Македонија

За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ видеото со децата на Трендафилов не е напад врз семејство

За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ објавеното видео не е напад, туку „огледало во кое Трендафилов не може да се погледне“, а „нападот“ врз Стојаноска бил само доказ за немоќта на еден функционер кој го изгубил компасот и кој кога нема аргументи, се служи со навреди и етикетирања.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ застана зад пратеничката Дафина Стојаноска која што на нејзиниот официјален фејсбук профил објави видео со претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и неговите малолетни деца. Пратениците од владејачката партија сметаат дека видеото во кое се прикажуваат малолетните деца на првиот синдикалец, за што тој побара интервенција од полицијата и од надлежните институции, не било  напад врз семејство, туку „очајнички крик на еден ‘синдикалец’ кој мисли дека со солзи и етикетирања ќе го избрише фактот дека ги троши парите на работниците за личен луксуз“.

Реакцијата од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по прес конференцијата на Трендафилов на која тој ја обвини пратеничката Стојаноска дека со објавување на видео снимено без негово знаење, власта настојува преку злоупотреба на неговите деца да врши притисок врз неговата синдикална борба за зголемување на минималната плата и за платите на работниците, како и дека тоа е доказ дека тој и неговото семејство се следени од службите.

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ станува збор за „очајни обиди за дефокусирање од вистината“.

  • „Правосудните органи веќе имаат чист случај пред себе во кој Трендафилов веќе требаше да дава исказ пред надлежните органи и да сноси одговорност за злоупотреба на службено возило за приватни цели. Додека лицемерно ги повикуваше пратениците да одат пешки, тој истиот ден се појави на протест со службено возило, а јавноста веќе виде како тоа исто возило се користи за семејни потреби како да е негова приватна сопственост“, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што повикуваат ЈО да отвори постапка и да истражи како се користело службеното возило во ССМ од денот на неговото назначување до денес.

За спорната снимка велат дека била преземена од социјалните мрежи и е веќе јавно достапна.

  • „Најверојатно е снимена од револтиран работник или член на ССМ, на кој му е преку глава од вакви ‘заштитници’ на работничките права“, се вели во реакцијата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што додаваат дека главната мисија на Трендафилов не била платата на работникот, туку зачувување на сопствената фотелја и привилегиите кои очигледно не сака да ги пушти.

За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ објавеното видео не е напад, туку „огледало во кое Трендафилов не може да се погледне“, а „нападот“ врз Стојаноска бил само доказ за немоќта на еден функционер кој го изгубил компасот и кој кога нема аргументи, се служи со навреди и етикетирања.

Со соопштение реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Во партиската реакција се вели дека „фијаското на протестите на ССМ и Трендафилов пред Собранието, како и обелоденување на партиската позадина која стои зад протестите, се причина за огромната нервоза на Слободан Трендафилов, кој сака да се претстави како жртва на политички прогон“.

  • „Доколку Трендафилов смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции“, порачуваат до ВМРО-ДПМНЕ.

Најнови вести од: Македонија

Весникот „Илинден“, гласникот на Македонците во Албанија – петнаесет години ѕвезда Деница за македонскиот збор

„Петнаесет години истрајност и посветеност – весникот „Илинден“ е жив хроничар на македонската заедница во Албанија, чувар на јазикот и културата и мост што ги поврзува генерациите и дијаспората низ светот. На 1 март 2011 година Македонското друштво ‘Илинден’ – Тирана го издаде првиот број на својот весник ‘Илинден’. Тој прв број, објавен како двоен (март/април), беше симболичен почеток на една медиумска приказна, која денес, петнаесет години подоцна, има 71 издание. Во текот на овие години, весникот не само што обезбеди континуитет и посветеност туку и изгради мостови меѓу заедниците – од Македонците во Албанија, преку читателите во татковината Македонија, па сè до дијаспората низ светот. Секое издание претставува сведоштво за една борба за видливост, за зачувување на јазикот и културата и за афирмација на македонскиот идентитет во услови на постојани предизвици.“ – пишува во статијата, која ја објави денес дневниот весник „Нова Македонија“.

Потпишан договор за изградба на паркинзи во Клиничкиот комплекс – Во првата фаза до втората половина на 2027 најмалку 500 паркинг-места

Министерството за здравство (МЗ) и Град Скопје го потпишаа Договорот за изградба на паркинзи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со 10 отсто закупнина од вкупно остварениот промет. Во првата фаза е предвидена изградба на два современи монтажни паркинга, со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат ставени во функција до втората половина на наредната година. Паркинзите ќе бидат, пред се, наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клинички. Како што најавија министерот за здравство Азир Алиу и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски пред потпишувањето на Договорот, ако има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг. Ако се утврди дека капацитетите овозможуваат да се паркираат и приватни лица, ќе се овозможи и тоа.

To top