
Научниците од Институтот „Руѓер Бошковиќ“ откриле дека длабоките води на Јадранското Море се затоплуваат и стануваат посолени многу побрзо отколку што предвидуваа климатските модели. Анализата на податоците собрани во Јужниот јадрански басен, најдлабокиот дел од Јадранското Море, покажала дека температурата на длабочина од илјада метри се зголемила за 0,8 °C во последната деценија, а соленоста за 0,2 единици. Ова се најбрзите регистрирани промени во длабоките медитерански води.
Кога ладна и густа вода се формира во плиткото северно Јадранско Море во текот на зимата, таа тоне на дното и влегува во длабокиот Медитеран преку Отранскиот Проток. Така, со векови Јадранското Море управувало со систем на струи што обезбедува стабилност и проток на кислород во длабочините на Медитеранот.
Овој природен систем сега се менува. Традиционално студената вода што се формира покрај хрватскиот брег станува потопла и посолена пред да го започне своето патување кон југ. Наместо да ги лади длабоките медитерански води, Јадранското Море сега испраќа потопли води, што дополнително го загреваат целиот систем.
Главната причина за овие промени лежи во комбинацијата од глобално затоплување и промени во врнежите и моделите на прилив на реките. Зголемените температури на воздухот значат дека на површината на морето се формира помалку студена вода, додека промените во врнежите и приливот на реките резултираат со посолена вода во северниот дел на Јадранското Море.
Додека стапките на затоплување на длабоките води претходно беа околу 0,2 °C на век, помеѓу 2012 и 2024 година тие се зголемија на 0,8 °C на деценија. Резултатите од студијата укажуваат дека Јадранското Море веќе доживува промени што климатските модели предвидуваат дека ќе се случат дури до крајот на векот.
Влијание врз екосистемот
Последиците се чувствуваат во екосистемот: видовите приспособени на длабоки студени води се раселуваат од нивното природно живеалиште, додека потоплото море привлекува тропски видови од источниот Медитеран. Покрај локалните влијанија, нарушувањата во Јадранското Море можат да влијаат и врз нивото на морето и климатските модели низ цела Европа.
- Природата нè предупредува дека се случува нешто значајно. Наша задача е да ги разбереме овие процеси и да го подготвиме општеството за промените што доаѓаат – заклучува д-р Вилибиќ.
Промените во густината на длабоките води влијаат врз зголемувањето на нивото на морето. Научниците проценуваат дека сегашните трендови би можеле да доведат до дополнителни 3,3 милиметри годишно зголемување на нивото на морето.
Извор: bug.hr
Фото: Freepik