Македонија Колумни

За Бугарите Васил Бистришки „талкал околу македонското прашање“, иако јасно се борел против бугаризацијата на Македонија и Македонците! (2)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика, ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

Пишува: Свето Тоевски

Парадоксално е и апсурдно во ист момент: без оглед што македонскиот револуционер и национален деец Васил Ивановски-Бистришки јасно и гласно, недвосмислено и прецизно пишувал и говорел за македонскиот народ и идентитет, за македонскиот јазик, држава и историја, без оглед што се борел за македонската самобитност – Бугарите денес го прикажуваат како „бугарски комунистички активист“!. „Тој е активен учесник во насилната македонизација на Пиринска Македонија, како ‘теоретичар’ на ‘Македонската нација’ и, според бугарската историографија, е познат по своите талкања околу македонското прашање“! – се нагласува на „Википедија“ на бугарски јазик и во редица други историографски бугарски дела и трудови.

На судењето во Софија против членови на ВМРО (Об) во1936 година, Ивановски бил осуден во отсуство на 5 години затвор. Откако пресудата му била намалена на две години, тој доброволно се пријавува на властите и лежи во затвор до1939 година. По нападот на Германија врз Советскиот Сојуз во 1941 година станува илегалец. Во 1942 година бил уапсен од бугарската полиција и пак осуден, овојпат на 15 години. За време на испрашувањето пловдивската полиција страшно го измачува. За да си ги прекине маките, Васил се обидува да се самоубие, фрлајќи се од  прозорецот. Но преживува со две скршени нозе. 

Бистришки како осуденик на бугарската фашистичка власт во занданите на „Идризово“ во 1943 ја напишал својата „Историја на Македонија од антиката до АСНОМ“!

Во февруари-март 1943 година со група од 400 политички затвореници, Македонци и Бугари, од затворите низ тогашна Бугарија, префрлен е во скопскиот затвор „Идризово“. Средбата со политичките затвореници од Македонија за Васил е нова можност најнепосредно да се запознае со вистинската борба за национално осамостојување на Македонија. Како искусен интелектуалец и револуционер пред затворениците држи курсеви за македонската историја: со диктирање во затворските зандани Бистришки ја пишува и својата историја на Македонија од антиката до АСНОМ. Тоа дело се разнесувало и во други затвори, но и до раководството на НОВ.

Васил го создава во скопскиот затвор и делото „Македонското прашање во минатото и денес“, кое останува необјавено до 1995 година. Во него тој ги претставува државната традиција на територијата на Македонија, етничкото и националното конституирање на македонскиот народ, формирањето на македонската држава во услови на поделба на тариторијата и постигнување согласие на македонскиот народ со другите национални малцинства во новата држава.  Во „Македонското прашање во минатото и денес“ Ивановски пишува дека до 11 век на територијата на Македонија постојат три македонски државни творби: 1. Државата на древните Македонци, 2. Сојузот на македонските склавинии и 3. Самоиловата држава. Корените на македонската државност тој ги бара во Античка Македонија и таа за него претставува предисторија за македонската нација. Според Ивановски македонската преродба се преплетува со бугарската, но по својата содржина останала чисто македонска.

Васил Ивановски до бугарската опозиција во 1945: „Оставете го македонскиот народ сам да си ги решава своите проблеми и судбина, никој нема право да се меша во неговите внатрешни работи!“

Во средината на 1944 година Ивановски стапил во редовите на Македонската војска. Веднаш почнал да работи во пропагандното одделение на Главниот штаб на Македонија. Потоа како делегат учествува во работата на Првото заседание на АСНОМ. Во април 1945 година Васил бил поставен како заменик-министер за социјални грижи. Но, во ноември 1945 година заминува во Бугарија, поради несогласување со политиката на владата на Лазар Колишевски. По доаѓањето во Бугарија Ивановски меѓу македонската емиграција ја афирмира македонската национална држава. Патува во Пиринска Македонија, агитира и развива активна публицистичка дејност, во која се популаризираат АСНОМ и новата македонска држава.

Во брошурата „Актуелните прашања на Македонија“ тој ја повикува бугарската опозиција да го „остават македонскиот народ сам да си ги решава своите проблеми и судбина, бидејќи никој нема право да се меша во неговите внатрешни работи“. Резолуцијата на Инфорбирото од 29 јуни 1948 година и промената на политичкиот курс на Бугарија ќе го доведат Ивановски во отежната позиција, поради неговите залагања за обединување на Македонија. Тој станува и за двете страни предавник. Обидот на Васил Ивановски и Спиро Василев да го издадат дневникот на македонскиот револуционер Васил Чакаларов ќе биде спречен од бугарските власти, кои го запленуваат дневникот. Подоцна тој ќе биде доказ за престојната тужба против Ивановски. Во судскиот процес на Трајчо Костов во 1949 година бил осуден на 12 години строг затвор како „Титов шпион“. Издржал седумгодишна казна затвор. Во 1956 бил амнестиран. Сѐ до смртта во 1991 година води изолиран живот.

(продолжува)

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Васил Ивановски-Бистришки им одржа на Бугарите и Грците „лекција“ за постоењето на Македонците десет години пред „Тито да ги измисли“! (1)

„Бугарскиот, српскиот и грчкиот империјализам го одрекуваат постоењето на македонската нација. За да покажеме дека немаат никакво право над Македонија и да ја попречиме нивната асимилаторска политика,  ние, Македонците треба високо да изјавиме дека не сме Срби, Грци, ниту Бугари, туку одделна македонска нација со свој јазик, национален карактер и историја.“ – истакнал Васил Ивановски-Бистришки (18.10.1906-1991) во неговата бележита статија „Зошто сме, ние Македонците, одделна нација?“, објавена во 1934 година. Оваа статија е едно од најтемелните докажувања на македонската национална посебност и идентитет, напишана од Македонец на почетокот на 20 век. Сто и дваесеттата година од раѓањето на овој значаен деец за етноидентитетската, јазична и историска засебност на македонскиот народ е пригода за должно навраќање кон неговото дело.

To top