семејство. Ќе сторам се што е во моја моќ еден ден, се надевам наскоро, тие луѓе да одговараат пред законот за ова зло – вели Хајрулахи.

Тескстот е преземен  од  ПЛУСИНФО

Најнови вести од: Македонија

(Фото): Запленети дури 237 парчиња електричен алат без документација, уапсени двајца

Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.

Имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, рече претседателката на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“

На свеченоста во Музејот на македонската борба за самостојност, на која присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, министри, пратеници и општественици, таа подвлече дека Свети Климент Охридски, е нашиот најголем просветител и најверен ученик на Светите Кирил и Методиј. Споменот за охридскиот светител, рече таа, е врежан во колективната меморија не само на македонскиот народ, туку и на целото словенство.

Несими: „Бугари во устав“ е политички проблем, оти Бугарија ги оспорува македонскиот јазик, култура и историја, а може да уследат и нови барања!

„Вклучувањето на Бугарите во преамбулата на уставот останува политички и историски проблем, бидејќи Бугарија продолжува да ги оспорува македонскиот јазик, култура и историја. Поради оваа причина, вклучувањето на Бугарите во Уставот за дел од јавното мислење и политичкиот спектар е болно и неприфатливо, не поради бугарските граѓани во земјата, туку поради притисоците од Софија во текот на годините. Меѓутоа, историските можности не траат вечно. Тие бараат донесување тешки одлуки и политичка храброст. Ако избере С.Македонија овој пат да се колеба, тогаш ќе се изложи на опасност да ја пропушти можноста, за која никој нема да може да гарантира дека ќе се повтори некогаш.“ – наведува политичкиот аналитичар од Тетово Флоријан Несими во својата колумна со наслов „Историска можност, што не треба да се изгуби“.

Со остранувањето на билбордите, почна реконструкција на застарената Железничка станица во Скопје

Според директорот Железница Инфраструктура проектот за средување на железничката станица во Скопје ќе се одвива во фази и ќе заврши со генерално чистење на надворешниот изглед на станицата како и соодветна илуминација.

To top