Пишува: Свето Тоевски
На денешен ден, на 17 ноември 1991 година Собранието на Република Македонија го изгласа Уставот, првиот највисок правно-политички акт на самостојната и независна македонска држава, со 92 гласа „за“, од вкупно 120 пратеници. Но пратениците од тогашните две албански партии ПДП и НДП не гласаа за одлуката за донесување на новиот устав. Тие се спротивставија на дефиницијата дека „Република Македонија е национална држава на македонскиот народ“ и бараа споделена државност и споделен суверенитет, во кои ќе учествуваат и Албанците со статус како „еден од државотворните народи на Македонија“. Поради неприфаќањето на нивните барања, пратениците-Албанци во македонското Собрание не учествуваа во неговото донесување. Граѓаните на Република Македонија на референдумот одржан на 8 септември 1991 година, плебисцитарно потврдувајќи ја државноста и сувереноста на Република Македонија, ја изразија својата политичка волја и гласаа Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна држава Македонија, заснована врз државотворноста на македонскиот народ. Ваквиот резултат од тој референдум уставно-правно се заокружи со донесувањето на уставот од 17 ноември 1991 година. Споменатиот референдум тогаш беше бојкотиран и отфрлен од припадниците на албанскиот етникум, организирани од нивните политички партии, исто како што се постапи при гласањето во парламентот при донесувањето на новиот уставен акт.
Професорот д-р Мишо Докмановиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во својата научна студија „Сами на своето: кратка историја на македонската независност (1990-1993) од 2021 година пишува: „Во јавната расправа пред донесувањето на уставот од 1991 година НДП имаше предложено во преамбулата да стојат два члена: ‘Ние, народите на Република Македонија … го донесуваме овој Устав…’ и ‘Носител на сувереноста во Република Македонија се македонскиот народ, албанскиот народ и припадниците на другите националности, кои се државјани на Република Македонија’. Овие предлози не беа прифатени, ниту 450 други предлози за промена на текстот на устав, сочинет од стручната група за изготвување на уставот. Уставната комисија на Собранието наведе дека е направена споредбена анализа на 26 устави во светот.“
Забележувајќи дека создавањето на првата република на Балканот, Крушевската Република од 2 август 1903 година и Првото заседание на АСНОМ имаа сериозно влијание врз целокупниот уставен развој во Република Македонија и уставот од 1991 година, во својата научна статија „Македонска уставна приказна“ од 2017 година д-р Тања Каракамишева, професорка од „Јустинијан Први“ и уставен експерт посебно нагласува: „Преамбулата на Уставот од 1991 година, според својата содржина потсетува на најважните моменти од македонското историско, културно, духовно, годишно и државно наследство. Неговата главна цел беше да го означи почетокот на современиот развој на Македонија како независна и суверена држава, заснована врз суверенитетот, што произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, без оглед на нивната национална, верска или друга припадност, како демократска држава во која сите се еднакви и сите имаат исти права и слободи.“
Првиот устав на независна Македонија е од редот на така наречените „национални устави“. Уставната комисија на Собранието имала направено споредбена анализа на 26 устави во светот пред неговото конечно усвојување пред 34 години. Врз основа на консултирање релевантни научни студии на врвни европски и светски експерти ние можеме да констатираме дека тој македонски устав во најголемиот број негови елементи е на исто ниво и содржински и во поглед на содржаните принципи како и вкупно 165 други национални устави од вкупно 189-те устави, колку што ги има во овој момент во светот. Широко распространета уставна практика во повеќе држави во светот е во текстот на преамбулата да се наведе нацијата како основа или темел на државата и државноста, поради што и се нарекуваат „национални устави“.
