Македонија

Во Бугарија не им се допаѓа најавата за пратеници во Македонија само со македонско државјанство

Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за промена на законот за избор на пратеници веќе искритикувана во бугарски медиум

Не се чекаше долго за првата реакција во Бугарија по иницијативата од ВМРО-ДПМНЕ за промена на законот за избор на пратеници, според која народен избраник ќе може да стане лице само со македонско државјанство.

„Критичарите на предлогот се категорични дека таквата мерка би била контроверзна и потенцијално дискриминаторска. Според нив, двојното државјанство е честа појава во регионот и во Европа како целина, а ограничувањето на правото на учество во парламентот врз основа на ова би влијаело врз значителен број граѓани, вклучувајќи и лица со бугарски пасоши.

Претставниците на опозицијата и правните експерти предупредуваат дека таквата промена би можела да биде спротивна на основните демократски принципи, вклучително и еднаквоста во учеството на изборите. Тие нагласуваат дека политичките права не треба да се ограничуваат само врз основа на државјанството, особено кога станува збор за луѓе кои всушност живеат и учествуваат во јавниот живот на земјата“, коментира бугарскиот портал „Таралеж“.

„Ако предлогот и официјално биде доставен до парламентот, се очекува да предизвика сериозни политички судири меѓу владејачките и опозициските партии. Аналитичарите забележуваат дека темата за двојно државјанство е особено чувствителна во Северна Македонија и често е испреплетена со пошироки прашања за идентитетот, односите со соседните земји и процесот на европска интеграција.

Се очекува и силен јавен одговор, бидејќи таквото ограничување би можело да влијае на различни групи граѓани, вклучително и оние со бугарско државјанство, кои во исто време имаат право да учествуваат во политичкиот живот на земјата“, се заклучува во написот насловен „Северна Македонија со ново ограничување: Ако сте бугарски државјанин, не можете да бидете пратеник“.

Од друга страна, и Бугарија има ограничувања за учество на изборите на лицата со двојно државјанство, што на последните парламентарни избори на своја кожа го почувствува Зоран Мрсески, кој беше кандидиран од ултранационалистичката партија Преродба.

Бугарската Централна изборна комисија (ЦИК) ја избриша неговата регистрација поради тоа што моменталната адреса на Мрсески е во Македонија.

Бугарскиот Устав дозволува лице со двојно државјанство да биде избрано за пратеник, но под услов да живеело во Бугарија во последните 18 месеци.

 

 

Најнови вести од: Македонија

Интервју: Глупост е Самуил да се враќа во Бугарија, тој таму никогаш и не бил, вели професор Атанасовски

Професорот Александар Атанасовски, чија специјалност е средниот век, вклучително и времето на Византија и Самуиловото Царство, беше гостин во емисијата Радио Точка, во рамки на програмата Хоризонт на Бугарското национално радио БНТ. Централна тема – договорот меѓу Бугарија и Грција за пренесување на наводните коски на цар Самуил од Солун во Софија.

(Фото): Означен стартот на 22. издание на „Виз Ер Скопски маратон“, улиците преполни со учесници

Град Скопје е покровител на спортската манифестација, а градоначалникот вели дека градските служби се подготвени да ја обезбедат потребната поддршка за нејзино успешно одржување.

Пола Скопје ќе биде затворено за сообраќај – стартува 22. издание на „Виз Ер“ Скопскиот маратон

Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да го избегнуваат движењето по овие сообраќајници во периодот од 06:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници на терен.

(Видео): Државата е енергетски стабилна, се очекува поевтинување на горивата, вели Мицкоски

Државата не е голем потрошувач на гас и постои план за справување со можните предизвици, велат од Владата. Премиерот кажа и дека разговарал со големите нафтени компании. Премиерот очекува и поевтинување на горивата веќе од следната недела.

To top