Телевизијата натаму наведува: Документот за претворање на коалицијата Вреди во единствена партија предвидува детална организациска структура. Највисок орган ќе биде Конгресот, составен од 500 членови, во кој четирите партии-основачи ќе имаат по 150 делегати секоја, додека косовската партија Движење Ветвендосје (Самоопределување) и Движењето Арберија по 50 делегати. Конгресот ќе има надлежност за избор на Претседателството и Генералниот совет.
Генералниот совет на Вреди ќе се состои од 130 членови, со сразмерна застапеност на конститутивните субјекти, и ќе има надлежност за избор на Централното претседателство, за одобрување на листите за пратеници и за донесување други стратегиски одлуки. Централното претседателство ќе има 33 членови, додека пратениците, министрите, заменик-министрите и градоначалниците ќе бидат негови членови автоматски, но без право на глас.
Посебна новина во овој модел е Претседателството, составено од четворица членови со четиригодишен мандат: претседател, генерален секретар, потпретседател и претседател на Генералниот совет. Одлуките во Претседателството ќе се донесуваат со консензус, а претседателот на Вреди ќе се избира со ротација секоја година. Редоследот на ротација ќе се утврдува со жрепка, додека останатите позиции ќе бидат претходно договорени, со што ќе се обезбеди еднаквост меѓу субјектите.
Претседателот на Вреди ќе има едногодишен мандат и ќе ја претставува организацијата пред трети страни, но и ќе ги организира состаноците на Претседателството и Централното претседателство. Генералниот секретар ќе биде административен директор на партијата, додека потпретседателот ќе го заменува претседателот во сите дефинирани задачи. Претседателот на Генералниот совет ќе ја насочува работата на овој орган во согласност со статутот.
Вреди предвидува основање неколку функционални секретаријати, вклучувајќи Организациски секретаријат, Секретаријат за стратегиски политики и меѓународни односи, Секретаријат за комуникација со јавноста, Секретаријат на оддели како „министерство во сенка“, Секретаријат за носители на јавни функции, Секретаријат за кадровски прашања и Секретаријат за буџет и финансии. Сите ќе функционираат врз принципот на четиричлени комисии и одлучување со консензус.
Во рамките на партиската структура се предвидува и основање Политичка академија на Вреди како политичка школа за обуки, семинари и конференции, но и Форум на жени и Форум на млади. Ќе се формираат локални ограноци и подограноци. Мандатот на овој организациски модел ќе трае четири години. Почетниот предвиден буџет е 100 илјади евра, обезбедени од четирите конститутивни партии со по 25 илјади евра секоја. Централното седиште на партијата ќе биде во Скопје и сите постојни канцеларии ќе бидат ребрендирани со името Вреди.
Според планот, постојните четири партии можат да останат правни субјекти само поради државното финансирање, но по конгресот на ВЛЕН никој нема да дејствува, или да се претставува во име на друга партија. Во политичка и претставничка смисла тие ќе згаснат, а ако постојат правни решенија, се предвидува и нивно формално згаснување. – објави ТВ 21.