Доминантен дел од тие 165 светски устави во својата преамбула, оние кои ја имаат, на почетокот пишуваат: „Ние, народот…“ и потоа во наредниот прокламативен, или во нормативниот содржински дел на уставот го споменуваат по име народот, на кого се однесува односниот устав, како државотворен народ, или како нација, означено со идентитетот на тој народ, или нација: германски, француски, американски и други народи, или нации. Сите тие национални 165 устави, или најголемиот број од нив, во својата преамбула го имаат споменато народот, или нацијата, подразбрана како збир на сите граѓани во односната држава, како основа на државата и државноста. Такви преамбули во своите национални устави имаат: Франција, Германија, Полска, Словачка, Естонија, Летонија, Литванија, Ирска, Словенија, Хрватска, Шпанија, Унгарија и низа други европски и светски држави. Но има и земји, кои немаат преамбули во своите устави, како на пример:, Италија, Австрија, Белгија, Грција, Финска, Шведска, Норвешка и други. Но сепак и тие во своите конституционални акти имаат вградено низа битни национални карактеристики.
Клучниот дел од преамбулата на македонскиот устав од 1991 година беше следниот пасус: „Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава, а посебно од државно-правните традиции на Крушевската Република и историските одлуки на АСНОМ и уставно-правниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија, од слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година, како и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија …“
Оваа преамбула беше отстранета со уставниот амандман 4 од 16 ноември 2001 година, во кој беше нагласено: „Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните, кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија … со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот…“
Кажано со речникот на професорката Тања Каракамишева, македонскиот народ е главниот и единствен носител на државотворноста на македонската држава, на Република Македонија, на македонската уставна приказна. Но, во иста мера и албанскиот народ е главниот и единствен носител на државотворноста на Република Албанија, на албанската уставотворна приказна. Постојниот устав на Албанија во својата преамбула на самиот почеток истакнува: „Ние, народот на Албанија, горди и свесни за нашата историја, со одговорност за иднината… со решеност да изградиме правна држава, демократска и социјална, за да ги гарантираме основните права и слободи на човекот, со духот на толеранција и верски соживот, со посветеност на заштитата на човечкото достоинство и личност, како и за просперитетот на целата нација, за мир, благосостојба, култура и социјална солидарност, со вековниот стремеж на албанскиот народ за национален идентитет и единство… … (2) суверенитетот на Република Албанија му припаѓа на народот“ .
Нема во оваа преамбула и устав на Албанија никакви други други народи, ниту други државотворни елементи, нема ниту Македонци како посебен народ, ги има само како безимени граѓани, ниту во какво било друго својство. Во највисокиот правно-политички акт на албанската држава се наведуваат само албански народ и албански идентитет, суверенитет на албанскиот народ и ништо друго.За разлика од ваквиот албански денешен устав македонскиот устав од 1991 година посочуваше во својата преамбула дека „Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија …“
Оваа споредбена анализа ја заокружуваме со поглед на македонскиот устав од пред 34 години 1991 год на д-р Зузана Сиелска, доктор по политички науки и експерт за разрешување меѓуетнички конфликти од Институтот за Централна и Источна Европа при државниот Универзитет во Варшава, во Полска. Во својата научна статија „Конфликти и национален идентитет – промени во Уставот на Република С.Македонија по 1991 година“ Сиелска нагласува: „Националниот идентитет е важен аспект на обликувањето на нацијата. Македонците го создаваат својот идентитет, а со тоа и својата одвоеност од другите, со помош на елементи што ја поврзуваат заедницата, како што се државата, религијата и јазикот. Уште во 1991 година, кога Република Македонија се здоби со независност, земјата се бореше за својата национална независност. Во тоа време имаше многу конфликти поврзани со македонскиот идентитет. Веќе на 8 септември 1991 година беше одржан референдум, а истата година на 17 ноември, македонското Собрание го донесе македонскиот устав. Во преамбулата на уставот беше нагласена вековната борба за слобода на македонскиот народ и правото на сопствена држава. Дополнително, беше забележано дека ‘Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, што обезбедува целосна граѓанска рамноправност и траен соживот на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности што живеат во Република Македонија’. Овој устав од 1991 година ги обезбеди човековата слобода и основните вредности, што ги исполнува една современа, демократска држава.“
Она што не можеа, или не сакаа да го согледаат и да го прифатат дел од граѓаните и политичките партии од Македонија, го согледаа и го потврдуваат не само овој експерт – д-р Зузана Сиелска, туку и низа други објективни уставни и политички експерти од Европа и од светот.
Авторот изнесува согледувања од сопствена уставно-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).