Македонија

Учителката на Катја: Црташе весели цртежи со насмеани сонца – На последното доаѓање на настава пред смртта беше многу среќна поради новата облека

Училиштето било информирано за семејното насилство во домот на првачето Катја уште на почетокот на учебната година – сведочеше нејзината класна наставничка на денешното судско рочиште во Основниот кривичен суд. Пред судот таа детаљно го опиша однесувањето на Катја, контактите со мајка ѝ Ивана и таткото Стојанче, како и настаните што му претходеле на 2 март, денот кога мајката Ивана се самоуби заедно со шестгодишната ќерка Катја скокајќи од стан во скопската населба Тафталиџе. Во однос на кобниот 2 март, наставничката детаљно го опиша последното доаѓање на Катја на настава сведочејќи дека девојчето тој ден било среќно, а наставата ја напуштило по завршувањето на часот по физичко образование кога било земено од мајка ѝ.

Наставничката посочи дека првите информации за проблемите во семејството ги добила на првата родителска средба во септември, на која присуствувала бабата на девојчето. – Јас ѝ бев наставничка на Катја, таа беше прваче кога во септември ги прифативме првачињата. Катја и Ивана ги запознав на првиот училиштен ден, при приемот немаме контакти со родителите, но во првата седмица веднаш на 3 септември имавме родителска средба, каде што ги запознаваме родителите со програмата што ќе се работи. На родителите им даваме одредени обрасци, формулари, кои трбеа да ги пополнат. На оваа родителска средба родителите на Катја не беа присутни, туку присутна беше мајката на Ивана. По завршувањето на родителската, јас ја прашав зошто не се родителите на Катја присутни, таа почна да плаче и ми рече дека Ивана не била во состојба да дојде бидејќи во семејството се случува семејно насилство од страна на таткото на Катја, но формуларите рече дека ќе ѝ ги даде на Ивана да ги пополни – истакна наставничката.

За случајот веднаш бил известен училишниот психолог, кој дал насоки да се следи состојбата на ученичката. Алармот кај наставниот кадар дополнително се вклучил кога за време на детска игра Катја рефлектирала сцени на насилство од нејзиниот дом по што психологот извршил разговор со девојчето и со мајката.

– Разговарав со училишниот психолог во нашето училиште по што ми даде насоки да ја следиме ученичката. По неколку дена, во училницата девојчињата играа ирга и при таа игра забележав дека Катја падна на подот и ги прашав дали играат некоја игра во вид на драматизација на некоја приказна, Катја рече дека кога татко ѝ ја удирал мајка ѝ така таа паѓала. Веднаш го известив психологот на училиштето и психологот разговараше со Катја. Катја рекла дека нејзините родители се разделени и дека таа е со мајката. Психологот ја повика и Ивана, мислам дека беше 16 септември, и психологот ми рече дека ѝ било укажано на Ивана каде да се обрати при семејно насилство и ми рече да внимаваме на Катја – појасни сведокот.

Во следниот период, според сведочењето, девојчето не покажувало знаци на вознемиреност или потиштеност. Според наставничката, Катја најчесто била земана од училиште од мајката или од бабата, а никогаш од таткото. Сепак, тој во една пригода влегол во училницата, а во друга ситуација дошол нервозен барајќи контакт од родител на друго дете.

– Сѐ изгледаше понатаму дека е во ред. На почетокот кога ја учиме темата кој сум јас и моето семејство, Катја ја црташе само мајката на цртежите, кога ја прашав зошто само мајката, рече „јас сум со мама“. Во текот на месеците Катја се однесуваше како и сите други деца, не покажуваше потиштеност, не покажуваше вознемиреност или затвореност, беше отворена со сите ученици, изгледаше среќно, другаруваше со сите и не помисливме дека нешто се случува во семејството. Нејзините цртежи, еве како наставник, кажувам дека беа ведри, со убави бои, лицата на луѓето што ги црташе беа насмеани, сонцето насмеано. Мислам дека беше октомври на крајот, во училница влезе татко ѝ на Катја, на што реков дека не е дозволено родители да влегуваат во училница, тој се претстави, рече дека е татко на Катја. Катја, кога го виде, се израдува, го поведе кон шкавчињата, каде што стоеја нејзините работи, нејзиното катче беше уредно. По неколку минути, влезе и Ивана и заедно си заминаа. Така беше сѐ до Нова година, ми се чини – раскажа наставничката додавајќи:

– Катја најчесто ја носеа мајка ѝ на Ивана и Ивана, ниту еднаш таткото на Катја. Еднаш ми пиша порака дека ќе ја земе брат ѝ на Ивана, односно вујкото на Катја. Уште еднаш дојде на училиште нервозен, бараше број од родител од еден ученик за кој рече дека ја задевал Катја. Мојот совет беше дека тие се деца и дека ние ќе ги решиме работите на училиште и дека имаме механизми како да ги решиме проблемите, дека тоа се деца и секојдневни проблеми – вели наставничката.

Состојбата се променила пред новогодишните празници кога бабата Љубица го информирала училиштето дека Ивана се вратила кај таткото на Катја изразувајќи загриженост за нивната безбедност.

