Македонија

Во светот минатата година убиени се 128 новинари и медиумски работници

Светот не може повеќе да чека, време е за конвенција на Обединетите нации, која ќе ја гарантира безбедноста и независноста на новинарите насекаде, изјави генералниот секретар на ИФЈ, Ентони Белангер

Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) објави дека во 2025 година во светот се убиени вкупно 128 новинари и медиумски работници, од кои десет се жени.

Ажурираниот список на медиумски работници убиени во 2025 година документира 17 дополнителни смртни случаи од 10 декември, по објавувањето на претходниот извештај. Листата објавена на 31 декември вклучува случаи во Појасот Газа, Танзанија, Перу и Гватемала, како и несреќа во која загинаа седум медиумски работници во Нигерија, еден таков случај во Бурунди и еден во Иран.

На Блиски Исток и арапскиот свет убиени се 74 убиени новинари, од кои 56 во Палестинската самоуправа, што е 58 проценти од сите случаи на убиени медиумски работници во светот во 2025 година, според ИФЈ.

Регионот трета година по ред е најсмртоносен за новинарите и медиумските работници.

На второ место е Јемен со 13 загинати, а следува Украина со осум загинати новинари и медиумски работници.

Шест новинари се убиени во Судан, четири во Индија и во Перу, а неколку други земји, вклучувајќи ги Филипините, Мексико, Перу и Пакистан, изгубија по три новинари.

Во вкупниот број на загинати новинари, имаше и девет несреќни смртни случаи.

ИФЈ ги осуди „уште една смртоносна година за новинарите“ и „постојаниот неуспех на властите да ги заштитат медиумските работници. Федерацијата апелира на „итна и решителна акција за прекинување на циклусот на насилство“ и нагласи дека сè уште преовладува неказнивоста за овие злосторства.

– Светот не може повеќе да чека, време е за конвенција на Обединетите нации, која ќе ја гарантира безбедноста и независноста на новинарите насекаде, изјави генералниот секретар на ИФЈ, Ентони Белангер.

Во 2024 година, ИФЈ регистрираше 122 смртни случаи на новинари и медиумски работници, меѓу кои  14 жени, а 516 новинари беа во затвори. Додека во 2025 година 533 новинари и медиумски работници се затворени, од кои најголемиот број во  Кина.  (МИА)

Најнови вести од: Македонија

Значаен успех на Македонците-Муслимани, познати како Горани: во Собранието на Косово пратеник ќе им биде лидерот на Горанската Партија Хоџа

Областа Гора на Косово опфаќа 18 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед, кои самите се нарекуваат Горани. Во науката за македонскиот јазик тие се познати и според тоа што говорат извонредно чист и запазен македонски јазик, иако проткаен со одредени и неизбежни србизми и турцизми во нивниот зборовен фонд. Под истата агенда како и со Македонците од Мала Преспа, Бугарија бара Бугари и меѓу тие Македонци од муслиманска вероисповед, кои живеат на територијата на Косово. Тие се изложени на непрестајна и перфидна стратегија за нивно асмилирање и бугаризирање, со користење притисоци и разновидни методи да се попишат како Бугари, а за возврат да добијат бугарски пасош, финансиска помош и школување за младите во Бугарија. Политичката застапеност на Македонците-Горани во косовскиот парламент ќе биде соодветна можност не само да се искаже нивниот македонски идентитет и македонскиот јазик, кој го говорат, туку и да се бара од косовските власти да преземат мерки за нивна ефикасна заштита од бугарските емисари – „рибари на македонски души“.

По спектакуларниот дочек на новата 2026 во Кичево нов празник за очи и душа: за Божик на 6 јануари традиционално „Бадниково дрво“ и богослужба во „Свети Петар и Павле“!

Новогодишните радости во Кичево продолжуваат со божиќните празнувања и традиции – градот пулсира во ритмот на древните македонски црковно-народни традиции!

To top