Македонија

Уставниот суд одлучи: Линеарното покачување на пензиите не е неуставно и останува во сила!

Уставниот суд одлучи да ја запре постапката за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година, со што престанува преиспитувањето на линеарното зголемување на пензиите. Со оваа одлука постојното законско решение останува дел од правниот поредок. Од Судот информираа дека предлогот за поинаква одлука не добил потребно мнозинство гласови, поради што постапката е прекината, пренесе МИА.

-Во сила останува линеарното зголемување на пензиите. Отпадна сомнежот за неуставност на оспорениот закон и Судот ја запре постапката – соопштија од Судот. Постапката беше поведена поради сомневања дека ваквиот модел на зголемување може да ја наруши уставната еднаквост, правото на сопственост и принципот на социјална сигурност, бидејќи еднакво ги третира пензионерите без оглед на висината на нивните придонеси.

На истата седница, Уставниот суд разгледа и повеќе иницијативи поврзани со други закони. Судот одлучи да не поведе постапка за одредби од Законот за заштита на потрошувачите кои се однесуваат на употребата на македонскиот јазик и јазиците на заедниците со најмалку 20 проценти застапеност.

Постапка ќе се води и за одлуката за преименување улици и инфраструктурни објекти во Општина Тетово.

 

Најнови вести од: Македонија

To top