Македонија

Војдан Чернодрински: Никогаш да не се заборави македонскиот јазик на нашите прадедовци и на кој ќе зборуваат и сите идни поколенија во Македонија!

Македонскиот драматург Војдан Чернодрински среде Софија пред 125 години ја изведе „Македонска крвава свадба“, својата прва драма на македонски јазик, за кој денес таа иста Софија вели дека „не постои“, или дека „е достапен јазик“, или го прикажува со брутални фалсификати како да е „дијалект на бугарскиот јазик“! Премиерно изведена во главниот град на Бугарија во 1900 година, „Македонска крвава свадба“ стана симбол на македонската борба за национална афирмација и културна самобитност на македонскиот народ, но и трајно сведоштво за постоењето и творечките дострели на македонскиот јазик. Војдан Георгиев Чернодрински е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучува македонскиот јазик. Неговата заложба за почитување на македонскиот јазик ја практикувал и во неговата театарска група.  Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Со своите патриотски ставови за македонскиот јазик и идентитет здобил големи симпатии кај македонскиот народ. Денес се навршуваат 75 години од смртта на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, кој се вложи себеси и своето творештво во служба на македонската кауза, на македонскиот јазик и идентитет.  

Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат оваа света земја. – изјавил во 1929 година, истакнатиот македонски писател Војдан Поп Георгиев кога отишол во посета на еден дом за сираци, каде што им подарил примероци од својата знаменита драма „Македонска крвава свадба“. Војдан Поп Георгиев – Чернодрински е првиот македонски драматург, родољуб, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар. Неговиот прекар Чернодрински потекнува од реката Црн Дрим, која тече крај неговото родно село.

 Животопис

Војдан Поп Георгиев е роден во селото Селци, Дебарско (Малесија) на 15 јануари во 1875 година. Татко му ја забележал неговата љубов кон книгата и токму поради тоа му овозможил соодветно школување. По завршувањето на основното училиште Војдан Поп Георгиев се запишал во Солунската Гимназија, но таму не се задржал долго. Таткото на Војдан заминал во Софија на печалба и поради тоа тој го повикал и својот син во Софија каде би бил со него а воедно и да си го продолжи своето образование. Војдан во Бугарија, го продолжил своето школување и се зачленил во Младата македонска дружина. Едновремено бил и најактивен член на литературниот кружок во гимназијата, наречен Македонски заговор. Војдан Поп Георгиев се смета и како основач на тој кружок. Под директно влијание на Младата македонска дружина и Македонскиот заговор, членовите и активистите на овие два кружока се залагале за користење на македонскиот народен говор и тој јазик го користеле во своите книжевни дела.

Војдан работел како учител во Македонија во учебната 1897- 1898 година. Потоа тој се вратил пак во Софија, каде со тешки маки и подолги перипетии успеал да ја одржи првата негова драма на македонски јазик „Македонска крвава свадба“. Драмата забележала голем успех и се одржале неколку репризи во Софија. По Софија, драмата се одиграла и во Пловдив. Тоа го мотивирало Војдан да се залага за создавање македонски театар. По извршената реорганизација на екипата со која ги одржувал претставите, тие создале нова драмска екипа под името „Скрб и утеха“. Успехот на драмската македонска екипа растеле и се одржале нови гостувања во Бугарија бидејќи немало соодветни технички услови во Македонија. По сѐ поголемиот успех на драмската екипа, таа си го променила повторно името во „Столичен македонски театар“.

По одржувањето на Младотурската револуција во 1908, Македонија се здобила со подобра политичка клима и Војдан Поп Георгиев и неговата жена Марија Поп Георгиева (артист-аматер) пристигнале во Скопје, а подоцна и во Солун и Битола. Тој во Македонија учествувал во организирање на учители и учителки што ги подготвувале театарските претстави. Тие организирале повеќе европски драми, меѓу кои се нашла и Македонска крвава свадба, за првпат изведена во својата татковина. Неколку години подоцна, Војдан Поп Георгиев бил мобилизиран во Балканските војни а набрзо потоа и во Првата светска војна. Тој тогаш го доживеал натрагичниот момент во македонската историја – распарчувањето на Македонија. Неговиот творечки живот и понатака продолжил да опстојува, но со помал интензитет, поради тоа што тој се наоѓал во бугарска средина каде што се чувствувал како доселеник. Иако неговата татковина се стекнала со долго посакуваната слобода во 1945 година, Војдан не можел да се пресели во Македонија и умрел во Софија во 1951 година.

Во 1973 година, синот на Војдан Чернодрински, Стојан ги предал сите ракописи на славниот македонски драматург на Државниот архив на Македонија, каде што кратко по нивното архивирање бил издаден комплет од негови дела, за да посведочат дека и во почетокот на минатиот век сме имале уметници што го практикувале македонскиот народен јазик, од кој произлегоа научните кодификации. И сето тоа како аманет од неговиот татко, неговото творештво да биде пренесено во Македонија.

Драмски текстови на Војдан Чернодрински се: Дрварите (1895), Во меаната (1895), Македонска емиграција (1897), Македонска крвава свадба (1900), Од глаата си патиме (1902), Робот и агата (1902), Зло за зло (1903), Срешта (1903), Мајстори (1903), Духот на слободата (1909), На реката (1921), На Нова година (1921), Цар Пир (1921), Бурите крај Вардар (1925), Цвета војвотката (1929), Слав Драгота (1930).

Приредил за објава со користење „Википедија“ и други извори:

Свето Тоевски

Најнови вести од: Македонија

ЕВН Македонија го започна проектот „PULSE“ за јакнење на улогата на жените во енергетската транзиција

Со овој проект, ЕВН Македонија уште еднаш ја потврдува својата заложба да биде активен чинител на позитивни промени, градејќи енергетски сектор во кој еднаквоста е темел за одржлива иднина

„Цементарница Усје“ не е главната причина за загадувањето во Скопје, тврди менаџментот на фабриката

Цементара Усје не е причина за загадениот воздух во Скопје. Компанијата работи по сите стандарди и ги почитува законите, затоа не гледаме причина за дислокација. Вака техничкиот директор на Цементара „ТИТАН Усје“, Гоце Цветковски одговори на новинарско прашање, прашан за тоа како компанијата гледа на обвинувањата од страна на граѓаните дека се најголем загадувач на воздухот во Скопје но и на барањата за дислокација.

To top