– Не знам по колку пати треба да кажам и не знам по колку пати треба да повторам кој е ставот на Владата, но еве ако инсистирате и ако го поставувате тоа прашање ќе се обидам на поинаков начин да ви одговорам овој пат споредено со сите оние одговори коишто се случувале во минатото. Уставни измени нема да има додека сум јас претседател на Владата, ако не бидат исполнети минимум два услова. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права согласно меѓународното право и меѓународните конвенции и резолуции за човекови права. Не барам Устав да се менува, ова. И второ додека не добиеме гаранции за нашиот идентитет македонски за којшто од вас очекувам поддршка како мој сограѓанин, мојот македонски јазик, дека повеќе нема да има билатерални вета и дека нема никој повеќе оваа држава којашто многу пати покажала и докажала дека сака да биде дел од европското семејство понела жртва како ниту една држава и овој народ, овие граѓани како ниту едни граѓани од Европа поднеле жртва, дека нема повторно да има нови омаловажувања, нови понижувања и нови опструкции од било кој од субјективни причини. Ако ние не сме добри да речеме во кластерот на владеење на правото, па нешто не сме испорачале итн. тоа е друга причина. Не сме вратиле некој бегалец од правда или па некој политички заштитен лик којшто порано правел криминал не сме го ставиле во затвор, па за тоа да добиеме критика и блокада, во ред, за тоа нема никаков проблем или пак не сме квалитетни во нешто друго. Но, дека нема повеќе да има билатерални прашања којшто ќе го ограничуваат нашиот напредок кон Европа – потенцираше Мицкоски.
Тој уште еднаш повтори дека додека е премиер нема да се случат уставните измени без да се исполнат двата услова и ги повика и пратениците кои во иднина би дошле да не се согласуваат со ставот на пратеникот кој го постави прашањето за уставни измени без гаранции. – Додека сум јас премиер. Кога нема јас да бидам премиер, можеби вие сѐ уште ќе бидете пратеник, ќе има некој друг, ќе го прашате и ќе ви даде одговор. За уставни измени има 80, односно 79 ваши колеги да се сложат. Јас силно ги советувам останатите 119 во оваа сала да не го поддржат вашиот став за уставни измени без да можеме да ги добиеме минимум овие две гаранции – истакна Мицкоски.
Тој исто така истакна дека на Македонците во Бугарија им се одземени сите права, а сега бараат само здружение кое би се борело за правата на македонската заедница во Бугарија. – Ќе повторам, сѐ додека македонската заедница во Бугарија, мислам дека треба да го поддржите тој став, треба да го поддржите ставот за Македонците од Разлог, од Горна Џумаја, од Сандански, од Пирин треба да го поддржите затоа што во пописот во 56-тата година тие биле 200.000 и биле мнозинство во Пиринскиот крај на Македонија. Биле две третини од вкупното население, а магично на пописот во 65-тата година бројката станува 9.000. Од 200.000 на 9.000 и тоа еден поранешен бугарски претседател го кажува како инженеринг на којшто е посебно горд. Им се одземаат правата на своја културна автономија, да општат на својот мајчин македонски јазик, да говорат на својот мајчин македонски јазик, да танцуваат на своите македонски песни, да ги почитуваат своите македонски обичаи. Е тие бараат сега само да имаат можност ОМО Илинден Пирин да биде организација која што ќе ги застапува правата на македонската заедница во Бугарија. Многу ли е тоа? – праша Мицкоски.