Македонија

Заев со поддршка за Даскаловски во Струмица

Од Дубаи на коктел дружење

Поранешниот премиер Зоран Заев, кој последниве години дели време меѓу Струмица и Дубаи, повторно се појави на политичката сцена, но на локално ниво, во родниот град, со надеж дека ќе го „спаси“ кандидатот на СДСМ за градоначалник, Марјан Даскаловски.

Но, присуството на Заев во малата и полупразна сала, само дополнително ги покажа поделбите и незадоволството кои владеат во локалниот огранок на партијата. Настанот кој официјално беше претставен како „коктел-дружење“, ги исфрли на површина старите ликови и истите истрошени говори и реторика.

Меѓу присутните беа Цветанка Иванова, Јована Тренчевска, Кирил Парталов, Зоран Китанов, Стојан Динев, како и повеќе поранешни директори, советници и пратеници, но немаше млади и нови лица. Партијата како да ја губи врската со гласачите, особено со новите генерации.

Зад насмевките и ракувањата, извори од локалниот огранок предупредуваат на сериозно внатрешно незадоволство. Актуелниот градоначалник Костадин Костадинов, кој очекуваше нова кандидатура, е разочаран што раководството на партијата го прескокна во последен момент и наместо него се одлучи за Марјан Даскаловски.

Тензиите станаа јавни по објавата на Костадинов на социјалните мрежи, со која директно му реплицираше на Даскаловски по неговото појавување на телевизиска дебата.

„Но, чувствувам должност да се обратам не како противкандидат, туку како човек што сака да го сочува достоинството на СДСМ и да спречам чувство на срам кај секој струмичанец и струмичанка што ја следеше оваа дебата… Кандидатот тврдеше дека тој ме ‘створил’. Не, почитувани. Мене ме создадоа моите родители… Апелирам на достоинство, мир и вистина.Секој се создава преку делата, а не преку функцијата” напиша Костадинов на социјалните мрежи.

Струмичките социјалдемократи признаваат дека кампањата повеќе личи на борба меѓу фракции отколку на заеднички настап со поделби, тивки бојкоти и лутење во редовите на некогаш најсилната организација на СДСМ во државата.

Фракциите на Костадинов и локалните медиуми во кои има влијание дури и јавно почнаа да му даваат поддршка на противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков. Со ова поделбите во СДСМ – Струмица, која некогаш беше пример на партиска дисциплина, уште повеќе се продлабочуваат и делуваат како фактор на обединување за гласање против Заев и неговиот канидат Даскаловски.

Дел од причините за ваквата фрустрација лежат во нереализираните ветувања на партијата. Иако СДСМ со години најавува „Европска Струмица“ со булевари, паркови, спортски центри и индустриски зони, голем дел од проектите никогаш не беа реализирани.

Не се реализирани ниту проектите за вештачка карпа, адреналински парк и куглана, ниту ревитализацијата на спортските објекти и игралишта. Во програмата беа предвидени и нов плоштад „Благој Јанков Мучето“ со мала фонтана, нови зелени површини и формирање јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти. Од најавените инвестиции во индустриските зони, повеќето се уште немаат инфраструктура, а проектите за канализациони системи и патишта низ селата останаа само на хартија.

Нереализирани останаа и ветувањата од периодот кога Заев ја водеше Струмица од 2005 до 2016 година. Јасно е дека долгогодишните неуспеси создадоа клима на разочарување и недоверба меѓу гласачите.

Марјан Даскаловски, „новото лице“, а всушност е човек со децении политичко минато: поранешен пратеник, претседател на општинскиот совет, долгогодишен дел од партиските структури, а сега се промовира како свежа надеж.

Појавувањето на Заев, наместо да помогне, повеќе ја поттикнува поделбата, апатијата и недовербата. Струмица се претвора во град заробен во нереализирани ветувања и внатрешни фракциски конфликти, а од локалниот огранок на партијата остана само сенка од некогаш силниот пример за партиска дисциплина и обединетост.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија

„Политико“: Брисел му нуди на Скопје „добредодојдовте во чекалницата!“, но Муцунски бара „многу понапредна позиција отколку сега“!

„Од Брисел: ‘Добредојдовте во чекалната’! Тоа ги вклучува Косово и С.Македонија, обете на распоредот на фон дер Лајен, заедно со фаворитите Албанија и Црна Гора. По ова предизвикот за Урсула Лаен е да ги убеди дека Брисел не создава кандидати за ЕУ втор ред.“ – објави денес европскиот аналитички магазин „Политико“. Од друга страна, информативната агенција „Нетпрес“ јавува дека ЕУ нуди ограничен пристап до заедничкиот пазар на земјите-кандидатки, ако се против Русија и Кина.

Бендевска: СДСМ не беа и на денешната средба за Изборниот законик, немаат демократски капацитет и ги сопираат реформите!

Претставничката на ЗНАМ во работната група за реформи во изборното законодавство Весна Бендевска денеска во име на Движењето ЗНАМ искажа длабоко разочарување, поради повторното недоаѓање на СДСМ на оваа средба, нагласувајќи дека токму нивното отсуство говори за немање демократски капацитет.

Директорот на Историскиот музеј во Крушево Миха Оџаклиески поднесе оставка по реакциите за „Секси мама“ во „Македониумот“,

Оџаклиески ја опиша својата одлука како личен, морален и етички чин, со кој, како што наведува, презема одговорност кон институцијата и јавноста. Оставката доаѓа по реакциите за снимањето на спотот на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на „Македониумот“, кој е заштитено културно наследство.

Проверете си ги радијаторите!

Од Регулаторната комисија упатија апел до сите заедници на станари навреме да ги проверат внатрешните инсталации во објектите и да ги подмират евентуалните заостанати сметки за електрична енергија за топлинските потстаници, со цел старт на грејната сезона без неочекувани прекини и проблеми

Најнови вести

To top