Македонија

Во велешката касарна на АРМ одбележана 65-тата годишнина од смртта на Алексо Демниевски- Бауман – Без една нога со 15 Македонски корпус на Сремскиот фронт!

Во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ на Армијата на Републик Македонија, каде што е сместена Командата за обука и доктрини на Армијата на Република Македонија, денеска по вторпат беше одбележан 5 Септември – Денот на патронот Алексо Демниевски Бауман, велешанец, кој бил шпански борец и командант на Сремскиот фронт во завршните операции за ослободување на Југославија. Тој го завршил животот го завршил како генерал-потполковник во југословенската армија. Починал на на 5 септември 1961 година во Белград. Бил роден во Велес на 10 септември во 1905 година. Ова го објави Македонската информативна агенција – МИА.

На официјалната интернет-страница на Армијата на Република Македонија е истакнато: Денес, припадниците на Командата за обука и доктрини (КОД) на Армијата на Република Македонија го одбележаа патрониот празник на касарната „Алексо Демниевски Бауман“.

По повод патронатот, делегација од КОД и делегации од институции од општина Велес положија свежо цвеќе пред бистата на Алексо Демниевски Бауман, која се наоѓа во кругот на касарната и пред бистата која се наоѓа во градот Велес.

Командантот на КОД бригаден генерал Лулзим Нуредини во својот говор се наврати на богатата воена историја на Алексо Демниевски Бауман. „Денес, кога работиме и дејствуваме во оваа касарна која го носи името на Алексо Демниевски Бауман, треба да се потсетиме на неговиот непоколеблив дух. Неговата борба за слобода треба да ни биде водилка за посветена работа, чување на веќе воспоставеното и постигнување повисоки резултати. Нека биде неговото име вечно вдахновение за нас, за идните генерации и за сите, кои веруваат во слободата, правдата и достоинството на човекот.“ – нагласи генералот Нуредини.

Патронатот беше одбележан и со историски час за животот и делото на Алексо Демниевски Бауман, кој беше претставен од страна на ученик од ООУ „Васил Главинов“ од Велес. Беа претставени и лични биографски документи, предадени во наследство на касарната. Одбележувањето заврши со уметничка програма од страна КУД „Коле Неделковски“ од Велес – се истакнува на интернет-страницата на Армијата на Република Македонија

Инаку, Алексо Демниевски – Бауман (Велес, 10 септември 1905 – Белград, 5 септември 1961 ) е македонски комунист, учесник во Шпанската граѓанска војна (1936-1939) и учесник во НОБ од 1944 година.

 Комунистички и синдикален активист

По завршувањето на четврт клас гимназија го напушта школувањето поради тешката економска ситуација на семејството и работи како чевларски работник. Во 1924 станува член на работничката младина, а од 1926 година е член на КПЈ. Станува член и на Синдикалниот совет и секретар на секцијата на кожарските работници.

Во СССР

Во втората половина на 1928 година е испратен во СССР, каде што се запишува на Школата за националните малцинства на Западот. Во 1932 година ја завршува школата, а во 1934-1935 година поминува и одредена обука во Црвената армија. Во септември 1936 година, по одлука на КПЈ, заминува за Југославија каде требал да го преземе раководењето со Покраинскиот комитет за Македонија. Но, во Виена, по 20-тина денови чекање, му е соопштено дека каналот за префрлање во Југославија е провален по што, наместо за Македонија, Демниевски решава да замине за Шпанија.

Шпанија

Во Шпанија пристигнува во октомври 1936 година. Упатен е на југот на Шпанија, на фронтот во Кордоба. По формирањето на Балканската чета во составот на 14-та интернационална бригада, Бауман е назначен за политички секретар и е упатен на фронтот кај Гвадалахара. Во мај 1937 година се формира баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“, а Демниевски е назначен за негов командант. По завршувањето на тешките воени операции кај Сарагоса, во септември 1937 година Демниевски добива чин мајор и е командант на групацијата на 45-та дивизија, од која подоцна се формира 129-та балканско-чешка интернационална бригада „Георги Димитров“, чиј командант е Демниевски.

Додека е во Шпанија, во Македонија како резултат на честите провали е обезглавена Комунистичката партија и Јосип Броз Тито прави напори Демниевски да се врати во Македонија и да застане на чело на македонското комунистичко движење. Сепак до тоа не доаѓа и Демниевски останува во Шпанија.

Во август 1938 е ранет во борбите на Арагонскиот фронт и му е ампутирана ногата. Префрлен е во Париз, откаде во април 1939 година е префрлен во СССР на лечење.

