Македонија

Врачена државната награда „Мајка Тереза“ на доц. д-р Ирфан Ахмети и Борче Стаменов

Наградата им се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност

Во Собранието денеска им беше врачена државната награда „Мајка Тереза“ на годинашните добитници доц. д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендоркинологија и Борче Стаменов од Иницијативата „Донирај компјутер“.

Наградата им се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за потикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

Претседателот на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, Бехиџудин Шехапи нагласи дека државната награда е повеќе од признание бидејќи, како што рече, хуманоста не се натпреварува, туку безусловно учествува во изградбата на похуман и поубав свет.

-Во новата ера одбележана со информации, брзина и трансформација во еден модерен дигитален виртуелен и вештачко интелигентен свет, за жал наспроти технолошкиот подем регресира човечката свест. Тоа го докажуваат војните во Палестина и Украина и уште многу студени војни кои требаше да се лекција за пропаст, а не повторување кое докажува дека хуманоста, разбирањето и дијалогот се поразени. Во нашата земја изгоре младоста на Кочани, изгоре душата на тој град, која денеска пробуваме да ја лекуваме со почит, сочувство и подадена рака, поддршка за се што е потребно и ќе биде потребно во годините што доаѓаат, рече тој.

Шехапи потенцира дека со овој свечен чин продолжуваме да ги следиме чекорите на Мајка Тереза на делотворност, благородност и човекољубие кон човештвото и кон Бога.

-Овој јубилеј сакам да го отворам со цитат од Мајка Тереза „Има повеќе глад во светот за љубов и почитување, отколку за леб“. Овие зборови на Мајка Тереза не сплотуваат во чест на човековата доблест, хуманост и солидарност. Со овој свечен чин продолжуваме да ги следиме нејзините чекори на делотворност, благородност и човекољубие од една страна кон човештвото и богољубие, вера и духовна височина во себесплотувањето со Бога од другата страна, изјави Шехапи.

Доц. д-р Ахмети истакна дека за него оваа награда претставува огромна почит и голема обврска да продолжи со неговото хумано делување.

-Како што би рекла Мајка Тереза „не е важно колку правиме, туку како го правиме тоа и колку љубов внесуваме“. Јас лично нема да се задржам во мојот стручен придонес врз општеството, затоа што медицинската дејност сама по себе е хумана професија. „Направи нешто добро и заборави на тоа“ оти во моето досегашно искуство секогаш тоа што е направено и заборавено во одреден момент се појавува човек што сме му завршиле голема работа, со емоции ти се приближува и ти искажува голема благодарност за тоа што си направил за него, а при тоа јас и Борче не сме свесни за тоа затоа што и Мајка Тереза дава препорака „Направи нешто и не мисли да ти се возврати тоа, туку направи го со душа“. Со Борче имаме различни професии, но не спојува хуманоста која претставува еден мост меѓу луѓето, културите и заедниците. Свесни сме дека во денешницата медицината, информатиката, па во иднина вештачката интелигенција ќе се спојуваат, но факт е дека ќе треба доста да работиме на тоа како емоциите да ги спојуваме со тоа што е техничко, рече Ахмети.

Стаменов, кој е добитник и на државната награда „Мето Јовановски“, нагласи дека овие награди за него претставуваат мотивација плус дека на некој начин си на прав пат и тоа што го правиш наидува на позитивен фидбек.

-Целата иницијатива почна на работа. Дојде една женичка да побара половен компјутер, имаме доста клиенти кои што ги оставаат дотраени, им го однесов дома и кога гледаш дека се радуваат на нечие ѓубре буквално, си викаш дека тоа може да биде добра идеја. На почетокот ми беше интересно, а и има доста социјално загрозени семејства низ Македонија што не можат да добијат уред. Си рековме да стигнеме до 100 и доста е. Се случи Ковид и тогаш се виде колку сме неспремни и како држава и како свет за такво нешто. Се виде колку недостасува опрема во цела држава и тука ние пристапивме. За околу шест месеци успеавме да донираме 600 компјутери, изјави Стаменов.

Државната награда „Мајка Тереза“ за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за потикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери првпат била доделена во 2006 година.

Најнови вести од: Македонија

Македонија има огромен ИКТ потенцијал, компаниите да помогнат во дигиталната трансформација на земјата

Владата одлучи да се потпре на приватниот сектор во процесот на дигитализацијата и сега двете страни треба заедно да градат проекти кои ќе значат реализација дома, но и извоз на продуктите. Според претседателот на МАСИТ, ИКТ индустријата учествува со 4,5 отсто во националниот БДП на Македонија што е 1,65 милијарди евра годишен приход. Секторот брои над 3 000 компании со над 25 000 вработени, чија просечна бруто плата надминува 2 500 евра.

За економски напредок е неопходна синергија помеѓу образованието и индустријата

Темата на конференцијата „Recode Reality“ претставува повик да се преобликува улогата на технологијата: не само како алатка, туку како двигател на економски, институционални и општествени промени – како сила што ја моделира иднината.

Сиљановска-Давкова: Во бугарскиот устав нема Македонци, а бараат да внесеме во нашиот устав „дел од бугарскиот народ“?!

Во однос на барањето излезни решенија претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова посочи дека е доволно е да се фрли поглед на уставните гаранции во бугарскиот Устав и да се споредат со уставните гаранции во нашиот Устав, за да се види, како што нагласи, „огромна недоследност“. „Јас би била прва, што ќе бара уставни измени, ако правата на бугарското малцинство кај нас се загрозени. Меѓутоа не јас, туку телото, што го создаде Советот на Европа, а на чии одлуки се повикуваат и ЕК и Европскиот совет, тоа е Венецијанската комисија, јасно кажува дека ние немаме уставни проблеми во поглед на заштитата на правата на малцинствата, бидејќи сме ги вградиле во Уставот највисоките стандарди преку интегрирање на Рамковниот договор во Уставот, а тој е во преамбулата посочен за разлика од нашиот сосед.“ – укажа Сиљановска-Давкова.

To top