Растечкиот број на случаи на семејно насилство го крена алармот кај институциите, се одржуваат обуки на наставниците за да ги препознаат домашните проблеми на децата преку нивното однесување во училишните ходници. Во обуката учествуваат експерти а поканети се и родителите кои би добиле насоки за тоа – како треба да се реагира во вакви ситуации.
„Предавачи ни се истакнати психолози коишто се активни во комората на психолози на Република Македонија, се обидуваме да им го пренесеме основното знаење коешто ќе им биде од интерес на сите како стручни соработници во училиштето да може да препознаат деца коишто се директни или индиректни жртви на настилство“, изјави Д-р Емилија Бошковска, координатор на проектот.
Проектот е во соработка со Министерство за образование и наука, министерство за внатрешни работи, министерство за социјална политика и комората на психолози, а поставува клучни прашања за заштита на децата.
„Зашто го дигаме гласот во врска со семејното насилство? која е идејата? зашто сакаме да ги заштитиме децата? Пред се последиците коишто произлегуваат дури и кога не сме сигурни дали навистина не слушнале како родители кога сме се расправале во другата соба, рачунаме дека они спијат, како дури една таква ситуација може да предизвика последици.“
Годишно во Македонија, се регистрираат над илјада случаи на семејно насилство, а со оваа обука, преку анализа на промените кај децата, наставниците и надлежните добиваат можност за рано спречување, а како што велат експертите траумите од домашните проблеми со правилен третман се поправливи.