Хроника

В.Д. Претседателот на гостиварскиот суд е осомничениот судија за примање мито

Како што информираа од Судскиот совет, за в.д. претседател на гостиварскиот Основен суд на местото на осомничениот Алији е определен Мирослав Петроски, судија во истиот суд

ФОТО: СДК.МК
ФОТО: СДК.МК

Судскиот совет денеска на итна седница донесе одлука времено да го оддалечи од вршење на судиската функција в.д претседателот на Основниот суд Гостивар, Елјеса Алији, кој е осомничен за примање мито од 8 000 евра.

Како што информираа од Судскиот совет, за в.д. претседател на гостиварскиот Основен суд на местото на осомничениот Алији е определен Мирослав Петроски, судија во истиот суд.

Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) вчера соопшти дека отворило истрага против Алији и судски администратор кои се гонат дека барале и примиле мито за да интервенираат кај судија во гостиварскиот суд и кај судии во Апелацискиот суд Гостивар во врска со граѓански спор.

Двајцата се осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание.

Според ОЈО ГОКК, осомничените делото го сториле во периодот од 2023 до 2025 година искористувајќи ја својата службена положба.

„Осомничените во периодот од месец јануари 2023 година до 2025 година, заедно, со умисла искористувајќи ја својата службена положба, реално и претпоставено влијание како претседател и судски администратор, барале и примиле парична награда во износ од 8 000 евра, а второосомничениот и износ од 800 евра, со цел да интервенираат кај судија на Основниот суд Гостивар и совет на судии во Апелациониот суд Гостивар за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши“, соопштија вчера од ОЈО ГОКК.

Споделувајќи детали за случајот, оттаму наведуваат дека на почетокот на 2023 година осомничените му ветиле помош на лице што било странка во граѓански спор. За надомест од 5 000 евра тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбиена пресуда.

Но, откако не успеале, тие пак побарале пари од лицето, овој пат 3 000 евра, за да влијаат кај судии во второстепениот суд за укинување на решението со кое не било дозволено повторување на постапката.

Износот од 800 евра на второосомничениот судски администратор му биле дадени подоцна за да заврши работа во врска со доставениот писмен документ од извршител.

Најнови вести од: Хроника

250 евра казна за родител на дете предизвикувач на врсничко насилство

250 евра казна за секој родител на дете кое се однесува насилно во училиште но и за родители кои не сакаат да соработуваат со училиштата или со другите институции. Ова ќе биде опфатено во новите измени на Законот за основно образование кој го најави министерката за образование и наука Весна Јаневска по последните случувања на врсничко насилство во училиштата низ Македонија.

Уапсени 13 возачи за безобѕирно управување возило, ќе уследат соодветни кривични пријави

Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода 13 возачи поради безобѕирно управување со возило. Како што соопшти Министерство за внатрешни работи, тројца од нив предизвикале сообраќајни незгоди, 12 управувале возила без возачка дозвола, а еден возел под дејство на алкохол.

To top