Македонија

ЗНМ: Да се обезбеди почитување и непречена работа на медиумските работници на гласачките места

ЗНМ апелира до ДИК, општинските изборни комисии и МВР да обезбедуваат непречен пристап и услови за работа за новинарите и медиумските работници на сите избирачки места. Оттаму укажуваат дека за новинарите и медиумските работници во Македонија, освен новинарска легитимација од медиумот за кој новинарите известуваат, не е потребна посебна акредитација од ДИК за присуство и известување на избирачките места.

Здружението на новинарите на Македонија апелира до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, и Министерството за внатрешни работи да продолжат да обезбедуваат непречен пристап и услови за работа за новинарите и медиумските работници на сите избирачки места. Професионалното, навремено и точно информирање на јавноста за текот на изборниот процес е од суштинско значење за довербата во изборите.

До ЗНМ утрово беа пријавени неколку случаи на попречување на работата на новинарските екипи:

  • Скопје: Општина Карпош, (ИМ 2626) на новинарката Елида Зулбеари обид за одземање на мобилниот телефон и непристоен однос од страна на заменик претседателот на комисијата, по што имало интервенција од МВР, за што ќе побараме од ДИК да преземе санкции за службеникот.
  • Охрид (ИМ 1270): На екипа од јавниот сервис ѝ беше оневозможен пристап во раните утрински часови со образложение дека, покрај новинарската легитимација, треба да поседува и „акредитација од ДИК“. По реакција на колегите и интервенција на лице место, пристапот беше овозможен и работата продолжи.
  • Тетово: Новинар беше попречен да земе изјава од страна на членови на избирачкиот одбор, со упатување на „недостиг на акредитација“.

ЗНМ апелира до ДИК и МВР итно да ги известат сите избирачки одбори и службени лица дека не е потребна акредитација од ДИК за новинарите, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот. Ќе продолжиме да ги следиме случаите, да реагираме институционално и да информираме за исходите.

Укажуваме дека за новинарите и медиумските работници во Македонија, освен новинарска легитимација од медиумот за кој новинарите известуваат, не е потребна посебна акредитација од ДИК за присуство и известување на избирачките места. Затоа, избирачките одбори, полициски службеници, набљудувачи и / или други чинители немаат основ да ја условуваат нивната работа со дополнителни дозволи. Истовремено, ЗНМ повикува на почитување на изборниот ред: новинарите имаат право да снимаат општ амбиент и изјави, без нарушување на тајноста на гласањето и без оневозможување на текот на постапката.

Ги повикуваме избирачките одбори од сите изборни места:

  • да овозможат непречен влез на новинарските екипи со видлива новинарска легитимација;
  • да дозволат снимање и изјави во просторот каде што тоа не се загрозува тајноста на гласањето;
  • при недоразбирања, прво да побараат насоки од ОИК/ДИК, наместо да го ограничат пристапот.

Ги охрабруваме и новинарите, фоторепортерите и снимателите:

  • секогаш да ја носат новинарската легитимација и да се претстават доколку тоа е побарано;
  • да ги почитуваат насоките на одборот, кога истите се однесуваат на тајноста на гласањето;
  • при какво било попречување, веднаш да го евидентираат случајот (време, место, избирачко место, лица) и да се обратат до ЗНМ.

За правна и практична помош, новинарите, снимателите и фоторепортерите можат да се обратат до регионалните координатори на ЗНМ во Штип, Струмица, Битола, Охрид, Тетово и Куманово, како и до контактите на ЗНМ во Скопје.
ЗНМ останува на располагање за секоја поддршка која ќе овозможи професионално, безбедно и непречено известување од гласачките места.

Најнови вести од: Македонија

Онлајн купувачи се жалат на проблеми при пазарењето, најчесто за бавна испорака

Бавната испорака е најчестиот проблем на е-купувачите. Повеќе од една третина (35,4%) од онлајн купувачите во ЕУ пријавиле проблеми при купување преку веб-страница или апликација, покажува истражувањето на Евростат од 2025 година за користење на информатичко-комуникациски технологии. Во Македонија, проблем при е-шопинг имале 29,41 отсто од купувачите.

Над 400 милиони денари само лани вложени во инфраструктура во Битола

Во тек се 10-ина нови проекти (реконструкција на улици и патишта, изградба на нови, комунална инфраструктура, спортски игралишта). Коњановски најави дека со почнувањето на градежната сезона ќе има многу работа во оваа календарска година, во која благодарение и на соработката со Владата веќе се склучени договори.

To top