 Повторно во СССР

По враќањето од лекување во 1941 година врши разни воени и политички должности во Москва. Но, неговото здравје повторно се нарушува и е испратен на лекување во Памир, Киргистан. На 15 јуни 1944 година во Москва се формира наставен центар, а за негов комесар е поставен Демниевски. На оваа должност останува до крајот на 1944 година, кога се враќа во Југославија.

И без една нога Алексо Демниевски Бауман го предводеше 15-тиот Македонски корпус на Сремскиот фронт

На 1 јануари 1945 година Демниевски е поставен за политички комесар и командант на Петнаесеттиот македонски корпус. Учествува во борбите на Сремскиот фронт. Неговиот корпус на 13 април 1945 година учествува во ослободувањето на Винковци, Славонска Пожега, Славонски Брод, Загреб и Цеље. По ослободувањето на земјата врши воени функции и станува генерал-потполковник на ЈНА.

Во негова чест денес касарната на Армијата на Република Македонија го носи неговото име.

Шпанската граѓанска војна од 1936 до 1939 година беше школа и мегдан за многу македонски револуционери. Меѓу припадниците на интернационални бригади од 55 земји  кои што се бореа за одбрана на Републиката имаше и 137 Македонци, од кои дури 65 ги положија своите животи против воведувањето на диктатурата на Франциско Франко. Меѓу македонските борци се најде и велешанецот Алексо Демниевски – Бауман. Тој целиот свој живот го посветил на борбата за слобода на поробени народи.

Сепак, овој македонски револуционер е попознат по своето учество во ослободувањето на тогашна Југославија од фашистичкиот окупатор во Втората Светска Војна. најзначаен дел од тоа негово делување е кога на 1 јануари 1945 година бил поставен за политички комесар и командант на Петнаесеттиот македонски корпус кој имал повеќе од 20.000 борци и кој учествува во борбите на Сремскиот фронт.

Неговиот корпус на 13 април 1945 година дава големи жртви и придонес во ослободувањето на градови во Хрватска и Словенија: Винковци, Славонска Пожега, Славонски Брод, Загреб и Цеље. По ослободувањето на земјата врши воени функции и станува генерал-потполковник на ЈНА, а умира на денешен ден – 5 септември 1961 година во Белград.

Инаку, тој уште во Шпанија зборувал за ослободување на Македонија. -Тука се борам затоа што шпанската борба ја поистоветувам со македонската, а борбата против меѓународниот фашизам ја сметам и за борба против македонските поробувачи, им зборуваше Алексо на своите соборци во рововите на Гвадалахара и Сарагоса каде најмногу војуваше и каде исто така раководеше со воени групации. Во август 1938 е ранет во борбите на Арагонскиот фронт и му е ампутирана ногата, што не му прешело да се врати во својата земја и да се бори за нејзино ослободување.

Најнови вести од: Македонија

Јаневска: Синот на пратеникот Милошоски не добил стипендија од МОН!

Министерството за образование и наука не доделило државна стипендија на синот на пратеникот Антонио Милошоски, изјави денес министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со објавите на социјалните мрежи дека синот на пратеникот добил државна стипендија од МОН за студирање во странство, на универзитет во Мадрид.

Муцунски во Киев: Границите не можат да се менуваат со сила, Македонија стои со Украина!

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска на покана на украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха престојуваше во еднодневна посета на Украина.

Вучиќ за одложената посета на Кос: Објаснувањето ѝ беше глупаво! Требаше да забраниме погреб на Младиќ, да правиме кучешки гробишта?!

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го нарече „глупаво“ објаснувањето за одложувањето на посетата на европската комесарка за проширување Марта Кос на Белград.

Мицкоски: СДСМ-ДУИ беа бандитска власт, сега се бандитска опозиција! – Знаат само за арамилак, ништо за економија!

„Опозицијата нема познавања од економија, само арамилакот и крадењето на народот им е во нивната политичка матрица!“ – нагласи претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски.

ОКТА ги пушти во употреба првите системи за батериско складирање на енергија, означувајќи нова пресвртница во својата транзиција кон одржлива енергија

ОКТА отвора ново поглавје во својата енергетска транзиција со пуштањето во употреба на првите два контејнери за батериско складирање на енергија, со моќност од 4 MW, како дел од планираниот проект за батериско складирање. Интегриран со фотоволтаична централа на компанијата со инсталирана моќност од 12 MW, новиот систем овозможува електричната енергија произведена од обновливи извори да се складира и да се користи во периоди кога побарувачката и пазарните услови се најоптимални.

Најнови вести

To top