– Пред Нова година таа ми кажа дека Ивана се вратила кај таткото на Катја и рече дека е загрижена за состојбата. Следуваше Нова година, а потоа и распуст на учениците. Во првата недела од второто полугодие имавме родителска средба, на која ги информираме родителите за постигнатиот успех на учениците и за она што следува. На родителската средба дојде Ивана и бргу си замина. Имав намера да разговарам со неа, но таа замина веднаш по завршувањето на родителската. Еднаш за земање од училиште Ивана дојде со еден човек, не знаев кој е тој. Го спомнувам тој човек бидејќи дошол само еднаш да ја земе Катја од училиште и колешката се јавила на Ивана за да ја праша дали да ја пушти Катја, на што Ивана рекла дека е блиску до училиштето и дека ќе дојде да ја земе по што дошла Ивана заедно со таткото на Катја и тројцата заминале – посведочи наставничката.

Во однос на кобниот 2 март, наставничката детаљно го опиша последното доаѓање на Катја на настава сведочејќи дека девојчето тој ден било среќно, а наставата ја напуштило по завршувањето на часот по физичко образование кога било земено од мајка ѝ.

– На 2 март, понеделник, бев прва смена. На училиште Катја ја донесе баба ѝ, мајката на Ивана, го носеше ранецот. Влезе во училница, го предаде ранецот. Учениците се гушкаа со Катја, многу ја сакаа, ги наместија работите во шкафчињата, денот беше убав, излеговме во дворот, на што забележав дека Катја не ја носи ученичката униформа, па ја прашав каде ѝ е, рече дека не знае. Забележав дека носи елек и блуза, кои беа нови и стоеја етикетите на нив. Рече вчера бевме на шопинг со мама, беше многу среќна. Во 12 часот направивме примопредавање со колешката, јас си заминав, а колешката ми се јави некаде околу 20 часот вечерта вознемирена затоа што една од родителките ѝ се јавила и ѝ рекла дека Катја и мајка ѝ се мртви. Секој ден се слушавме со колешката во смисла на тоа како поминал денот, таа ми кажа дека Ивана ѝ се јавила околу 11.30 часот и ѝ рекла дека тој ден од училиште ќе ја земе баби ѝ, но подоцна околу 13.30 часот Ивана била во училиштето, а учениците биле надвор на физичко, по завршувањето на часот физичко, Ивана ја земала Катја од училиште – заврши сведокот.

Најнови вести од: Македонија

Со реформите во јавната администрација директорите ќе мора да бидат способни, стручни и образовани

Академијата за јавна администрација е носителот на обуките, а преку модернизацијата на Центарот за обука, повеќе од 1.000 административни службеници веќе поминаа обуки и добија пристап до современ електронски систем за учење.

ВМРО ДПМНЕ: СДС, ДУИ и Таравари го штитат Лимани, кој не се чувствувал виновен за загрозеното здравје на илјади граѓани

„Опозицијата е морално капитулирана и без никаков компас. Она што се случи во Гостивар, токму поради неажурноста и незаинтересираноста на локалната власт, предводена од Валбон Лимани, покажа колку коалицијата СДС, ДУИ и Таравари не се грижи за граѓаните.“ – реагира ВМРО ДПМНЕ.

„Плус инфо“: Бура во чаша вода по изјавата на Муцунски за протоколите со Бугарија

Изјавата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека протоколите не се правен дел од Преговарачката рамка предизвика бурни реакции во повеќе македонски и бугарски медиуми. Шефот на македонската дипломатија за Плусинфо потврди дека нема промени во македонската принципиелна позиција во однос на пристапниот процес кон ЕУ. Ова го објави „Плус инфо“.

Невена Николова Георгиева-Дуња, на 16 години организатор на отпорот против бугарскиот фашистички окупатор – 101 година од раѓањето

На денешен ден, на 25 јули 1925 година во Скопје е родена Невена Георгиева – Дуња, македонска комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни, учесник во НОВ од 1941 година. Со своите 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена-партизан во партизанските одреди на Македонија. Дуња не е само член на СКОЈ и партизан:  истовремено била и организатор на отпорот во Скопје, во Велес, во Штип и во Струмица, каде што дејствува под прекарот Мирка. Врши разузнавачки активности за отпорот и е истовремено организатор и прави регрутација. Во тој период Дуња има само 16 години. Во 1942-ра на 17 години станува дел од третата чета на партизанскиот одред „Димитар Влахов“ во Велес и околината. Својата младост херојски ја положува во темелите на македонската држава, загинувајќи на таа возраст. Но не била прогласена како народен херој. Со тоа ѝ била нанесена несфатлива историска неправда.

Комисијата за заразни болести предупредува: По загадената вода во Гостивар можно е да се појават случаи на жолтица

Комисијата за заразни болести предупреди дека во наредниот период во Гостивар постои можност да се појават случаи на хепатит А и хепатит Е како задоцнета последица од загадувањето на водата. Засега нема потврдени случаи на овие заболувања, но здравствените власти најавуваат засилен надзор поради периодот на инкубација на вирусите.

Народниот херој Иљо Антески – Смок, револуционерна борба и саможртва, вградени во темелите на македонската држава – 107 години од раѓањето

На денешен ден, на 25 јули 1919 година во Тетово е роден Илија – Иљо Антески – Смок, народен херој на македонскиот народ, комунист и првоборец. Неговата револуционерна борба и саможртва го впишуваат во најсветлите страници на македонската национална историја и на колективното паметење на македонскиот народ.

To top